Кале (Крупиште)

археолошко наоѓалиште во Македонија
Кале

Карта

Местоположба 41°50′58″N 22°15′07″E / 41.84944° СГШ; 22.25194° ИГД / 41.84944; 22.25194
Основни податоци
Место Крупиште
Општина Карбинци
Тип

 населба  црква


Период бронзено време
Портал „Археологија“

Каленаселба од бронзеното време и старохристијански црковен комплекс кај селото Крупиште во општина Карбинци. Лежи на обработлив терен со површина од околу 3 хектара, североисточно и источно од селото, лево од патот Штип-Кочани (Р1205). Со перманентното орање на нивите, повеќе децении наназад, жителите раскопувале стари темели од кои ваделе градежен материјал за своите градежни потреби. Така, речиси во секоја куќа се гледаат разни сполии од камена архитектонска пластика (делови од столбови, капители, бази) и делкан камен. Темели од објекти биле уништени и со новоизградените куќи во овој дел на селото, а уште повеќе со преуредувањето на теренот во оризови ниви, за што била употребена тешка механизација. Во 1975 година и подоцна, во периодот 1984-1987 година, во организација на Археолошкиот оддел на Музејот на Македонија се извршени ископувања со кои биле откриени остатоци од два сакрални објекта. Едниот претставува правоаголна црква од типот со впишан крст во основата, долга 12,9 м и широка 9,5 м, ѕидана од делкан камен и хидростатичен малтер, со примена на опус миџтум во редови. На источниот ѕид има апсида, многуаголно решена од надворешната страна. Подот на црквата бил од мермерни плочки, обработен во техниката опус сецтиле. Најдени се повеќе елементи од архитектонска пластика од бел мермер на кои секундарно биле нанесени словенски кирилски букви. Околу црквата истражувачите, а порано и селаните, нашле остатоци од средновековни гробови. Втор, уште помаркантен објект претставува катедралната црква со мартириум откриена во нивите на Р. и Б. Божинови, која не е целосно истражена. На источниот дел, широк 28,9 м, има пет апсиди од кои централната го претставува главниот олтар. Нејзината основа исто така е правоаголна, од типот со впишан крст, со таа разлика што едикулата во јужниот кораб формира крстовидна градба – мартириум. Ѕидовите, наместа зачувани до 1 м височина, покажуваат дека црквата била градена од делкан песочник и хидростатичен малтер и тули кои, во зоната блиска на подот, биле поставени вопет хоризонтални редови. Откриени се делови од мермерни колони на кои во долната зона има крстови и букви од двете словенски азбуки (глаголица и кирилица). Значајно е да се спомене и тоа дека под овие објекти и по површината во еден дел од наоѓалиштето, се среќаваат фрагменти од праисториска керамика, односно траги од бронзеновременска населба.[1]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. стр. 436-437. ISBN 9989649286.