Македонска резба
Во богатото уметничко наследство на Македонија, покрај иконопиството и монументалното ѕидно сликарство, резбата зазема посебно место како значајна уметничка гранка со вековна традиција. За жал, поради трошноста и лесната запаливост на дрвото, предметите од овој материјал биле низ вековите повеќе подложени на пропаѓање и уништување, така што немаме зачувани поголем број постари средновековни творби во резба. Но, тие кои опстанале до нашите дни сведочат за нејзиното достојно уметничко ниво.
Најстари зачувани творби во резба кај нас потекнуваат од XIV век. Како и другите средновековни ликовни уметности, така и резбата во Македонија се развила под византиски влијанија. Средновековната резба имала сличност со декоративната пластика во камен од тоа време и се развила паралелно со неа. Орнаментите, мешавина на геометриски, зооморфни и флорални мотиви се аналогни со тие од барелјефите во мермер од тоа време. Од XIV век наваму, релјефната скулптура во камен опаѓа и неа ја заменува резбата во дрво.
Ранохристијанските камени олтарски прегради подоцна ги заменуваат во средновековните цркви иконостаси од дрво. Најстар иконостас од дрво во Македонија се наоѓа во црквата Мали Свети Врачи во Охрид, од кој се зачувани првобитните пет тордирани столбови. Рудименталната обработка на стеблото за овие столбови, асиментричноста на нивната декорација, орнаменталните мотиви - укажуваат на ранодатирање на овој иконостас (XIV век).
Средишниот преод од иконостасите кон олтарот бил првобитно покриен со завеси "Катапетазма," а потоа се затвора со царски двери, кои од XIV век наваму стануваат составен дел на иконостасот. На царските двери редовно се наоѓа композицијата на благовестение, кое порано било изведено во резба, а подоцна сликано.
Резбарските тајфи во Македонија
уредиПолитичка состојба
уредиПреродбата во Македонија се појавила како можност на економскиот подем на населението на Балканот од крајот на XVIII, а особено во првите децении на XIX век. Османлиското Царство која сè уште владее на територијата на Македонија, значително ослабнува поради што таа дотогаш се хранела со походи кои постепено се намалувале и исчезнувале, се јавуваат внатрешни разнишувања во составот, односно одметнување и непослушност во нејзиниот состав. Во тој период се јавуваат знајни повелби кои му носат одредени права на македонското население. На пр. Ѓулханскиот хатишериф, Хатихумајунот итн. Тоа означува почеток на преродбенскиот период на почвата на Македонија, со што полека се создава поволна клима за развој на повеќе гранки. Христијанското население после подолг период добива можност за изградбаа на сакрални објекти, но сè уште со одредени рестрикции, особено во градските средини. Отпочнал процес на подигање на нови цркви, со големи димензии кои имале потреба од внатрешна декорација со фрески, икони, високи иконостаси, владички престоли, амвони, певници, столови и друг црковен мебел во резба. Се јавила потреба од повеќе зографи, иконописци и резбари кои ќе ја вршат таа работа. Се барало ангажман на големи мајсторски тајфи кои ќе работат во соборни цркви насекаде низ Македонија.
Формирање на мајсторски тајфи
уредиВо тој период се јавуваат повеќе мајсторски школи од различни места во Македонија, меѓу кои најпознати се: Дебарската школа, Охридско-Струшката школа, Прилепско-слепчанска школа, Скопско-призренска школа, Кривопаланечката школа,Кумановската школа итн. Како најистакната школа и најпозната се смета Дебарската школа, која ја опфаќа територијата на градот Дебар и неговата околина (Реканска, Поле Дебарско, Жупа Дебарска, Голо Брдо и Дримкол), конретно селата: Ростуше, Битуше, Јанче, Велебрдо, Косоврасти, Скудриње, Лазарополе, Гари, Галичник, Селце, Тресонче, Росоки, Новаци, Луково, Модрич, Јабланица итн. Во тоа време важела поговорката: "Ако пропадне Стамбол, Дебар пак ќе го соѕида, а ако пропадне Дебар, ни Стамбол не ќе може да го обнови.".
Се смета дека Атос бил центар од каде што излегувале македонските резбари, кои се школувале таму традиционално со генерации. Резбата што ја изучувале таму мајсторските тајфи најчесто била длабока шуплива резба, за чии извиени и длабоки форми се смета дека се предизвикани од европските (италијански) барокни влијанија, прифатени од мајсторите од Италија што исто така работеле на Атос. Тие мајсторски тајфи од Македонија се нарекувале себеси теладури, што на италијански значи резба. Треба да се спомене дека веќе во втората половина на XVIII век, овие македонски тајфи (резбари, зографи, иконописци, и градители) работеле во Серес, Драма, Кавала, Солун и Солунско и на други места на Балканскиот Полуостров, како и на територијата на Македонија. Најчесто резбите се изведувале во ореово дрво, сметајќи го како поволно и доволно меко за обработка, но се работели и врз други видови на дрва. Врз темите на резбите кои најчесто се теми на стариот и новиот завет, се вметнувале карактеристични автохтони белези кои уште повеќе ги красат овие дела.(Одредени ликови биле облекувани во мијачка носија, карактеристични мијачки музички инструменти итн.) Резбарството во Македонија, најчесто се врзува со мијачките резбари кои твореле во текот на целиот XIX век.
Истакнати имиња во резбарските тајфи
уредиКако највреден и најпознат резбар кој бил дел од една од резбарските тајфи бил Петре Филипович-Гарката (од село Гари). За неговото име се вели дека високо се издигнал меѓу имињата на македонските мајстори-резбари. Тој бил вајар на дрво со редок осет на пластика. Заедно со него во истата тајфа работел и братот Марко, кој исто така бил многу вешт во својата работа. Како врвни дела на неговата тајфа се сметаат иконостасите во црквата Св. Спас во Скопје и иконостасот во манастирот Св. Јован Бигорски, додека и другите негови дела се одликуваат со висок квалитет и врвна вештина на изработка. Други дела на неговата тајфа се: Св.Ѓорѓи во Призрен, Св.Никола во Крушево, Св. Јован Рилски во Бугарија итн.
Во истата тајфа со него работел и Макарие Фрчковски (од село Галичник), кој бил негов најдобар соработник. Иако бил помлад од него, Макарие Фрчковски исто така високо се истакнувал со своите вештини и способности. Заедно со него работеле и неговите браќа Ѓурчин и Трајан. Најпознати нивни заеднички дела со Петре Филипович-Гарката се: Св. Јован Бигорски, Св. Богородица во Скопје, итн. Додека најпознато дело од неговата посебна тајфа е Св. Никола во Приштина итн.
Доста истакнато име во резбарството е и Никола Дамјанов(од цело Тресонче/Папрадиште), кој е брат на познатиот преродбенски градител Андреја Дамјанов. Тој ги работел речиси сите работи во резба, што ја преземале целокупната работа на црквите. Спаѓа меѓу најдобрите мајстори-резбари во првата половина на XIX век. Тој учествувал во резбарската тајфа на Петре Филипович-Гарката на иконостасот на црквата на Св. Богородица во Скопје. Од особено значење се неговите самостојни дела во цркавата св. Никола во Штип, во црквата Св. Богородица во Ново Село, Штипско итн.
Други истакнати резбари од оваа најпозната школа потекнуваат од следните родови: Филиповци од Осој, Станишевци од Тресонче, Рензовци од Тресонче/Папрадиште, Мирчевци од Осој итн.