Имунолошки систем

(Пренасочено од Имунолошкиот систем)

Имунолошкиот систем претставува збир од органи, ткива и жлезди што го штитат телото од туѓи супстанци. Во овие супстанци спаѓаат бактерии, вируси и други паразити и патогени што предизвикуваат зараза. Обично имунолошкиот систем е многу делотворен во одбраната на телото, но понекогаш можат да се случат грешки, што може да доведе до тешки последици. Резултатот може да е алергиска реакција со различна сериозност.

Слика добиена со помош на скенирачки електронски микроскоп на која се гледа како еден неутрофил (жолто) проголтува бактерија на антракс (портокалово).

Начело на дејствување

уреди

Човечкото тело е постојано нападнато од патогени или паразити. Имунолошкиот систем го штити човекот од овие супстанци на два начина: конкретно и неконкретно. Неконкретната одбрана, која ги вклучува кожата и мукозните мембрани, служи како прва одбранбена линија за спречување од навлегување на патогени во телото. Конкретната одбрана се пушта тогаш кога микроорганизмите ќе ги поминат неконкретните препреки и ќе извршат упад во организмот.

За да имунолошкиот систем работи нормално, мора да се случат две работи: прво, телото мора да препознае дека е нападнато, било од патогени или токсини. Второ, имуниот одговор мора да се поттикне брзо, пред туѓите супстанци да уништат многу телесни клетки. За да имунолошкиот систем одговори успешно, неколку услови мораат да бидат исполнети, вклучувајќи ги и правилните заемодејства на неконкретната и конкретната одбрана. Неконкретната одбрана на кожата не го утврдува антигенот што го напаѓа организмот. Обично неконкретната одбрана делотворно ги уништува микроорганизмите, но доколку таа се покаже како неуспешна и микроорганизмите навлезат во телото, тогаш конкретната одбрана влегува во дејство. Таа работи со откривање на антигенот и негово уништување.

Главен комплекс на хистокомпатибилност

уреди

Клеточната мембрана на секоја клетка поседува различни белковини што заедно се познати како главен комплекс на хистокомпатибилност или ГКХ. ГКХ е некој вид на влезна шифра, бидејќи сите клетки во телото мораат да имаат еднаков ГХК, така што телото ќе може да ги утврди тие клетки како свои. Туѓ микроорганизам, како бактерија, нема ист ГХК, па така имунолошкиот систем го предупредува организмот дека е нападнат од туѓа честичка.

Секој поединец има негов или нејзин единствен ГКХ, и одговорот на имунолошкиот систем на туѓ ГКХ може да претставува проблем при трансплантацијата на органи.

Општ план на градба

уреди

Органите во состав на имунолошкиот систем се лимфните садови, лимфните јазли, крајници, тимусот, Пејеровата дамка и слезината. Секој од овие органи или ги произведува клетките што учествуваат во имуниот одговор или служат како место за имуната работа. Лимфоцитите, вид на леукоцити, се концентрирани во лимфните јазли, кои претставуваат маса на ткиво што дејствуваат како филтри за крвта на различни местоположби во телото, но најмногу ги има на вратот, мишките и на слабините. Како што лимфата (леукоцити и плазма) се филтрира низ лимфните јазли, туѓите тела се откриваат и уништуваат.

Крајниците, сместени во заднината на гркланот и под јазикот, содржат голем број на лимфоцити и ги филтрираат можните штетни бактерии што можат да влезат преку носот и устата. Пејеровите дамки, расштркани низ дебелото црево и апендиксот, се лимфни ткива што ја имаат истата работа во дигестивниот систем. Градната жлезда, сместена во горниот дел од градниот кош, е друго место каде се произведуваат лимфоцити, иако таа е активна само за време на детството. Градната жлезда продолжува да расте сѐ до пубертетот, заштитувајќи го детето низ пресвртните години од раниот развиток, но во адолесценцијата таа атрофира (заостанува во развој) дури до исчезнување.

Коскената срж, меко ткиво во срцевината на коските, е главен произведувач на лимфоцити и други состојки на крвта (види хемопоеза) како што се еритроцитите. Слезината, покрај тоа што произведува лимфоцити, служи и како сад за крвта и ги уништува дотрајаните еритроцити.