Книнска тврдина
Книнската тврдина (хрватски: Kninska tvrđava) се наоѓа во близина на највисоката планина во Хрватска (Динара) и во близина на изворот на реката Крка. Таа е втората најголема тврдина во Европа и е најзначајното одбранбено упориште и историски град во Шибеничко-Книнската област во внатрешна Далмација.[1] Изградбата на тврдината започнала уште во 9 век, додека сегашната градба потекнува од 17 и 18 век.[2] Таа го достигнала својот врв за време на владеењето на Дмитар Звонимир, крал на Хрватска од 1076 година, кога служела како политички центар на кралството со кое тој владеел.[2]
Книнска тврдина Tvrđava Knin | |
---|---|
Книн Хрватска | |
Тип | тврдина |
Координати | 44°02′03″N 16°11′37″E / 44.034037° СГШ; 16.193494° ИГД |
Изграден | Веројатно во 9 или 10 век |
Изградил | Различни хрватски владетели, проширена најмногу од:
|
Градежни материјали |
варовник |
Висина | околу 20 метри |
Тековна состојба |
Малку реновирана |
Отворен за јавноста |
да |
Локација и опис
уредиТврдината се наоѓа на главниот транспортен коридор кој води од Далмација до континентална Хрватска и Босна. Таа е сместена на врвот на стрмната планина Спас, на само 100 метри над градот Книн,[2] чија историска локација е формирана многу рано во подножјето на истата планина. Археолошките ископувања покажуваат дека оваа област била населена уште од 6 век. Тврдината е 470 метри долга, 110 метри широка, и се наоѓа на 345 метри надморска височина. Првичниот изглед на градбата не е целосно познат. Според други слични утврдувања од тоа време, се претпоставува дека таа била опкружена со високи ѕидини и дека била прилагодена на теренот на кој се наоѓа.
Тврдината се состои од три дела: северна, средна и јужна. Секој дел од тврдината е заштитен со дупки и отвори за топови, и е поврзана со други делови преку градски порти и подвижни мостови.[1] Изградбата на северниот дел, според неодамнешните истражувања, се верува дека се одвивала од средината на 8-от век до крајот на 11 век.
Барокни камени порти се поставени на главниот влез на тврдината, каде што вратите се направени од дабово дрво и зајакнати со железни клинци. Овој монументален влез најверојатно бил изграден од страна на Игнације Мацановиќ, градител од Трогир. Над вратите може да се види симболот на Венецијанската Република.
Кон северниот дел, на левата страна, постоела зграда на гувернерот на оружје; денес тоа е старата градска веќница. Лево од неа се наоѓале касарните кои денес се користат како галерија на Музејот во Книн. На истата локација подигнат е споменик на Лујо Марун (1857-1939), монах кој прв предложи археолошки ископувања во оваа област и благодарение на кого беа откриени мноштво остатоци од старата хрватска култура.
Во црквата Св. Барбара, се чува ѕвоно како подарок од папата Јован Павле II, кој го подари на градот Книн за време на неговата посета во 1994 година. Сегашниот изглед на тврдината е дело на венецијанскиот воен инженер, Албергети, при што еден натпис на тврдината сугерира дека градежните работи биле завршени во 1711 година. Тврдината е заштитена како историски урбан комплекс и е впишана во регистарот на културното наследство на Хрватска како споменик од најголемо значење.
Црквата Св. Барбара, посветена на Кирил и Методиј, исто така има епитаф напишан на старословенски јазик:
Hodotajstvom blaženuju apostola Kirila i Metodija, Bože budi štitom Hrvatskoj.
Историја
уредиХрватите ја изградиле тврдината во близина на опустошена римска населба (лат.: Tignino castro), брзо откако се населиле во таа област. Нејзините чувари постојано ја надградувале за да ги задоволат потребите за одбрана во тоа време. Тврдината била една од резиденциите на хрватските монарси, а подоцна станала нивна главна резиденција, бидејќи било многу побезбедно да се владее од Книн над териториите на Либурнија и Далмација, и да се покрстува паганското население во Гачка, Лика и Крбава. Овој факт го потврдуваат неколку цркви во областа на Книн изградени во времето на кнезот Трпимир.[3]
Тврдината содржела неколку церемонијални хали и палатата на хрватските владетели, во која тие ги издавале своите документи и живееле со своите дворјани за време на нивниот престој во Книн. На другата повисока висорамнина на планината Спас, јужно од тврдината Тнена, било изградено помало утврдување кое служело како седиште на заменикот на банот.
Книнската епархија била основана во 1040 година од страна на кралот Стјепан I Хрватски, а го опфаќала подрачјето на реката Драва. Бискупот на Книн, исто така, ја имал и номиналната титула "хрватски бискуп".[4]
Тврдината била поделена на мал и голем град во 14 век. Малиот град првенствено бил користен за одбрана, додека големиот град ги содржел куќите на гувернерите на градот, бискупите или жупаните. Предградијата се наоѓале на надворешната страна на ѕидините. Најстариот дел е горниот град на северната страна на тврдината, додека средните и долните градови биле изградени во доцниот среден век.
Веројатно е да во текот на 15 век, за време на зголемената опасност од османлиските напредувања кон Европа, дополнителен одбранбен ѕид бил подигнат, на кој денес се наоѓа главниот влез во тврдината. И двете утврдувања, цитадели, биле поврзани во унифициран одбранбен комплекс. Во мај 1522 година, Османлиите извршиле опсада на Книн, која завршила на 29 мај 1522 година со османлиска победа.
Најстарата позната графичка презентација на Книн се наоѓа на мапа на северната Далмација и Лика изработена од страна на венецијанскиот картограф, Матео Пагано (1515-1588), околу 1525 година. Сепак, подетален опис на урбаниот изглед на утврдувањето бил направен од венецијанскиот воен инженер Орацио Антонио Албергети (1656-1690) во една од неговите шеми направени во времето на протерувањето на Турците во 1688 година.
Галерија
уредиПоврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Brozović, Dalibor (1999). Hrvatska enciklopedija. Leksikografski zavod "Miroslav Krleža". ISBN 953-6036-29-0.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 User, Super. „Kninska tvrđava“. www.sibenikregion.com (хрватски). Посетено на 2018-05-31.
- ↑ Mužić, Ivan (2006). Hrvatska povijest 9. stoljeća (PDF) (хрватски). стр. 110. Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-05-22. Посетено на 1 February 2015.
- ↑ Foster, Jane (2008). Croatia, 4th: Tread Your Own Path (Footprint - Travel Guides). Footprint Handbooks; 4th edition. ISBN 190609828X.