Златно славејче
- За други значења видете ја страницата за појаснување.
Златно славејче — македонски музички фестивал за деца што се одржува во Скопје.
Историја
уредиФестивалот „Златно славејче“ бил основан во ноември 1970 година од страна на неколку членови на Советот за грижа и воспитување на децата, и тоа: композиторот Александар Џамбазов (кој бил уметнички директор на фестивалот), поетот Васил Пујовски и Благоја Јордановски (во тоа време, секретар на Советот за грижа и воспитување на децата на Град Скопје). Тој е најстариот детски музички фестивал на Балканскиот Полуостров и вториот најстар во Европа. Првото издание на фестивалот, со насловот „Бираме златен глас“, било одржано на 23 мај 1971 година, во Драмскиот театар во Скопје. На него биле изведени 25 композиции, а меѓу учесниците биле и Игор Џамбазов и Блаже Маротов, кој го испеал големиот хит „Ах, тој крокодил“. Во текот на првите 25 изданија, фестивалот се одржувал во живо, со ревиски оркестар, но потоа се преминало на однапред снимена музкка („плејбек“). Подоцна, на овој фестивал своите први настапи ги имале повеќе македонски музички ѕвезди, како: Калиопи, Тоше Проески, Влатко Илиевски, Симон Трпчески, Ана Дурловски, Давид Темелков, Маја Гроздановска Панчева итн. Заклучно со 2017 година, на фестивалот учестувале 5.000 деца (како солисти или како членови на хорот), а биле изведени околу 950 композиции. Според некои груби процени, на сите изданија на фестивалот присуствувале околу еден милион гледачи.[1][2]
Организација и раководење
уредиПо осамостојувањето на Македонија, фестивалот се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија. Притоа, како покровители, сите претседатели присуствувале како гости на фестивалот, а децата од хорот биле поканувани на гости кај нив. Во 2010 година, по повод 40. годишнината од основањето, фестивалот бил награден од претседателот Ѓорге Иванов со одликувањето „Повелба на Република Македонија“.[3]
Подготовките за секое издание на фестивалот вообичаено траат околу седум месеци при што се одржуваат по неколку проби неделно. Фестивалот обрнува посебно внимание на изборот на децата кои треба да пеат, т.е. се внимава текстот на песната да биде соодветен на детето кое пее. Инаку, во рамките на фестивалот работи постојаниот хор „Златно славејче“, кој брои околу 100 членови на возраст од 7 до 14 години и кој ги придружува пејачите на сцената. Традиционално, првиот ден од секое издание на фестивалот има хуманитарен карактер и е наменет за децата со специјални потреби. Исто така, на фестивалот вообичаено учествуваат и гости од странство. Инаку, фестивалот нема натпреварувачки карактер и на него не се доделуваат награди.[3][4]
Од 1994 година, директор на манифестацијата „Златно славејче“ е Бобан Јосифовски.[3]
Златно славејче 2004
уредиНа фестивалот биле изведени следниве песни:
- Кај баба и дедо (Марија Коцевска),
- Во песна се е можно (Филип Димовски),
- Малата принцеа (Ирина Тренчевска),
- Слонче (Петар Ѓуревски),
- Медена песна (Тамара Гелевска),
- Македонско оро (Деспина Спировска),
- Ми се смее знакот СТОП (Хорот „Златно славејче“),
- Учам англиски (Изабела Поповска),
- За другарството и љубовта (Мартина Аврамовска),
- Прва љубов (Димитар Димитровски),
- Што му е на оној Веле (Емилија Ланговска),
- Елизабета (Емануел Петковски),
- Лично момче (Лилјана Камчевска),
- Гордана (Давид Темелков),
- Ти си се (Татјана Танева),
- Дајте раце (Теодора Трајковска).
Златно славејче 2014
уреди44. издание на фестивалот се одржало од 14 до 19 ноември во „Универзалната сала“ во Скопје. на фестивалот биле изведени 14 детски песни. Покрај тоа, хорот „Златно славејче“ и пејачот Даниел Кајмакоски снимиле заедничка песна со наслов „Секој“ (автор на музиката бил Александар Митевски, а текстот го напишал Огнен Неделковски), за која бил снимен и видео спот.[3]
Златно славејче 2020
уредиЈубилејното 50. издание на фестивалот се одржало порано од вообичеаното време, т.е. на 27 септември, пред платото на СРЦ „Борис Трајковски“. Водител бил Марко Новевски, а настапиле и Александар Митевски, Бени Шаќири, како и некои од поранешните учесници, како Давид Темелков, браќата Стефан и Мартин од дуото „Некст тајм“.[4]
Официјално мрежно место
уредиНаводи
уреди- ↑ „До сега 5.000 деца пееле на Златно славејче“, Скопско ЕХО, бр. 67, 12 април 2018, стр. 11.
- ↑ Интервју со Бобан Јосифовски, „Златно славејче е најстариот детски музички фестивал на Балканот, а втор во Европа“, Економија и бизнис, година 22, број 267, ноември 2020, стр. 62-63.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 „Ние сме против доделување награди“, Дневник, година XVIII, број 5614, вторник, 11 ноември 2014, стр. 21.
- ↑ 4,0 4,1 Интервју со Бобан Јосифовски, „Златно славејче е најстариот детски музички фестивал на Балканот, а втор во Европа“, Економија и бизнис, година 22, број 267, ноември 2020, стр. 65.
Оваа статија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |