Античка македонска музика

Античката македонска музика е најраната македонска музика или музиката во антиката, односно во класичниот и римскиот период.

Извори од ракописи и Археолошки наоди

уреди

За музичката култура во Македонија, пред доаѓањето на Словените, зборуваат неколку антички писатели. Така, во еден од своите дијалози, грчкиот филозоф Дион Христозум напоменал дека Филип II и неговиот син Александар Македонски, по враќањето од војната во 338 г.п.н.е., им принеле жртва на музите „Тракијците и Македонците ја сакаат музиката“ - констатирал Атињанинот Конон.

 
Антички Театар, Охрид

Според некои писатели, легендарниот митолошки пејач Орфеј, бил од тракиско-македонско потекло. Во Македонија п.н.е. многу бил распространет митот и култот за богот Дионис, затоа Елините набројувале многу дионизиски свечености во Македонија. Очигледен пример за неговото обожување претставува откривањето на бронзената статуа на тетовската Менада од VI п.н.е. во карактеристична кореографска поза.

Друг материјален доказ за богатиот музички живот на повисоките слоеви, датира од римскиот период. Тоа се две барељефни плочи од фасадниот ѕид на античкиот театар во Охрид. На едната е претставен Аполон, со лира во придружба на три други фигури, чија појава одговара на одликите на Аполоновиот култ. На другата плоча е претставен антиподот (токму спротивното) на олицетворението на аполонискиот култ - богот Дионис со инструментот авлос во рацете покрај три фигури што носат грозје и вино.

Наследство

уреди

Од традиционалните свечености, богати со музика за време на Римјаните, треба да се споменат таканаречените розалии - празник на мајското цвеќе - кои се обредни песни, инструментални мелодиии и игри се празнувале кај македонското население и по прифаќањето на христијанството. Овие празници ги наследиле и македонските Словени, кои ги трансформирале во своите пагански обичаи и фолклорни творби.[1]

Наводи

уреди
  1. Драгослав Ортаков, Музичката уметност во Македонија, стр. 13, 1982 година, Скопје