Уметноста во Македонија во доцниот среден век

Потпаѓање под османлиска власт

уреди

Македонија целосно потпаѓа под османлиските Турци во првата деценија на XV век. Додека имотите на крупното болјарство, уште во првиот налет, била наполно одземени или раздробени, некои поситни, месни феудалци биле вклучени во турскиот тимарско-спахиски систем, што ќе овозможи, во натамошниот развој на настаните, да се одржи ктиторството и да се создаде основа за континуирано помагање на манастирите и на другите христијански култни објекти. Тоа се покажува од посебно значење за понатамошниот живот и развој на градежништвото и ликовната уметност.

Охридската архиепископија

уреди

Една од најзначајните институции, Охридската архиепископија, не била укината. Таа ја зачувала својата организација и дури во првите децении успеала да се прошири на сметка на другите, соседни православни цркви. Но, гледано во целина, нејзината положба од ден на ден станувала се потешка. Непрестајното осиромашување посебно тешко се одразило врз градежништвото и зографскиот занает.

Црковно градежништво

уреди

Неразделно сврзан со црковното градежништво со намирувањето на потребите на црквите - единствениот побарувач на сликарски дела, зографскиот занает, за разлика од другите занаети, најболно ја осетил настанатата промена. Но, и покрај лошите услови, континуитетот во фреско - сликарството и иконописот не бил прекинат. Отпрвин поправките на урнатите цркви, а потоа доградувањата и, на крајот, новоградбите по селата, почнале да го нудат нужниот минимум услови за опстанок на преостанатите зографи и зографски тајфи.

Сликарство

уреди

Покрај веќе познатите сликарски центри околу градовите Солун и Охрид, како резултат од новите услови се образуваат и други. Така, кон крајот на XV, а посебно во XVI и XVII век, значителна улога ќе добијат центрите околу: црквите и манастирите во Варош и околните манастири Зрзе и Трескавец - Прилепско; центарот околу манастирот Св Јован - Демирхисарско; околу Лесновскиот манастир, како и центарот што ги опфаќа долините на реките Треска, Маркова Река и падините на Скопска Црна Гора.

Исламска архитектура

уреди

Исламската архитектура го достигнува својот зенит во XV и XVI век. Градовите добиваат ориентални урбани особености. Се развива чаршијата околу безистените, ановите и амамите. Од сакралните објекти изградени се многубројни џамии, месџии, теќии и турбиња. Најзначајни зданија од исламската архитектура се: Куршумли ан - Скопје, Даут - пашин амам - Скопје (1484 год.), Капан ан - Скопје, амамот Девој - Битола, Безистен - Битола, Арабати - баба теќе - Тетово, Шарена џамија - Тетово, ...