Иван Грозни (филм)
Иван Грозни - (руски: Иван Грозный) - советски филм од 1944 година, во режија на Сергеј Ејзенштајн. Главните улоги ги толкуваат: Николај Черкасов, Људмила Целиковска, Серафима Бирман, Михаил Названов, Михаил Жаров, Амвросиј Бухма, Михаил Кузнецов, Андреј Абрикосов итн. Темата за филмот ја предложил Сталин, кому Иван Грозни му бил еден од идолите. За овој филм Ејзенштајн ја добил Сталиновата награда.[1]
Содржина
уредиМосковскиот кнез Иван (го игра Черкасов) се прогласува себеси за цар на Русија, наспроти големото незадоволство на благородниците. Неговата моќ се зголемува кога го освојува градот Казан кој е под власт на Татарите. Но, по враќањето во Москва, Иван тешко се разболува и ги повикува благородниците да му искажат верност на неговиот син Димитри. Очекувајќи ја смртта на Иван, благородниците коваат планови за неговиот иден наследник, а во сплетките предничи тетката на Иван, кнегината Ефросина Старицка (ја игра Бирман). Исто така, непријателски насторен е и кнезот Андреј Курбски, кој ја посакува царската круна за себе, а освен тоа, љубоморен е поради тоа што Иван се оженил со неговата сакана Анастасија (ја игра Целиковска). Мислејќи дека Иван е мртов, благородниците сакаат да го постават малоумниот кнез Владимир за нов цар, со цел вистинската власт да им припадне ним. Истовремено, Курбски ја бара раката на Анастасија, но таа го одбива, соопштувајќи му дека Иван е жив. Шокиран од чудесното оздравување на Иван, Курбски пред сите кнезови му се заколнува на верност на Иван, кој го назначува за водач на воениот поход против балтичките земји.
Меѓутоа, незадоволството на благородниците не престанува: тие одбиваат да го финансираат воениот поход на Балтикот, а некои ја напуштаат Русија и пребегнуваат во странство. Истовремено, гласниците му јавуваат на Иван дека Курбски извршил предавство, со што пропаѓа воениот поход на Балтикот, а благородниците одбиваат да тргнат во војна против Кримскиот кан. Најпосле, тетката на Иван, Ефросина, успева да ја отруе царицата Анастасија, по што Иван паѓа во очај. Тогаш, напуштен од благородниците, тој одлучува да ја напушти Москва и го повикува обичниот народ да му се придружи. Навистина, народот застанува на неговата страна, а му се приклучуваат и пониските благородници, како Алексеј Басманов (го игра Бухма) и неговиот син Фјодор (го игра Кузнецов). Поткрепен со моќта на народот, Иван се враќа во Москва, каде дознава дека англиската кралица Елизабета му испратила помош со воена опрема.[2]