Историски архив (Охрид)

историски архив во Охрид

Историскиот архив во Охрид е формиран во 1951 година, а по 1990 година се трансформира во Подрачно одделение во рамките на Државниот архив на Република Македонија.[1] Со својата дејност ги покрива општините: Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Кичево, Другово, Осломеј, Вранештица, Зајас, Дебар и Центар Жупа. Новата наменска зграда е изградена во 1979 година, и се наоѓа на ул. „Никола Карев“ бр. 6, во Охрид.

Зградата во која е сместен архивот во Охрид, кој е одделение на Државниот архив на Република Македонија.

Архитектура

уреди

Проектот за Архивот на Охрид е дело на архитектот Георги Константиновски, а е изработен како последица од претходните негови проекти изработени за архивите во Скопје и во Штип. Просторната концепција на овој архив е идентична со онаа на архивот во Штип. Административните простории се сместени во висок габарит (П+4), а депото во низок габарит (П+2). Овие два габарити во однос на меѓусебната положба се поставени дијагонално како резултат на неправилната форма на парцелата. Во надворешното обликување на овој архив се рефлектира богатата историја на овој древен град односно преку своите форми го одразува градителството од времето на цар Самоил, старата градска охридска куќа и современото градителство.

„Во вакви случаи симболиката игра најзначајна улога во архитектонскиот израз. Но таа симболика сепак треба да се чита, да биде препознатлива, но никако не смее да се прави копија! Тука во архитектурата со имитација на одредени архитектонски елементи се прават и најголемите грешки. Како плод на таа имитација се добива грда клонирана архитектура.“

—Георги Константиновски, Патот на еден архитект

По редоследот на епохите најгорниот дел од објектот е со „тешки“ масивни ѕидови и мали отвори како одраз на самоиловото време, потоа следува симболиката од еркерите, а нивниот преод од една во друга епоха е претставен со закосените плочи над агловните прозорци на вториот кат. Сегашноста е претставена со симболиката на конструкцијата којашто со себе носи смело решение: сè што се случува се носи само на 4 точки од конструктивното јадро. Секоја функција од внатрешноста на објектот има своја физиономија која се одразува на вкупниот надворешен изглед на објектот. Обработката на архивската граѓа се одвива во верижен систем и неговато крајно одредиште е централното депо сместено во издвоен габарит. Со цел да се избегне директниот упад на сончевите зраци на архивската граѓа во депоата, тие се осветлени со природна светлина со помош на ниши поставени во средината на просторијата како и од аглите на габаритот. Депоата на трите основи функционираат како засебни целини при што водев сметка во случај на пожар во едно од нив, да не се рашири во другите депоа. Внатрешните еднокраки скали во објектот на депоата се снабдени со безбедносни врати кои не дозволуваат ширење на пожар. Високиот габарит во приземјето содржи влезен хол, простории за сметководство и надворешна служба. На првиот и третиот кат се просториите за обработка на архивската граѓа, а на вториот кат е сместена управата и салата за состаноци. На четвртиот кат е сместена техничката служба и бифето од затворен тип. Подготовката на архивската граѓа којашто се внесува од надвор се обработува во посебна просторија предвидена на приземното ниво во којашто се пристапува од економскиот двор. Високиот габарит е поврзан на првиот кат со нискиот објект од депото со помош на мостовска врска којашто е дијагонално поставена на аглите од двата волумени.[2]

Работата на одделението

уреди

Одделението работи со 385 иматели на архивски материјал. Одделението располага со 598 фонда и 17 збирки. Најголемиот дел од архивскиот материјал е од периодот по Втората светска војна, а останатиот дел во најголема мера се однесува на архивски фондови и поединечни документи од XIX и првата половина на XX век. Архивските фондови и збирки содржат многу важни податоци за политичката, културната и стопанската историја на подрачјето на наведените општини.

Поважни фондови

уреди

Многу се значајни и вредни Збирката црковно-словенски ракописни книги од XIV до XX век и Збирката ориентални ракописни и печатени книги. Во ова Одделение најзначајни се фондовите за:

  • Општинските управи (1918-1941 и 1941-1944);
  • Народноослободителните одбори (1944-1945) и одборите на општините (1945-1990);
  • Бановинска хидробиолошка станица (1934-1941), Рибоводна станица (1941-1944), Хидробиолошка станица (1944-) сите со седиште во Охрид;
  • Гимназиите и основните училишта од 1913-1945;
  • Општествено-политички организации, друштва и здруженија;
  • Верски фондови на Источно-православната црква и Исламската верска заедница.

Од семејните фондови се издвојуваат фондовите на трговските фамилии Групчеви, Јованоски, Коцареви и други.

Од личните фондови како најзначајни можат да се издвојат: Борис Бојаџиски, писател од Охрид, Григор Прличев, Фоти Масин, свештеник од Охрид и др.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2015-10-03. Посетено на 2016-01-20.
  2. 1930-, Konstantinovski, Georgi; 1930-, Константиновски, Георги. Patot na eden arhitekt : 1958-2013. Skopje. ISBN 9789989328091. OCLC 1003585479.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)