Зимзелено растение

(Пренасочено од Зимзелени)

Зимзелено растение е она растение што ги задржува лисјата во сите годишни времиња, за разлика од листопадните растенија, чие зеленило паѓа на есен и остануваат голи во зимата или сувата сезона.

Гранка на ела со листови од три последователни години.

Постојат најразлични видови на зимзелени растенија, кои може да бидат дрва или грмушки:

Покрај ова, осебен случај е африканското голосемено растение велвичија. Ова растение има само два листа што постојано растат додека е живо растението, но постепено се абат на врвовите. Во овој случај едно исто лисно ткиво трае 20–40 години.

Трајноста на листовите кај зимзелените растенија се движи од неколку месеци (постојано растат нови како што паѓаат старите листови) до неколку децении (над 30 години кај долговечниот бор).[1]

Причини за зимзеленоста и листопадноста

уреди
 
Молики во националниот парк Пелистер

Листопадните дрва ги губат листовите за да се приспособат на студената или сува сезона. Највеќето растенија од тропските дождовни шуми се сметаат за зимзелени, постепено менувајќи си ги листовите во текот на годината, додека пак видовите во сезонски суви предели можат да бидат или зимзелени или листопадни. Растенијата од топлата умерена клима исто така се претежно зимзелени. Во постудените климатски појаси бројот на зимзелени растенија е помал, а предоминираат иглолисните (четинари) бидејќи широколисните растенија не можат да истрпат големи студови под -30 °C.

На места каде има причина за листопад (на пр. студена или сува сезона), зимзеленоста претставува прилагодување на ниските количества на хранливи материи. Листопадните дрва ги губат хранливите материи со листопадот. На потоплите места, некои видови на борови и чемпреси живеат на сиромашна почва и вознемирено тло. Родот на рододендроните содржи многу широколисни зимзелени растенија, од кои неколку вида растат во стари шуми, но обично се среќаваат на висококисела почва каде растенијата немаат толку хранливи материи на располагање. Во тајгите е престудено за брзо разлагање на органските материи во почвата, па затоа хранливите материи се пооскудни и почвата попогодна за зимзелени растенија.

Во умерените климатски подрачја, зимзелените растенија се самоподдржуваат во опстанокот: паднатите суви иглички содржат поголем сооднос на јаглерод и азот од листопадните листови, а со тоа ја прават почвата покисела, со помалку азот. Овие услови се најповолни за зимзелените растенија, па затоа тие се намножуваат за сметка на листопадните, кои потешко успеваат во истите прилики. Покрај ова, постоечките зимзелени дрва им даваат засолниште на младите растенија и со тоа им помагаат да го претрпат студот и сушата.[2][3][4]

Зимзелените и листопадните растенија страдаат од исти болести и штетници, но долгорочните последици од загадувањето на воздухот, пепелот и отровните материи се поштетни за зимзелените.

 
Јужен зимзелен даб (Quercus virginiana) во зима.

Лековити својства

уреди

За зимзелените шуми е карактеристично тоа што се богати со испарливи фитонциди - активни материи што ги потиснуваат патогените вируси. Токму поради таа причина, најчесто болниците за лекување на белодробните заболувања се градат во средини со четинари. Исто така, воздухот во зимзелените шуми е стерилен, бидејќи во него има најмногу 200-300 микроби на еден кубен метар. Понатаму, во игличките на четинарите има големо количество витамин Ц, а младите иглолисни гранчиња содржат и високо количество каротин. Според едно истражување од страна на американски научници, таниите кои ги има во боровите шишарки може да спречат мозочен удар. Како доказ за благотворното дејство на четинарите служи и препораката на Институтот за проучување на вирусот на инфлуенца од Москва, кој во 2009 година, додека владеела епидемијата на грип од видот H1N1, го препорачал носењето маски натопени со масло од борови иглички.[5]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Ewers, F. W. & Schmid, R. (1981). Longevity of needle fascicles of Pinus longaeva (Bristlecone Pine) and other North American pines. Oecologia 51: 107–115
  2. Aerts, R. (1995). The advantages of being evergreen. Архивирано на 24 септември 2015 г. Trends in Ecology & Evolution 10 (10): 402–407.
  3. Matyssek, R. (1986) Carbon, water and nitrogen relations in evergreen and deciduous conifers. Tree Physiology 2: 177–187.
  4. Sobrado, M. A. (1991) Cost-Benefit Relationships in Deciduous and Evergreen Leaves of Tropical Dry Forest Species. Functional Ecology 5 (5): 608–616.
  5. „Шишарките може да ве спасат од мозочен удар“, Дневник, година XIX, број 5868, петок, 18 септември 2015, стр. 28.

Надворешни врски

уреди