Историски архив (Штип)
Архивот во Штип е формиран во 1956 година, а денес работи како подрачно одделение во рамките на Државниот архив на Република Македонија, со адреса на ул. „Сане Георгиев“ бр.35 во Штип.[1] Од мај 1976 година Одделението работи во нова наменска зграда со читална. Овој архив има надлежност врз општините: Штип, Карбинци, Свети Николе, Лозово, Пробиштип, Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Делчево, Македонска Каменица, Радовиш и Конче.
Архитектура
уредиПроектот за објектот на Архивот на град Штип е изработен од архитектот Георги Константиновски. Бидејќи локацијата се наоѓа на врвот на едно експонирано ритче сред град, авторот настојувал на објектот да му даде монументален карактер т.е. да делува како место на препознатливост. Во однос на концептот на објектот, депото се развива по хоризонтала, а административниот дел во којшто на верижен начин се обработува архивската граѓа се потенцира во височина. Во просториите за вработените, покрај добрите услови за работа авторот настојувал да обезбеди и слободни визури кон панорамата на градот.
Објектот се состои од два посебни габарита коишто се меѓусебно поврзани со мост на првиот кат. Понискиот волумен е наменет за депонирање на обработена архивска граѓа, а високиот волумен за нејзино средување и обработка. Во приземјето под високиот габарит е сместено депо за прифаќање на регистратурски материјал, а на најгорниот кат е сместено бифе од затворен тип коешто излегува на две просторни тераси од каде што се овозможени непречени визури кон разиграната силуета на градот. Конструкцијата е од армиранобетонски платна и столбови. Партерот околу објектот е решен со богато зеленило и водени површини.[2]
Работата на одделението
уредиРаботи со 275 иматели на архивски материјал. Одделението располага со 523 фонда и 22 збирки. Најстарите документи што се среќаваат во фондовите и збирките во ова одделение потекнуваат од 1895 година, потоа архивски материјал од почетокот на 20 век, но најглавен дел е материјалот што е создаден по 1944 година.
Поважни фондови
уредиПозначајни фондови со кои располага ова Одделение се:
- фондовите за народноослободителните и народните одбори - областен, околиски, градски, општински и месни (1944-1960) и
- судските фондови (1920-1990);
- Народен театар - Штип (1923-1973) и
- фондовите за политичките организации, здруженија и друштва (1944-1990).
Најзначајните просветни фодови се: фондот “Реална гимназија - Штип” (1923-1940) и фондовите за средните и основните училишта. Верските фондови се од Православната црква (1918-1948) - архијерејски намесништва, парохии, цркви и манастири и од Исламската верска заедница (1921-1946) - муфтиствата во Штип, Кочани и Радовиш.
Позначајни семејни фондови се: “Балванлиеви” (1894-1957), “Караѓозови” (1918-1924) и “Хаџи Кимови” (1900-1940). Збирките се составени од биографии и мемоари на учесниците во НОБ од Штип (1939-1945), поткрепени со фотографии.
Наводи
уреди- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2015-10-03. Посетено на 2016-01-28.
- ↑ 1930-, Konstantinovski, Georgi; 1930-, Константиновски, Георги. Patot na eden arhitekt : 1958-2013. Skopje. ISBN 9789989328091. OCLC 1003585479.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)