Голем Град

остров во Преспанското Езеро
(Пренасочено од Змиски Остров)

Голем Град (Змиски Остров или Св. Петар) — остров во Преспанското Езеро од големо културно-историско значење.[1] За него погрешно се смета дека е единствениот остров во Република Македонија,[2] во која впрочем постојат повеќе езерски и речни острови.

Голем Град
Наречен и: Змиски Остров
Поглед на Голем Град
Географија
МестоПреспанско Езеро
Координати40°52′N 20°59′E / 40.867° СГШ; 20.983° ИГД / 40.867; 20.983
Површина0,18 км2
Највисоко место900 м
Држава
Македонија
ОпштинаРесен
Демографија
Населениененаселен
Карта на Голем Град

Географија

уреди

Островот е долг 750 м, а широк 450 м, со највисок дел 50 м над езерото. Од сите страни островот е заобиколен со карпи и спили со височина 20 до 30 метри. Над нив се оформува плато со две возвишенија на северниот и јужниот дел на островот. Меѓу возвишенијата има седло кое на бреговите завршува со мали заливи. Овие два заливи се единствените места од кои може да се пристапи на висорамнинката[3].

Животински и растителен свет

уреди
 
Колонија корморани, Голем Град

Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки одлики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато.

Опкружувањето со големата количина на вода, геолошката подлога и близината на Средоземјето овозможиле на островот да владее посебна микроклима која е причина за појава на богата и ретко распространета вегетација, во која доминираат јужноевропските флорни елементи (41 или 25,6% - субсредоземни видови; 29 или 18,2% - евроазиски; 20 или 12,6% - средоземни; 18 или 11, % - понтски; 17 или 10,6% - европски; 10 или 6,2% - мезиски; 8 или 5,0% - околуполарни; 5 или 3,1% - културни; 4 или 2,5% - атлантско-субсредоземни; 3 или 1,9% - космополити; 3 или 1,9% - илирски; 2 или 1,2% - скардо-пиндски).

На островот Голем Град според академик Ханс Ем, јасно се издвојуваат две шумски заедници и тоа шумата на дива фоја (Biaro tenuifoliae-Juniperetum excelsae) и шумата на вебиевиот бадем и мазната копривка (Pruno webbii-Celtetum glabrae).

Статус

уреди

Според Указот за прогласување на Законот за прогласување на дел од планината Галичица за Национален парк, во членот 4 на овој закон се потенцира дека во границите на паркот влегува и островот Голем Град во Преспанското Езеро[4].

Поради природните вредности кои ги поседува, со Планот за просторно уредување на паркот за островот одреден е посебен режим на заштита и ставен е во зоната за строга заштита. Режимот на заштита во овие зони дефиниран е во член 104 од Законот за заштита на природата (Сл. Весник на РМ 67/04).

Во 2008 островот е отворен за туристи.[5]

Историски споменици

уреди

На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културно историски споменици и природни вредности. Два километри долгиот воден пат од селото Коњско води до оваа природна тврдина, издигната 30 м над езерската вода и со површина од 18 хектари. Денес е ненаселена, но е богата со ендемски растенија, ретки птици, залични заедници на животни, како и објекти, записи и наоди кои зборуваат за долгите векови на населеност на островот.

Освен за љубителите и проучувачите на природата, островот Голем Град е едно од најатрактивните места за оние чии интересирања се насочени кон откривањето и истражувањето на остатоците на населбите од неолитот, старомакедонското и римското време (некропола) и средновековието. Освен римската некропола, откриени се шест цркви постоеле дванаесет. Островот впрочем бил континуирано населен 2000 години, а манастирскиот живот се одвивал од X до XIV век. Меѓу пронајдените цркви, од особен интерес е онаа подигната и живописана во XIV врз темели на римска цистерна за вода[6].

Освен сочуваната црква Св. Петар, средновековната црква Св. Димитрија, постои и ранохристијанската базилика од крајот на IV и почетокот на V век, каде се откриени остатоци од поден мозаик[7].

Островот има три пристаништа: „Св. Петар“, „Гојдарица“ и „Влаија“.

Поврзано

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Eadem, Golem Grad de Prespa, „Spartacus“, II, Symposium 2002, Sandanski, Veliko Trnovo, 2006, 11-20
  2. Статија за островите во Македонија - географски портал „ИГЕО“
  3. „ОСТРОВ ГОЛЕМ ГРАД“. Архивирано од изворникот на 2012-12-01. Посетено на 2012-08-29.
  4. „НАционален парк Галичица“. Посетено на 2012-08-29.[мртва врска]
  5. „Вест за отворањето на островот за туристи“. Архивирано од изворникот на 2020-07-22. Посетено на 2020-07-22.
  6. Цв. Грозданов, Композиција Опсаде Цариграда у цркви Светог Петра на Преспи, ЗЛУ, 15, Нови Сад, 1979, 277-287
  7. В. Битракова-Грозданова, Ископувања на Голем Град, 1981-1986, МАА, 10, Скопје, 1989, 101-133

Надворешни врски

уреди