Земјотрес во Чиле (1960)

Земјотресот во Валдивија, Чиле (шпански: Terremoto de Valdivia/Gran terremoto de Chile) бил природна непогода која се случила на 22 мај 1960 година. Според официјалните статистики, тоа бил најсилниот регистриран земјотрес во историјата на човештвото. Вредноста на неговата моментална магнитуда изнесувала 9,5 степени.

Земјотрес во Чиле (1960)
Датум 22 мај 1960[1]
Магнитуда 9.5 Mw[2]
Длабочина 33 км
Епицентар Лумако, Чиле
38°14′06″S 73°02′49″W / 38.235° ЈГШ; 73.047° ЗГД / -38.235; -73.047[1]
Зафатени земји/подрачја Чиле, Аргентина, САД, Јапонија, Филипини
Жртви 2,230 – 6,000[3]

Непогодата се случила во 15 часот по месно време, а освен Чилеанскиот регион, биле зафатени и јужните делови на Јапонија, Филипини и Хаваи, како и југоисточна Австралија и некои делови на Алјаска.

Епицентарот бил во местото Лумако, оддалечено 570 километри од главниот град Сантјаго. Најблискиот поголем град бил Темуко, додека Валдивија бил градот со најголема претрпена штета. На земјотресот му претходело силно цунами со бранови, кои според сведоштвата на жителите, достигнувале височина од 25 метри. Ова цунами било најсурово кај островот Хило (Хаваи), каде брановите имале висина од 35 метри.

Смртните случаи и материјалната штета не се точно утврдени бидејќи проценките на експертите значително се разликуваат. Бројот на погинати лица се движи од 3 000 до 6 000, додека паричната вредност на оштетените објекти се смета дека е 400-800 милиони долари (2,9-5,8 билиони долари во 2011 со пресметана инфлација).

По земјотресот, 40% од домовите во најпогодениот град Валдивија биле уништени, а 20 илјади луѓе станале бездомници. Најголемиот дел од урнатите градби биле ѕидани од бетон, но поради неквалитетниот начин на градење и непланските инженерски мерења тие биле многу подложни на уривање. Интересно, куќичките градени од дрво се покажале многу поиздржливи, па дури имало и случаи каде дел од нив поминале целосно неоштетени. Голем дел од зградите во самиот центар на градот останале пусти и ненаселени во текот на 90-тите години од минатиот век.

Оваа природна катастрофа била врв на долгата економска криза која го тресела Чиле. Падот на националната трговија и економија започнал во 1911 година со пуштање во употреба на Панамскиот Канал, како и неможноста на земјата да се модернизира со патишта и железница. Поради мрежната и патна изолација, Чиле останал настрана од големите бизнис зделки, а земјотресот бил кулминација на долгото финансиско слабеење.

Светската заеднца со солидаризирала со нивната национална несреќа, па така САД испратиле материјална и парична помош, додека владата на Мексико отворила неколку државни училишта во трусните и погодени области.

Уште еден поголем земјотрес го зафатил ова геолошко подрачје. Се случил во февруари 2010 година и имал јачина од 8,8 степени на скалата на моментална магнитуда. Имајќи ја предвид траумата од пред 50 години, овој земјотрес поминал со многу поблаги последици - 525 загинати и 25 исчезнати лица.

Романот „Куќа на духови“ од познатата чилеанска писателка Изабела Аљенде ја обработува трагедијата предизвикана од големиот земјотрес. Направени се и многу документарни филмови посветени на оваа природна појава.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „ShakeMap Atlas“. Earthquake.usgs.gov. 2009-10-14. Посетено на 2012-06-11.
  2. U.S. Geological Survey (21 март 2006).
  3. „Emergency & Disasters Data Base“. Centre for Research on the Epidemiology of Disasters (CRED). Архивирано од изворникот 2007-06-21. Посетено на 9 јануари 2007.

Надворешни врски

уреди