Лазарките од Струшко Поле

Лазарките од Струко Поле се всушност духовно културно наследство според Националната класификација на културно наслeдство, назначени како: 3.1.4.1.1.1.[1]

Датирање

уреди

Датирањето не може со сигурност да се определи, затоа што во етнолошката и фолклорната литература како и во емпириските материјали од собирачите на народното творештво, воопшто не е забележано од кој период започнуваат да се практикуваат обичаите поврзани со празнувањето на Лазара во селата од Струшко Поле. Единствено можеме да се повикаме на носителите на доброто кои изјавуваат дека овие обичаи во нивното село се изведуваат и се предаваат со генерации наназад.

Опис на доброто

уреди

Според регионалната етнографска поделба на територијата на етничка Македонија пределот Струшко Поле е дел од Брсјачката етнографска целина. На југ се простира од крајбрежјето на Охридско Езеро , на југоисток допира со дел од Охридско Поле, на исток граничи со Дебарца, а на север со пределот Малесија. Во составот на Струшко Поле влегуваат селата: Ложани, Биџево, Драслајца, Мороишта, Мислешево, Ташмаруништа, Волино. Тие ги задржале своите етно-религиозни карактеристики и истите најмногу доаѓаат до израз преку празнувањето на лазарскиот обреден комплекс. Елаборатот се однесува пред сè на селата Ложани, Драслајца и Мороишта каде што населението го сочинуваат Македонци со православна вероисповед. Исто така земено е предвид и село Биџево, иако таму биле регистрирани само две Лазарки, поради малубројноста на македонското население.

Празнично-обредниот комплекс Лазара се изведува една недела пред Велигден. Во Струшко Поле Лазарки одат само несвршени девојки до 13 т.е. 14 години. Најстарите меѓу нив добиваат статус на челнички, затоа што тие за последен пат учествуваат во овој обичај. За нив Лазара претставува еден вид иницијација, и со тоа веќе тие се подготвени за мажење.

Обредниот комплекс Лазара во селото Ложани започнува во четвртокот пред Лазарева сабота, кога девојчињата се собираат во една од неколкуте селски цркви во селото, која се наоѓа на средсело и е единствената црква во Република Македонија посветена на Свети Власиј. Тука започнуваат со распределување на улогите. Дел од нив остануваат да го чистат дворот и да берат зеленика, дел одат да збираат кукурек по ливадите, а дел да берат жолти цвеќиња од селските дворови. Кога ќе се вратат во дворот на црквата сите девојчиња заедно започнуваат со врзување на китките и плетењето на венецот. Плетењето од жолто цвеќе, кукурек и зеленика е пропратено со пеење на обредни Лазарски песни. Китките ги врзуваат со црвен конец и потоа ги обесуваат на портите и вратите на светите места т.е. црквите во селото, а сплетениот венец го носат на изворот со света вода посветен на Света Богородица.

Следниот ден, во петокот, постарите Лазарки од истото село се делат во две групи и одат во сите куќи на селото на питање , односно собираат масло, брашно и грав. Започнуваат со обиколување од најдалечната куќа во селото. Со влегувањето во дворовите и со зборовите: За многу години! -домаќините знаат за што се дојдени Лазарките. Собраните намирници ги носат во куќата каде што ќе преноќат за домаќините да им зготват од нив посна вечера. По правило на конак (на преспивање) одат во најновата куќа во селото, но исто така може да ги покани и некоја домаќинка која сака да ѝ се израдува куќата. Фамилијата, кај која ќе преспијат девојките, со радост ги пречекува, за да им се израдува куќата.

Постарите Лазарки од селата Драслајца и Мороишта припремите околу празникот ги започнуваат три недели пред Цветници. Имаат обичај да се собираат во дворовите на селските цркви за да ги чистат, но, и за да ги учат помалите Лазарки да ги пеат лазарските песни и да ги играат лазарските ора, кои се кореографски различни од село до село. Во петокот, Лазарките од село Драслајца, одат по реката да берат кукурек со кој ги плетат венците за да ги китат црквите во селото. Во Мороишта пак, во петокот берат разни цвеќиња и кукурек. Од нив и од зеленика го плетат венецот. него го носат во селската црква Св.Никола. Само Лозарките од село Ложани во петокот одат да преспијат сите заедно во една куќа. Седнуваат да вечераат со благослов од свештено лице за до година да бидат побројни и повесели. Обредната вечера се состои од посен грав, ѓомлезе, посна баклава од сучени кори и посна домашна торта. Ѓомлезето се спрема по стар традиционален рецепт, и се печи под сач. Тоа го подготвува постарата домаќинка од куќата каде што преспиваат. Како благодарност Лазарките купуваат подарок кој е подарок за куќата, а го подаруваат на помладата невеста во семејството. Вечерта им продолжува со пеење песни и играње ора до раните утрински часови. Девојчињата ги покануваат и машките деца од селото во куќата каде што ќе преспијат. Тие доаѓаат по вечерата за да се дружат и веселат заедно. На онаа Лазарка која прва ќе заспие, другите имаат хумористичен адет да ѝ го зашијат чорапот со чаршафот или ќебето со кое е покриена, како и да ѝ го напишат името на момчето кое ѝ се допаѓа, на лицето.

