Тома Прошев (Скопје, 10 ноември 1931 - Загреб, 12 септември 1996) — македонски композитор, еден од најплодните музички творци во земјата. Се категоризира во третата генерација македонски повоени композитори.

Тома Прошев
Животописни податоци
Роден(а)10 ноември 1931
Скопје,
ПотеклоМакедонија Македонија
Починал(а)12 септември 1996
Загреб, Хрватска
ЗанимањаКомпозитор

Музика студирал во Загреб и Љубљана во класата на Проф. Луцијан Марија Шкерјанц[1], каде што ги завршил и постдипломските студии по композиција. Работел како професор во Загреб (1959-1967), а потоа предава на Факултетот за музичка уметност во Скопје (1967-1991).

Во 1968 г. го формирал ансамблот за современа музика “Света Софија“ со кој доживува големи успеси во земјата и во странство, изведувајќи современи дела од композитори од поранешна Југославија.

Во неговиот опус се издвојуваат три творечки фази. Во првата фаза покажува афинитет кон актуелностите на времето, внесувајќи извесна доза на романтичарски сензибилитет, што ќе го задржи и подоцна. Во втората фаза, од почетокот на шеесеттите години на XX в., тој тргнува во авантура кон неистражените простори на звукот, искористувајќи повеќе композиционо-технички и стилски насоки на современата музика на времето. Третата творечка фаза се одвива од почетокот на седумдесеттите години до крајот на неговиот живот и творештво.

Во своите најзрели остварувања Тома Прошев користи прочистена и ненаметлива техника, стремејќи се кон што поедноставен и смирен музички говор, како резултат на дефинитивното оформување на сопствената уметничка физиономија.

Македонската музика ја збогатил со бројни дела од камерниот, симфонискиот и концертниот, а посебно ораториумскиот и музичко-сценскиот жанр. Познати се неговите опери „Пајажина“, „Малиот принц“ и „Аретеј“.

Награди и признанија

уреди
  • Награда „4 јули“
  • Награда „11 Октомври“
  • Награда „13 Ноември“
  • Награда „Панче Пешев“

Наводи

уреди