Коста Новаковиќ
Коста Новаковиќ (Чачак, 3 јуни 1886 - Москва, 1939) — српски новинар, професор и политичар, познат како „едно од најкрупните имиња на српската левица во 20. век". Бил член на Српската социјалдемократска партија и еден од основачите на Социјалистичката работничката партија на Југославија (подоцна - Комунистичка партија на Југославија - КПЈ).[1]
Коста Новаковиќ | ||
Роден | 1886 Чачак, Србија | |
---|---|---|
Починал | 1939 Москва, СФСР Русија, СССР | |
Занимање | српски и македонски општественик |
Состојбите во Македонија
уредиСрпскиот историчар и политичар Стојан Новаковиќ е еден од странците кои пишувале за, но и против македонскиот национализам. Во 1888 година, тој во писмо до српскиот министер за просвета, говори за тоа - како преку „мудро, тактичко негување на македонскиот ’дијалект‘ и македонските посебности“, може да го искористат веќе постоечкиот „македонизам“ во корист на големосрпските интереси.
Неговиот роднина Коста Новаковиќ во 1920-те имал сосем поинакви погледи, бидејќи се соочил со „македонизмот“ во својот најрадикален облик. Во т.н. „Вардарска Бановина“, односно во Вардарскиот дел на Македонија под српска окупација „методот на дејствување на Македонците е подрастичен од другите сепаратистички пројави во кралството“, како што пишува весникот „Хрватски лист“ од тоа време.
Сѐ тоа е „реакција на акцијата да се запре националното воскресение на Македонија и македонскиот народ“ (конкретно, од страна на српските окупаторски власти), се истакнува во написот.
„Македонското прашање може да биде разрешено само преку задоволување на националното право на Македонците - кога и ќе исчезне политичкиот ‘Гордиев јазол’ во Македонија... Што сакаат Македонците? - Тие тврдат дека се одделен народ со сите етнолошки особености, и тоа постојано го истакнуваат во својот печат којшто излегува во туѓина, како и своите политички и национални стремежи, коишто сите ние треба да ги прифатиме како оправдани“, се вели натаму во статијата.
Македонски пратеник во Југословенското собрание
уредиПо Првата светска војна, на парламентарните избори во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во 1920 година, Новаковиќ е избран за народен пратеник во Собранието од изборната единица Скопје. Но, три години потоа тој бил уапсен, а КПЈ забранета.
Хрватскиот општeственик Хрвоје Магазиновиќ тој период разговарал со некој Македонец и го прашал - зошто се определил за комунистите? Македонецот којшто e именуван само како Јовановски, одговорил:
- Тоа е единствената партија што ги признава Македонците како нација со свој јазик и култура и со право на своја држава... Народот се чувствува како Македонци. Јас сум сега Јовановиќ, ама моите родители беа Јовановски. Јас сум со комунистите, но не сум комунист по убедување. Кога ќе се оствари слободата на Македонците, јас повеќе нема да имам причина да бидам комунист.[се бара извор]
„Македонија на Македонците - земјата на земјоделците!“
уредиНајпознат труд на Коста Новаковиќ, е „Македонија на Македонците - земјата на земјоделците!“ од 1924 година, во којшто тој ја осудува дискриминаторската и угнетувачка политика на српските окупатори и недвосмислено го брани правото на национално самоопределување на Македонците и другите народи во Македонија. Во неа тој пишува:
- „Јас сметам дека секој народ, па и Македонците, треба да добие право на самоопределување... Македонското население е национално поробено... Единственото решение што се наметнува е Македонија да добие самостојност и да стане врска за другите балкански народи”.
За овој напис, Новаковиќ бил осуден на шест месеци казна затвор. Во жалбата врз основа на таа пресуда, тој меѓу другото изјавува:
- ...Пред Вас е мојата брошура во којашто јас ја изнесов самата вистина за Македонија... Знам дека Вие ќе ми кажете - тоа што сум го напишал и рекол на претресот, за Македонија и животот на населението во Македонија, оти тие нешта се страшни и тешки и дека за нив не смее да се говори - па дури и ако се вистинити - оти им штетат на повисоките интереси... Токму поради тие ваши „повисоки интереси“, стотици илјади српски мајки се завиени во црно, токму поради Македонија. А исто така, и многукратно повеќе македонски, бугарски и грчки мајки - и сѐ тоа без никаква полза за народите на Балканот. Јас гледам дека заради вашите „повисоки интереси“, вие ќе создадете и нови гробници. Затоа и јас и сите кои мислат како мене мораме да ја говориме вистината за Македонија и да се потрудиме да ја разбудиме свеста кај сите балкански народи - тие да ги спречат идните гробници поради Македонија. Да ги спречат оние кои ги подготвуваат тие гробници, да се здружат во братски сојуз. Ете зошто мојата вистина е опасност за Вашата правда.
Жалбата му била одбиена, и тој ја одлежал казната. По две години, во 1926 година, повторно е уапсен и осуден на пет години затвор, поради комунистичка пропаганда, но наредната 1927 година КПЈ го организирала неговото бегство. И, така пребегнал во Советскиот Сојуз, каде што е претставник на Балканскиот секретаријат во Извршниот комитет на Интернационалата.
Во СССР
уредиПо 1930-та, поради неговите убедувања и темперамент, прво неговата матична КПЈ го исклучува од своите редови, а потоа и водечки сталинисти од Коминтерната го обвинуваат Новаковиќ за фракционерство. Тоа за него во Москва ќе значи помалку платена работа и огромна сиромаштија. И конечно, во 1938 е уапсен како некој што со своите фракционерски борби ѝ нанел штета на партијата. Осуден е на смрт и погубен на 19 април, наредната 1939 година. Посмртно е рехабилитиран неколку децении подоцна.
Денес, улица во македонскиот главен град Скопје, го носи неговото име.
Наводи
уреди- ↑ Petar Požar, Jugosloveni žrtve staljinskih čistki (str. 28-31), Beograd, 1989.