„Ѓаволијада (Приказна за тоа како близнаците го уништија деловодителот)“ (руски: Дьяволиада) - новела од рускиот писател Михаил Булгаков од 1924 година.

Ѓаволијада Корица 1924 година

Содржина уреди

Новелата се состои од 11 глави:[1]

  • Глава I Настанот на 20-ти
  • Глава II Производи од производството
  • Глава III Ќелавиот се појави
  • Глава IV Прв параграф - Коротков излета
  • Глава V Ѓаволски трик
  • Глава VI Прва ноќ
  • Глава VII Оргулата и мачорот
  • Глава VIII Втора ноќ
  • Глава IX Дактилографски ужас
  • Глава X Страшниот Диркин
  • Глава XI Парфорсното кино и бездната

Коротков работи како деловодител во фабриката за производство на материјали за кибрити (СПИМАТ). На 20 септември 1921 година, благајникот им соопштува на вработените дека нема да добијат плата, а некој ден подоцна, кога тие ја добиваат платата, но во кибрити. Коротков оди во својот стан и ги испробува кибритите дали се исправни при што го повредува окото. Така преврзан, со големо задоцнување, утредента оди на работа и пред канцеларијата на директорот среќава непознат човек за кого дознава дека е новиот директор, Калсонер. Утредента, кога пристигнува на работа, тој дознава дека е отпуштен. Очаен, тој го брка Калсонер со намера да го замоли да ја отповика одлуката, но на патот до централата нему му ги крадат личните документи. Во централата него очигледно го земенуваат со друг човек со презиме Колобков и му кажуваат дека заедно со калсонер ќе биде преместен на друга работа. Сплетките започнуваат, кога Коротков здогледува уште еден човек што е потполно ист како Калсонер, само што има брада. Тој решава да ја открие тајната и започнува да го брка вториот Калсонер. Така, Коротков пристигнува во зградата каде што е сместена администрацијата и таму доживува низа кошмари: Калсонер се претвора во мачор, од фиоката на една работна маса излегува човек, една службеничка му ја нуди својата љубов, а група луѓе го бркаат со оружје. Збунет од таа збрка, Коротков се фрла од врвот на високата зграда.[1]

Осврт кон новелата уреди

Новелата претставува фантастична сатирична на бирократијата во Советскиот Сојуз. Во неа е претставен проблемот на „малиот“ човек како жртва на бирократската машина, која во болната фантазија на главниот лик склучува пакт со пеколните сили. отпуштениот службеник не може да ја добие борбата со бирократијата и решението го наоѓа така што скока од врвот на облакодерот.[1]

Изданија на македонски јазик уреди

Издание на „Бегемот“ од 2015 година уреди

Во 2015 година, новелата била издадена од издавачката куќа „Бегемот“, заедно со новелата „Кобни јајца“. Книгата, издадена во склоп на библиотеката „Арс Магна“, има 166 страници, во мек повез, со обем од 16 сантиметри. Преводот од руски јазик го направила Фросина Манева, ликовното уредување го извршил Бојан Димитриевиќ, јазичната редакција е дело на Миле Иваноски, а компјутерската обработка на текстот е извршена во „Бегемот“. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје, со меѓународната ознака ISBN 978-608-4718-25-3. Книгата е испечатена во „Печатница Наумовски“ од Скопје.[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Михаил Булгаков, Ѓаволијада / Кобни јајца. Скопје: Бегемот, 2015.