Во сабота наутро, на Лазарева сабота, Лазарките од сите села од Струшко Поле стојат на мостот или на патот пред влезовите на нивните села. Таму ги чекаат минувачите и им го попречуваат патот на пазарџиите со песна:

Што ми мера, намери јо Лазаре

што ми господ поможи

отвори си ќесето, јо Лазаре

дарувај си Лазарки.

Лазарките од нив добиваат пари. И оваа вечер Лозарките од село Ложани одат да преспијат на конак во истата куќа.

Во неделата, на Цветници, рано наутро, во сите села во Струшко Поле, девојчињата на возраст до 14 години, се облекуваат во комлетна празнична народна носија. Највозраснитѕе меѓу нив- челничките, со помош на мајката и бабата, се облекуваат во комплетна невестинска носија. На главата носат бели невестински покривала, марами, кои се украсени со сребрени игли. За време на облекувањето на челничките им се вели: Ај годинава Лазарки, в година невести. Така дотерани со тинтурици, пафти и ѓердани, спремни се за нивното последно лазарување. Една од челничките прва оди во црквата и ја удира камбаната, а тоа е знак дека сите Лазарки треба да се соберат во црковниот двор. Доаѓа и населението на богослужба на Цветници, а мајките ги носат своите девојчиња, малите Лазарки. По црковната богослужба народот излегува од црквата со осветените врбови гранчиња за кои се верува дека имаат заштитно својство. Лазарките стојат пред портите на црквата, наредени во два паралелни реда, од двете страни, и тоа наредени според возраста, од најстари до најмлади. народот при излегување од црквата ги дарува со пари, јајца или леб , додека челничките им целицаат (бакнуваат) рака со зборовите За многу години.

Следен обичај на Лазарките од Ложани е да одат најпрво во куќата која е домаќин таа година. Додека одат, по патот ја пеат песната Летале ми летале. Штом стигнат, во дворот на куќата ја пеат и играат вообичаената песна за чистота во секој двор Овде дворје метени, а потоа во зависност од членовите на семејството, за секого посебно. За испеаните песни и изиграните ора добиваат пари и по две јајца со благослов од домаќинката: За многу години да ни е денот. В година поздрави и повесели да си го пречекаме. Едната челничка бакнува рака и ги зема парите, а другата ја зема кошницата. По адетот во главната куќа, Лазарките се делат во две групи и секоја тргнува со онаа во зависност на која страна од главниот пат живее. Започнуваат со шетање во секој двор и во секоја куќа, каде што играат и пеат лазарски песни и ора. На чело на поворката, како и на орото, секогаш стои една од челничките. Пеењето на песните секогаш зависи од бројот на членови во семејството каде што одат. За домаќинот ја пеат песната Седнал ми е богатија. Пеат песни во зависност од тоа дали во семејството има мома, ерген, две машки деца или две женски деца. По обиколувањето на целото село, Лазарките од Струшко Поле се собираат повторно во дворовите на селските цркви каде што челничките им ги делат собраните пари и јајца.

Со овој последен адет лазарувањето за таа година завршува и сите со нетрпение ја очекуваат Лазара следната година, а особено оние лазарки кои треба да бидат челнички. Празникот Лазара поминува во радост и возбуда на целото население во Струшко Поле.

Прилог Лазарски песни од Струшко Поле

уреди
  • Село Ложани

Овде дворје метени во секоја куќа

Овде дворје метени, јо, Лазаре

девојка ми измела, јо Лазаре (зависно дали има во куќата девојка, невеста или старица)

Со два штрака босилок, јо Лазаре.

  • Село Драслајца

Летале ми летале- за по пат

Летале ми летале, јо Лазаре, девет реди гулаби

Девет реди гулаби, јо Лазаре, а десетти пауни

Паднале ми паднале, јо Лазаре, во Гоцеви (името на домаќинот) дворови

Гоце во двор седеше, јо Лазаре, ситен бисер нижеше

Ситен бисер нижеше, јо Лазаре, на гулаби даваше

Зобајте ми зобајте, јо Лазаре, девет реди гулаби

Девет реди гулаби, јо Лазаре, а десетти пауни.

