Кобни јајца
Кобни јајца (руски: Роковые яйца) - новела од рускиот писател Михаил Булгаков, напишана во октомври 1924 година.
Содржина
уредиНовелата се состои од 12 глави:[1]
- Глава I Curriculum vitae на професорот Персиков
- Глава II Обоениот прамен
- Глава III Персиков го фати
- Глава IV Попадијата Дроздова
- Глава V Кокошкина приказна
- Глава VI Москва во јуни 1928 година
- Глава VII Рок
- Глава VIII Настаните во совхозот
- Глава IX Жива каша
- Глава X Катастрофа
- Глава XI Битка и смрт
- Глава XII Ледениот бог во поход
Владимир Ипатјевич Персиков професор по зоологија, познат во целиот свет како специјалист за водоземци и влекачи. Во периодот 1919-1920 година тој се соочува со тешкотии во работата и во приватниот живот, зашто, поради лошите услови, умираат повеќето животни во неговиот институт. Сепак, подоцна, условите за работа се подобруваат и тој повторно започнува вредно да работи. Летото 1928 година, тој случајно доаѓа до необично откритие: изложени на дејството на еден посебен зрак светлина од електричната светилка, амебите се размножуваат многу брзо при што новите поколенија стануваат агресивни и лоши. Кога го повторува експериментот со жаби, професорот ги добива истите резултати. Иако откритието го чува во тајност, тоа набрзо се раширува и сите почнуваат да зборуваат за необични зрак што го открил професорот. Оттука, него го опседнуваат новинари, а му пристапува и еден странски агент, нудејќи му пари за ги продолжи истражувањата во странство.
Истовремено, во малото место Стекловск се појавува необична болест што ги уништува кокошките, а потоа болеста се проширува низ целата земја. Поради тоа, власта ја забранува употребата на јајца и на пилешко месо, а формира и специјална комисија со цел да најде лек за епидемијата. Притоа, професорот е дел од државната комисија. Набргу епидемијата е совладана, а професорот пак се враќа на својата работа. Меѓутоа, еден ден, него го посетува Александар Семенович Рок, кој му соопштува дека власта решила набрзина да го зголеми бројот на кокошките во земјата, искористувајќи го необичниот зрак. Затоа, нему му ги одземаат коморите за производство на зракот, увезуваат јајца од странство и во близината на Смоленск ги изложуваат јајцата на дејството на зракот. Проблемите настануваат поради една банална грешка: во исто време, професорот Перисков порачува јајца од змии, но нему му доставуваат кокошкини јајца, додека на Рок му даваат јајца од змии, крокодили и ноеви. Наскоро, од јајцата излегуваат џиновски змии, крокодили и ноеви при што тие ја убиваат жената на Рок и неговите помошници на фармата, а тој успева да побегне, целиот престрашен. Набргу, наезда од влекачи ја преплавува целата земја, уништувајќи сè пред себе, така што мора да интервенира Црвената армија, додека населението бега во паника. Група бесни граѓани влегуваат во институтот и го убиваат професорот Персиков, а назедата на влекачите е сопрена благодарение на неочекуваниот поларен студ.[2]
Изданија на македонски јазик
уредиИздание на „Бегемот“ од 2015 година
уредиВо 2015 година, новелата била издадена од издавачката куќа „Бегемот“, заедно со новелата „Ѓаволијада“. Книгата, издадена во склоп на библиотеката „Арс Магна“, има 166 страници, во мек повез, со обем од 16 сантиметри. Преводот од руски јазик го направила Фросина Манева, ликовното уредување го извршил Бојан Димитриевиќ, јазичната редакција е дело на Миле Иваноски, а компјутерската обработка на текстот е извршена во „Бегемот“. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје, со меѓународната ознака ISBN 978-608-4718-25-3. Книгата е испечатена во „Печатница Наумовски“ од Скопје.[3]