Климатски типови во Македонија

Во Македонија се среќаваат три основни климатски типови, и тоа: изменето средоземна, планинска и умерено-континентална клима. Летата се суви и топли, а зимите студени и влажни. Средната годишна температура на воздухот изнесува 11,5 °C. Најтопол месец е јули, со просечна температура на воздухот од 22,2 °C, а најстудениот месец е јануари со просечна температура од 0,3 °C. Различни климатски типови и поттипови се комбинација од основните - средоземна, континентална и алпска клима.

Субсредоземна

Субмедитеранскиот регион ги зафаќа: Гевгелиско-валандовската и Дојранската Котлина, каде што најсилно се чувствуваат средоземните климатски влијанија. Во него во одделни години средоземните влијанија се потиснати, но и обратно, постојат години кога средоземните влијанија се чувствуваат по долината на реката Вардар до Скопје, по долината на реката Брегалница до Кочани и по долината на реката Струмица во Струмичко-радовишката Котлина. Регионот на изразена транслатација на континенталната и средоземната клима ги зафаќа Тиквешката, Велешката и Скопската Котлина, Овче Поле, Штипско и Кочанската Котлина, долината на реката Вардар, Струмичко–радовишката Котлина и по долината на реката Црн Дрим во Дебарската Котлина. На север по долината на реката Вардар климатското влијание брзо ослабува.

Континентална

Регионот на континенталната клима, најмногу се чувствува во Преспанската и Охридско-струшката Котлина (каде што се чувствува и влијанието од езерскиот басен), Кичевската, Бродската, Беровско-делчевската, Славишката, Полошката и Пелагониската Котлина.

Планинска

Регионот на планинска клима ги зафаќа високите планини на Шарскиот и Корабскиот планински систем, Јабланица, Баба, Јакупица и сите други високи планини во Македонија. Во нив над 2.200 метри постои вистинска планинска клима или таканаречената алпска клима. За разлика од неа, во сите планини под 1.000 м н.в., кои се определени како ниски планини, владее преодна, од котлинска во планинска клима.[1]

Наводи

уреди
  1. Михаило Зиков, Клима и климатска регионализација во Република Македонија, „Географски разгледи“, бр. 30, Скопје, 1995