Зелени алги
Зелени алги | |
---|---|
Каулерпа | |
Научна класификација | |
Царство: | Протисти |
Оддел: | Хлорофити |
Пододдел: | Стрептофитини |
Зелените алги (науч. Chlorophyta) се еукариотски протисти кои содржат хлоропласти. Притоа, хлоропластите се распределени најчесто кон површината на цитоплазмата. Обично содржат два вида на хлорофил, ксантофили, каротини, при што доминира хлорофилот (оттука им доаѓа и името). Хлоропластите кај зелените алги се со разни облици: леќовидни, ѕвездовидни, прстенести, плочести и слично. Бидејќи обликот на хлоропластот е постојан за секој вид, ваквото својство се користи за детерминација на овие алги.
Според градбата на телото, зелените алги можат да бидат едноклеточни, колонијални, многуклеточни и бесклеточни (сифонални). Во однос на големината постојат големи разлики помеѓу зелените алги, и тоа од мошне ситни едноклеточни, видливи само под микроскоп, до такви кои можат да имаат должина и до половина метар:
- Колонијалните зелени алги се одликуваат со постојан број на клетки. Штом колонијата ќе го достигне одредениот број на клетки, тие повеќе не се создаваат во текот на целиот вегетативен живот. По ова својство колониите се разликуваат од многуклеточните зелени алги, кои во текот на целиот живот продуцираат клетки.
- Многуклеточните зелени алги имаат облик на разгранети или неразгранети нишки (фибрили), и како што погоре е спомнато, кај нив се создаваат клетки во текот на целиот живот.
- Бесклеточните зелени алги имаат доста специфична градба, најчесто во облик на сифон. Главна и најзабележлива особина на овие алги е што нивното тело не е поделено на клетки. Тие имаат талус со големи димензии во кој се содржат голем број на јадра, без никакви прегради.
Клетките на зелените алги имаат клеточен ѕид и клеточна мембрана. Клеточниот ѕид кон внатрешноста е целулозен, а кон периферијата е изграден од пектин.
Најголемиот број од зелените алги живеат во слатките води (било да се прицврстени за подлога или слободни). Помал број од нив живее во морињата. Морските алги се најчесто планктонски облици, додека поголемите се крајбрежни сесилни облици.
Размножувањето на зелените алги се одвива на повеќе начини: со проста делба, со спори и полово (по пат на изогамија, хетерогамија, оогамија и конјугација). Покрај простата делба, зелените алги можат да се размножуваат и вегетативно и со фрагментација на талусот, при што од секој фрагмент се развива нова единка.
Карактеристични претставници на алгите
уредиДосега се познати над 6 000 видови на зелени алги, кои според нивната систематика се групирани во 3 класи, 10 редови и 26 фамилии. Некои од покарактеристичните претставници на овие алги се:
Хламидомонас (Chlamidomonas)
уредиНекои од најспецифичните видови на овие алги се оние од родот хламидомонас (Chlamidomonas), со околу 320 видови. Тоа се едноклеточни облици кои во својот буен развиток што може да се набљудува на површината на водата, предизвикуваат појава цутење на алгите. Во клетките содржат едно јадро и еден хлоропласт, вакуола и камшичиња за движење. Се размножуваат бесполово со помош на зооспори.
Хлорела (Chlorella)
уредиХлорелата е едноклеточна зелена алга. Таа е жител на слатките и солените води, како и на почвата и кората на дрвото. Се размножува со апланоспори. Во оваа алга се содржат мошне важни резервни материи, како: витамини, антибиотици, масни материи и најмногу белковини.
Волвокс (Volvox)
уредиВолвоксот е топчест многуклеточен колонијален вид на зелените алги, со пречник до 2 мм. Живее во слатките води. Во една колонија може да има и до 70.000 клетки, распоредени по периферијата на телото. Внатрешноста е исполнета со слузеста материја. Секоја клетка има по две камшичиња со кои колонијата се движи. Тоа се вегетативни клетки на колонијата.
Волвоксот се размножува на два начина: бесполово, кога еден вид специфични клетки наречени партеногонидии се делат и навлегуваат во внатрешноста на телото. Од нив ќе се создадат нови единки и потоа колонијата на волвоксот се распаѓа и тие излегуваат надвор од водата. Другиот начин е полов. Помеѓу вегетативните клетки по површината на колонијата се диференцираат клетки без камшичиња, кои се поголеми од вегетативните. Во едни се образуваат јајце-клетки (тие се оогониуми), а во други сперматозоиди (антеридиуми). Со оплодување настанува диплоиден зигот, а со мејоза се создаваат клетките на колонијата, кои се хаплоидни.
Улотрикс (Ulotrix)
уредиРодот улотрикс е кончеста алга, распространета во реките. Во базалниот дел од телото се содржат безбојни клетки со кои алгата се прикрепува за подлогата, а другите клетки содржат хлоропласти и се зелени по боја. Од зелените клетки бесполово со зооспори се размножува оваа алга. Половото размножување е претставено со изогамија. Копулацијата се одвива помеѓу гаметите од две различни нишки (фибрили).
Каулерпа (Caulerpa)
уредиВо групата на бесклеточни зелени алги спаѓа каулерпата, жител на топлите мориња. Талусот на оваа алга достигнува и до половина метар и ползи по подлогата, при што потсетува на ризом со корења и листови. Во целото тело цитоплазмата е единствена, неподелена на клетки, со голем број јадра и со хлоропласти. Вегетативното размножување се одвива со откинување на дел на талусот, а половото со изогамети кои имаат по две камшичиња.
Конјугатни алги (Conjugatophyceae)
уредиКонјугатните алги се едноклеточни и кончести алги. Од кончестите, најпозната е спирогирата (Spyrogyra), која живее во слатките води на езерата, реките и барите каде создава кончести групации на површината на водата. Секоја клетка содржи лентовидни, спирално извиткани хлоропласти. Главно, конјугатните зелени алги се размножуваат вегетативно со раскинување на конецот и полово по пат на конјугација.
Космариум (Cosmarium)
уредиОд едноклеточните зелени алги најчести се видовите на родот космариум, кој опфаќа околу 800 видови. Тие меѓусебно се разликуваат по обликот на клетката и нејзините надворешни скулптури. Кај овие видови, секоја клетка со една средишна вдлабнатина е поделена на две симетрични половини.
Харофитни алги (Charophyceae)
уредиХарофитните алги, според некои научници, се издвоени во посебна класа во зелените алги, во која се опфатени околу 300 видови. Тие се макроскопски субмерзни алги со високодиференциран талус. Во потоците и езерата создаваат т.н. подводни ливади (на пример, во Охридското Езеро образуваат континуиран појас на длабочина до 15 метри. Талусот им е изграден од нодиуми (јазли) и интернодиуми (меѓујазли). Од нодиумите на талусот поаѓаат игличести творби кои се распоредени прстенесто и потсетуваат на листови. Претставник од харофитите е кончесто разгранетата алга хара.