Македонски паничар

Македонски паничар (англиски: Macedonian pania) ― автохтона раса на куче која во Македонија се одгледувала во продолжение од младото камено време до денес. Има јака конституција, интелегентен е и со жив карактер, многу е подвижен и со изострени сетила. Има мирољубив карактер, пријателски е настроен и дружељубив со членовите на семејството особено со децата и со добронамерници кои самиот ги препознава, а во исто време е жесток чувар на имотот на кој живее. Заради својот сангвиничен темперамент поттикнува оптимизам кај луѓето, давајќи им надеж во услови на психичка депресија. Македонскиот паничар е идеално куче придружник кој својот стопан не го напушта и во најнепријатни теренски и временски услови. Лесно се приспособува на животните услови, брзо стекнува навики и без тешкотии ги учи основните наредби. Плени со својата природна убавина со која го украсува домашниот амбиент. Тој е типично домашно куче кое ја обележува територијата на семејната атмосфера, па затоа е наречен чувар на семејната среќа.

Македонски паничар
Единка мажјак во 2023 година, Скопје
Прекари Паничар, панија, паниче, аберџија
Потекло Македонија Македонија
Особености
куче (Canis lupus familiaris)

Етимологија

уреди

Меѓу Македонците овие автохтони кучиња со мал раст се познати како паничиња или пании (множина) паниче или панија (еднина). Според истражувањата на браќата Костовски таквото именување има две можни објаснувања. Прво, тоа би можело да е според името на античко-македонскиот бог Пан, бог со антропо-зооморфен облик од претхристијанската религија на Македонците, половина човек, половина јарец, кој предизвикувал дејство познато како „паника“. Според македонските народни верувања од античкиот период овој бог во облик на јарец одел пред македонската војска и ги предупредувал во случај на опасност и скриени заседи. Заради паничното, предупредувачко лаење на овие кучиња со мал раст од Македонија, кога на имотот ќе дојде натрапник можеби и го добиле името паничиња и пании. Второто можно објаснување за ваквото именување на овие кучиња со мал раст, според браќата Костовски, е од деминутивниот облик на архаичниот збор за чинија, кој и денес се користи во одредени региони на Македонија, зборот „паница“. Деминутивниот облик на „паница“ е „пањче“ што би можело да биде објаснување за името на расата со мал раст како асоцијација на нешто мало како „пањче“ (чинивче, тањирче) или заради тоа што се со мал раст биле хранети во „пањчиња“ во мали тањирчиња, чинии. Заради попрецизно одредување на родовите во македонскиот јазик, браќата Костовски расата ја именувале како „македонски паничар“ од што можат да се изведат трите рода: паничар (м.р.), паничарка (ж.р.) и паничарче (с.р.).[1]

Историја

уреди

Потекло и ликовни артефакти како докази за негово постоење во Македонија

уреди

Македонскиот паничар е најстарата раса на куче во Европа. Доказ за тоа се остеолошките наоди пронајдени во младокамените населби од Македонија во кои се откриени коскени остатоци на кучиња со мал раст. Со сигурност не може да се утврди дали во тие први неолитски населби на македонската земја е доведен од други региони или е домицилно припитомен. При археолошките ископувања на младокамената населба од Зелениково крај Скопје пронајдена е зооморфна теракота на скулптура на куче, но и уште една скулптура од неидентификувано наоѓалиште од Македонија која претставува куче со мал раст.[2][3] Заради својата отпорност на болести, скромна исхрана, употребна вредност како чувар на имотот и придружник, се одгледувал во Македонија во континуитет од седмиот милениум од старата ера до денес. Повеќе артефакти од античкиот период сведочат за тоа дека расата македонски паничар била омилена раса и на македонските кралски семејства. На македонска античка монета на која е претставен македонскиот крал Александар I (498 - 454 год. пр.н.е.) како коњаник, а до нозете на коњот има претставено куче од расата македонски паничар.[4] На македонска античка монета од Менде, Егејска Македонија датирана 460 - 423 год. пр.н.е. е претставен Дионис како лежи на магаре, а до нозете на магарето има куче од расата македонски паничар.[5] На надгробен споменик од македонската престолнина Пела, датиран IV век пр.н.е. претставен е покојникот кон кого потскокнува куче од расата македонски паничар.[6] На бронзена плочка пронајдена во Претор, Македонија, претставена е божица на војната до која седат две кучиња од расата македонски паничар.[7] Плочката е датирана IV век пр.н.е. На камена плоча датирана 150 - 200 год. н.е. пронајдена во Егејска Македонија претставен е гладијаторот Луперк, а до левата нога му потскокнува куче од расата македонски паничар. На надгробен споменик од Скупи (Скопје) датиран I - V век н.е. претставено е семејство, а со нив и нивното куче од расата македонски паничар.[8] Оваа стара македонска раса на куче се појавува и на иконостасот од црквата „Свети Спас“ во Скопје, изработен 1824 година.[9] Многу фотографии од Македонија снимени во XX век исто така сведочат за тоа дека оваа раса била најприсутна кај Македонците.[10]

21 век

уреди
 
Mеѓународна изложба во 2020 година, во која расата била првпат изложена.

