Илија Зимбо
Илија Зимбо (Охрид, 10 октомври 1969 - Скопје, 30 ноември 2011) бил истакнат македонски солист, камерен музичар и прв флејтист во оркестарот на Македонската опера и балет.[1]
Животопис
уредиИлија Зимбо е роден на 10 октомври 1969 во Охрид. Основното музичко образование го стекнал во Охрид, средното образование го продолжил во Скопје, а студирал на музичките академии во Скопје и во Љубљана, Словенија.[2] Уште од најраната возраст победил на неколку државни натпревари во рамките на СФРЈ. По завршувањето на студиите се вработил како прв флејтист во оркестарот на Македонската опера и балет.[3] Во текот на школувањето соработувал со некои познати професори, како: Рупел, Рампал, Марион, Превишиќ, Кесиќ, Арто и други.
Починал во Скопје на 30 ноември 2011 година, а бил погребан во Охрид. Тој бил оженет со Андријана, со која имал две деца: Гала и Давид.
Музичка кариера
уредиКонцертната биографија на Зимбо вклучува бројни настапи како солист, камерен музичар, но и настапи со оркестри во Македонија и Европа. Неговиот репертоар како солист вклучува богат репертоар кој ги опфаќа сите музички епохи, од барокот сè до современата музика. Реализирал и повеќе тонски и видеозаписи за Македонската радио-телевизија.
Зимбо настапувал во повеќе земји, како: Франција, Италија, Австрија, Романија, Словенија и Германија, а редовно имал настапи и на „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонската музика“ итн. Тој бил член на меѓународни жирија, а учествувал и на престижни натпревари за флејта во Европа. Во 2000 година победил на меѓународниот конкурс „Ровере доро“ во Италија. Зад него стоеле менаџреските куќи „Музика вива“ (Musica Viva) од Виена и Фондацијата „Кнез Алберт“ (Prince Albert) од Монако. Неговиот богат концертен репертоар вклучувал дела од разни епохи, од барокот до современата музика, а поради извонредната способност за експериментирање и поместување на границите на звучноста на флејтата, специјално за него компонирале повеќе македонски композитори, како: Томислав Зографски, Панде Шахов, Бранѓолица и Тома Манчев.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Почина познатиот флејтист Илија Зимбо“. Inpress. 30 ноември 2011. Посетено на 2011-11-30.[мртва врска]
- ↑ „Мисиркова и Зимбо со Камерниот на МОБ“. Вест. 30 јуни 2010. Посетено на 2011-11-30.[мртва врска]
- ↑ 3,0 3,1 Дирекција за култура и уметност - Скопје, Есенски музички свечености, Скопје, ноември 2014.