  • Село Биџево

Овде дворје метени -во секоја куќа

Овде дворје метени, Лазаре

Измела ги невеста, Лазаре

Со два штрака босилок, Лазаре

Со три штрака чевлика, Лазаре.

  • Село Мороишта

Овде јунак несвршен- за ерген

Овде јунак несвршен, јо Лазаре

мислат да го посвршат

Сакале од комшии, јо Лазаре

ама не му даваа.

Скапа цена бараа, јо Лазаре.

Посебни карактеристики

уреди

Празнувањето на Лазара во Струшко Поле има сво икарактеристики кои се јавуваат исклучиво како локално обележје:

  • Обредни лица се Лазарките т.е. обредната лазарска поворка ја сочинува млада женска популација до 14 години;
  • Празнично-обредниот комплекс вклучува 4 дена;
  • Лазарките, од најголемата до најмалата, облечени се во комплетна празнична народна носија, во невестинска највозрасните- челничките, а во моминска останатите Лазарки, и тоа со сите придружни украсни елементи. Носијата, како и накитот, потекнуваат од крајот на 19-ти т.е. почетокот на 20-ти век.
  • репертоарот на лазарските песни е богат и со различна тематска насоченост. Се состои вкупно од девет (9) песни во село Ложани, пет (5) во село Драслајца, шест (6) во село Мороишта и една (1) во село Биџево.
  • Се изведуваат две (2) лазарски ора во село Ложани, по едно (1) во село Драслајца и село Мороишта, сите кинематографски разични;
  • Обредни реквизити- китки и венци исплетени од зеленика, кукурек и пролетно цвеќе.

Потекло

уреди

Постои голем фонд на собрани лазарски песни во Институтот за фолклор во Скопје, па оттука, врз основа на собраниот емпириски материјал, во однос на потеклото на овој обичај, се констатирало дека постоеле три основни пласта: претхристијански, христијански и битов. Лазарувањето, како пролетно моминско празнување е специфика само за територијата на Македонија и по своите карактеристични белези лазарките во значителна мера се разликуваат од соседните: кралици, лејли, од буенецот или драгајката.

Загрозеност на доброто

уреди

Доброто не е загрозено. Причини и фактори за загрозеност не постојат.

Негување на доброто

уреди

Организирани облици на доброто не постојат. Доброто се предава стихијно и локално, од генерација на генерација како општоселско празнување, при што секоја година како носители и учеснички во обредните поворки и дејствија се вклучени сите девојчиња од селата, од 12 до 14 години.

Вредност и значење на доброто

уреди
  • Културно- национална вредност;
  • Општествено-социјална вредност;

Доброто има големо значење поради неговата културно-национална вредност, во насока на чување на националното културно духовно наследство на Македонија, од една страна, поради фактот што истото претставува еден од најзначајните елементи кои придонесуваат за одржување, јакнење и развој на чувството на припадност кон дадената територијална заедница.

Критериуми врз кои е извршена валоризација на доброто

уреди

Валоризацијата на доброто е извршена врз основа на член 3 од Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство, и тоа според неговата етнолошка и фолклорна вредност.

Критериуми кои се однесуваат на својствата на доброто

уреди
  • Автентичноста - изразена преку големиот степен на присутност на изворниот облик на практикувањето на доброто;
  • Реткоста - изразена во однос на практикувањето на доброто не само во струшкиот регион, туку у пошироко, затоа што ваков вид на празнување не се среќава на друго место на територијата на Македонија. Слични празнувања има во Дримкол, Горна Преспа (каде е на одумирање), во радовишкиот, кривопаланечкиот, струмичкиот и гевгелискиот регион.
  • Интегралноста - изразена преку високиот степен на единство на верските, обредните, културно-историските и комуникациските функции на доброто, како и вклопеноста на содржината на доброто со локалната средина;
  • Зачуваноста - изразена преку високиот степен на задржаноста на изворната состојба на доброто;
  • Староста - изразена во однос на траењето на доброто со генерации наназад;

Критериуми кои се однесуваат на функциите на доброто

уреди
  • Културната;
  • Комуникациската;
  • Воспитно-образовната;
  • Научната;
  • Информативната;

Критериуми кои се однесуваат на значењето на доброто

уреди
  • Културното;
  • Културно-историското;
  • Општественото;
  • Научното;
  • Уметничкото;

Наводи

уреди