Расата македонски паничар е кинолошки проект на браќата Влатко Костовски и Марјан Костовски кои од 2015 до 2019 година, на територија на Македонија измериле 213 автохтони кучиња со мал раст кои според морфолошките одлики повеќе или помалку припаѓаат на расата македонски паничар. Од вкупниот број измерени кучиња, 137 биле мажјаци, а 76 женки, сите постари од 18 месеци.[11] Врз основа на тие мерења, браќата Костовски го напишале Предлог-стандардот за Македонски паничар кој го објавиле во книгата „Македонски паничар“ во 2019 година.[12] Со цел расата организирано да биде одгледувана и да биде претставувана на кинолошки изложби, на 31 март 2020 година, браќата Костовски го регистрирале Кинолошкиот клуб „Македонски паничар“ кој на Генералното собрание на Кинолошкиот сојуз на Република Македонија, оддржано на 11 март 2021 година во Прилеп, клубот станал членка на сојузот. Расата за прв пат била промовирана и оценувана од кинолошкиот судија Габриел Стибел на 22 февруари 2020 година на Меѓународна изложба за сите раси на кучиња (CACIB) во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје во организација на Кинолошкиот сојуз на Република Македонија.

Физички одлики

уреди

Телото е со правоаголен облик. Должината и кај мажјаците и кај женките е околу 50 проценти поголема од висината на гребенот. Длабочината на градите кај мажјаците и кај женките е 55 проценти од висината на гребенот. Горната линија на трупот е хоризонтална и завршува со благо искосени сапи. Долната линија на трупот постепено се издига од градниот кош кон стомакот.[13] Черепот е средно широк, од месоцефален тип. Стопот е изразен но без нагли премини. Односот на муцката и черепот и кај мажјаците и кај женките е околу 1 – 1,6. Забалото е целосно и ножичасто. Очите се правилно всадени во очната шуплина, ниту длабоко всадени ниту испакнати. Имаат облик на бадем, а медијалните агли се незначително пониско поставени од латералните. Бојата им е од светло пченична до темно костенлива. Погледот е бистар, пробивен, интелегентен. Очните капаци се прилепени, а очните рабови се црно или кафено пигментирани. Ушите се поставени средно високо, разделени кон надвор, подигнати се и превиткани. Во зависност од расположението и психичката состојба (страв, агресија, среќа и др.), постои промена на носењето на ушите на тој начин што ушната школка се превиткува и ушите се спуштаат покрај главата. Имаат форма на латиничната буква В (V). Според големината, се средно долги.[14] Опашката е поставена во продолжение на горната линија на сапите. Во движење ја носи над грбната линија и има облик на срп. Испружена допира со скочните зглобови. Четкасто е обрасната со густи влакна на долниот дел. Екстремитетите се кратки и имаат правилен став. Шепите се средно големи, имаат лажичеста форма.[15] Прстите се збиени. Дозволени се сите бои на крзното, освен тиграва и сива. Најпожелна боја е шарена во која доминира белата со шари од топли бои (портокалова, црвена, кафена или окер) на ушите, грбот и коренот од опашот. Должината на влакната на гребенот е околу 5 см. Влакната се прави со кратко подвлакно.[16] Мажјаците се високи од 26 до 33 см, а женките од 24 до 31 см.[13] Просечна тежина на телото кај мажјаците е 12 кг., а кај женките 10 кг.[17] Полниот биморфизам не е изразен. Дисквалификациони мани се: округли очи, опуштени очни капаци, фанон, опуштена кожа, прав опаш, флегматичен темперамент, лимфатична конституција, предгриз и подгриз, како и сите видливи отстапувања од Стандардот.[18] Според класификацијата на Меѓународниот кинолошки сојуз (FCI), македонскиот паничар би припаѓал на 9 група, кучиња за придружба и забава; Секција 10.[19]

Паничарот како тема во уметноста

уреди

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 17. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  2. Наумов, Гоце; Фиданоски, Љубо; Толевски, Игор; Ивковска, Анета (2009). Неолитските заедници во Република Македонија. Скопје: Данте. стр. табела 84. ISBN 9786086506605. |access-date= бара |url= (help)
  3. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 52. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  4. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 59. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  5. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 60. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  6. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 61. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  7. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 63. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  8. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 62. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  9. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 65. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  10. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 73–94. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  11. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 100. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  12. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 123-127. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  13. 13,0 13,1 Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 110. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  14. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 103–109. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  15. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 114–115. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  16. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 115–116. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  17. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 117–119. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  18. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 119. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  19. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 120–122. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  20. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 66. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)
  21. Костовски, Марјан; Костовски, Влатко (2019). Македонски паничар. Скопје. стр. 67–72. ISBN 9786086588403. |access-date= бара |url= (help)

Дополнителна книжевност

уреди
  • Списание Moj pas, статија Makedoniski paničar, Борис Шпољариќ, 2019
  • Zbornik predavanja trećeg simpoziuma - Zaštita biodiverziteta i očuvanje autohtonih rasa domaćih životinja, организиран од Факултетот за ветеринарна медиција, Универзитет во Белград, 25-27 јуни 2021 во Димитровград

Надворешни врски

уреди