Лоши деца — македонска панк рок, ои и стрит панк музичка група од Скопје. Првите почетоци на групата датираат кон крајот на деведесеттите години на XX век, со првиот настап во 1998/97 година. На почетокот настапувале под името Солунски атентатори, а официјално под името „Лоши деца“ настапуваат од 2001 година. Го негуваат брзиот панк рок, ои и стрит панк звук со изразити гитарски солажи, бас-линии и тапани, а текстовите на песните се во духот на животот на улицата, Oi! и скинхед движењето, другарувањето со пиво, борбата на работничката класа и Македонија. Музичко влијание црпат од англиските ои панк групи, како: како Cock Sparrer, Cockney Rejects, Infa Riot, The Business, The Addicts, Blitz и др.

Лоши Деца
Животописни податоци
ПотеклоСкопје, Македонија
Жанровипанк рок, ои панк, стрит панк
Период на активност(1997/98 прв настап) 2001–денес
Членови
Ивица Маневски - Жица (вокал/тапани)
Марјан Јанковски - Мане (гитара)
Златко Лазаров - Кикир (бас-гитара)
Поранешни членови
Гоце Зозински (тапани)
Емил Тодоров (гитара)
Саво Потевски (бас-гитара)
Дејан Јовановиќ - Зеко (гитара)
Горан Михајловски - Петел (тапани)
Александар Пешевски (гитара)

Историја

уреди

Групата Лоши деца[1] започнала да функционира во почетокот на 1998 година, во Скопје, како дуо (тапани и гитара), тогаш под името Солунски Атентатори. Од самите почетоци, па до денес, единствена константа во групата е нејзиниот лидер и фронтмен, Ивица Маневски-Жица. Иако музичкиот живот го започнал како тапанар, во бендот, кој низ годините поминува низ многу персонални трансформации, Жица се префрлил на фронтменската улога со микрофонот како единствен инструмент. Членовите официјално започнале да го употребуваат името „Лоши деца“ од еден групен концерт, пролетта 2001 година, во гимназијата „Никола Карев“, иако поради недоразбирање со организаторот, на плакатот од настанот било испишано старото име на бендот. Во таа иницијална постава, покрај Жица како вокал и автор на текстовите, членувале и Бојан-Далтон на гитара, Марјан Јанковски-Мане на бас и Горан Михајловски-Петел на тапани. Далтон бргу се откажал од бендот, па на негово место влегол Дејан Јовановиќ-Зеко. Во почетокот на 2002 година, во студиото „Blla Blla Blla“, членовите го снимале комплетниот материјал за деби-албум, но судбината (и неагилноста на бендот) си поиграла со него, па дури во 2006 година, овој материјал бил изваден.

Во меѓувреме од бендот си заминал и Зеко, па за следниот голем настап, на фестивалот „Аларм“, 12 – 14 јули 2002 г., во с. Љубаништа, тие го повикале гитаристот на распаднатиот Плаф бојлер, Александар Савовски-Кришо. На фестивалот „Аларм“ настапиле уште еднаш, на возобновеното издание, десет години подоцна, на истиот простор. На 24 март 2007 г. во МКЦ биле предгрупа на британската панк-легенда „Toy Dolls“, на 10 април 2010 г. биле дел од многуте бендови на фестивалот во Хавана, на кој главна ѕвезда бил новосадскиот ои!-пионер „2 Minuta Mržnje“. Најважниот настап во кариерата на бендот било искачувањето на големата бина на Скопскиот саем, на 28 декември 2013 г., отворајќи го 15. издание на фестивалот „Таксират“, и настапувајќи најдиректно пред живите панк-легенди од „The Exploited“. На албумот ...Начин на живот, покрај единаесетте авторски теми, бендот го пресвирил и својот концертен фаворит, Jay Hawkins од британскиот ои!-бенд „The Opressed“. На последната песна на албумот, Воена покана, тапаните ги удирал Жица, а ја пеел Петел. Во текстовите, зад кои во најголем дел е потпишан Жица и кои се – типично за ои!-бендовите – со социјална лирика, доминираат левичарски теми од уличниот живот, т.н. „песни на работничката класа“. На 13.2.2003, групата за првпат се појавила на бина на еден Рок Фест, во натпреварувачки дел. Поголемиот дел од годината, Лоши деца било трио во кое на местото на Мане (оди во Дружината ВЕП) дошол Саво Потевски, а Жица повторно седнал зад тапаните и пеел. Во годините потоа (2004, 2005, 2006, 2007 и 2010) биле неизбежен учесник на истиот фестивал, но во оф-програмата или во т.н. „The Best Of Rock Fest“. Во ноември 2003 година за првпат се појавиле на „Loser Fest“, во постава, во која, освен споменатата тројка, вклучува и уште еден гитарист, Александар Пешевски. Како победник на фестивалот „Loser Fest“, ја отворил и главната вечер, но добиле и ветување од организаторот „Литиум рекордс“ дека наскоро ќе му биде објавен дебитантскиот албум. До реалната физичка објава, сепак, се почекало уште некоја година. Непосредно пред објавата на албумот, од бендот си заминале и Кришо и Александар, па на промоцијата, која „Литиум Рекордс“ ја организира во МКЦ, поставата била Жица, Саво, Емил Тодоров-Чамил на гитара, и повторно во бендот, Петелот.

По издавањето следувале безмалку полни шест години неактивност на бендот, односно повремено ад хок појавување на некој настап и потоа повторно исчезнување од сцената, сè до 2011 година, кога „Password Production“ (некогашен „Литиум Рекордс“) го вратиле повторно во живот, овозможувајќи му снимање на материјалите за втор албум. Нови дванаесет песни се снимени во декември 2011 година во студиото „marryPHAT“ со Ивица Јанкуловски-Шраф како снимател и во сопствена продукција на бендот. Поставата што ги снимала овие песни се состои од Жица, Чамил, Саво и новиот тапанар во бендот, Гоце Зозински. Во процесот на постпродукција, Шраф не бил задоволен од една од песните, Црвена тревога, па таа нема да биде ставена на конечната листа на песни што се наоѓаат на вториот албум. Исто како и во случајот на снимањето на првиот албум, на инструменталната Наштимана, тапаните ги удирал Жица. Љубовта кон фудбалот била веројатно примарната опсесија и на Лоши деца, па на 18.5.2012, бендот бил дел од екипата што настапува во клубот „Вулкан“, на свирката во чест на ФК „Вардар“, заедно со „Šank“ од Хрватска, Дружината ВЕП од Скопје и Контра, исто така, од Скопје. Кон крајот на 2012 година, поточно, на 13 ноември, „Password Productions“ го објавил вториот албум на Лоши деца, толку самоуверено именуван како Борбата Продолжува. Во однос на многу параметри, овие теми, кои билњ работени со контрибуција од целиот бенд, биле позрел материјал од претходникот (пред сè текстовите и продукцијата), концизен и директен, албум што вистински „плеснува сè в лице“. Концертната промоција била повторно во организација на „Password“ и се случила во оф-програмата на Интернационалната музичка конференција во Скопје, „Pin Music Conference“. Концертот се одржил на 23 ноември во поранешното Кино „Вардар 1“. Немирниот дух на бендот, или поточно на Жица, повторно го одалечил од сцената, но за еден пократок период. Во пролетта 2013 година, членовите повторно влегле во студио, овој пат „Кај Трајче“, за да снимат две остри стрит панк-теми (одново биле снимени Црвена тревога и сосема новата Незнајни јунаци). По неколку месеци од снимањето, бендот бил повторно со изменета постава, која како гитарист го промовира поранешниот басист Мане. Најважниот момент во дотогашната кариерата на бендот, било отворањето на јубилејното 15. издание на фестивалот „Таксират“ (28.12.2013), или поточно настапот пред големите ои панк легенди “The Exploited”. Истата постава на 6.9.2014 го имала и првиот интернационален настап надвор од Македонија, на панк-ои! „Streetriffs Fest“ во Белград.

По неколку месеци, групата ја прифатила и поканата од својот издавач и на 29 ноември настапила како еден од гостите на возобновениот демо-фестивал „Loser Fest 2014“. „Password“ во целост застанува зад бендот и на 12.7.2015 го однела на една од помалите, но експлозивни сцени на познатиот фестивал „Eгзит“ во Нови Сад. Невообичаено за бендот било искуството со настапот во живо на 27.8.2015 на „Радио Слободна Македонија“, но тоа пак било одлична можност медиумски да ги промовира двете нови песни, кои во март 2015 година, ги имал снимено во студиото „Кај Трајче“. На 4.2.2016 се појавил на бина во МКЦ, по повод првиот роденден на „Bla Bla TV“, a на 26 февруари 2016 г. во подрумските простории каде што неговите членови вежбале, пред најверните фанови и другари, го промовирале синглот Духот На Улицата, на кој биле поместени двете последни снимени песни, Црвена тревога и Незнајни јунаци. Како и во многу периоди во минатото, и по промоцијата на цеде-синглот, бендот го снемало од јавноста. Жица составил нова постава, во која е повторно зад тапаните, а на бас-гитара бил Златко Лазаров-Кикир (екс Растур Систем). Настапите во ваква формација биле навистина инцидентни и официјално групата сè уште имала отворена аудиција за нов тапанар. Еден кус период Жица се обидел и како тапанар во реактивираните No Name Nation, но без концертно појавување или некаква снимка.

Дискографија

уреди

Албуми

уреди
Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
Начин На Живот CD Литиум Рекордс 2007
Борбата Продолжува CD Password Productions 2012
Духот На Улицата CD самиздат 2016

Компилации

уреди
Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
V.A. - Македонска Панк Сцена Vol.1 / Живееш ти CD К.Р.И.К. 2010
V.A. - Pin Music Conference / Loshi deca CD Taksirat 2012
V.A. - Dangerous Melodies From Macedonia Vol. 1 / Revolucija CD 69 Records 2013

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска Рок Енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс. стр. 170–171. ISBN 978-608-66200-0-4.