Епиктет
Епиктет (грчки: ἐπίκτητος - стекнато, здобиено; живеел околу 50-138) - антички филозоф, припадник на Стоичката школа.
Епиктет | |
---|---|
Уметничка слика на Епиктет | |
Роден(а) | c. 55 н.е. Јерапол, Фригија (presumed) |
Починал(а) | AD 135 (на 79–80 г.) Никопол, Ахаја |
Период | Старогрчки филозофи |
Подрачје | Западна филозофија |
Школа | Стоицизам |
Претежна дејност | Етика |
Влијанија од
| |
Влијаел врз
|
Живот
уредиЕпиктет е роден во Хиеропол, во Фригија (денешно Памуккале, во југозападниот дел на Турција). Како дете бил изложен на пазарот за робови. Во Рим стигнал како роб на моќниот припадник на гардата на Нерон - Епафродит. Тој бил скромен, трпелив и издржлив. Се раскажува за една случка помеѓу Епиктет и Епафродит во која Епафродит го казнил Епиктет со тоа што му ја поставил ногата во справа за мачење. Епиктет бил исклучително смирен, ниту викал, ниту пак се противел, туку единствено му рекол дека доколку продолжи, ќе му ја скрши ногата. Епафродит продолжил и навистина му ја скршил, а на тоа Епиктет само му се обратил со зборовите „Ти реков дека ќе ми ја скршиш“.[1] Како последица на таа повреда, целиот живот куцал. Епиктет, уште додека бил роб ги посетувал предавањата на римскиот стоик Мусониј Руф. Бил ослободен некое време по смртта на Нерон и започнал да предава филозофија во Рим, но заедно со други филозофи, во 94 год., царот Домицијан го протерал од Рим. Епиктет заминал во Никопол, во Епир, каде, како philosophus nobilis и maximus philosophorum, основал своја филозофска школа. Тој живеел уште во периодот на владеењето на царот Трајан, а се смета дека со него комуницирал и Адријан.[2] Умрел во прогонство, одбивајќи да се врати во Рим, „град на гревот“. Никогаш не се оженил и немал деца.
Философски погледи
уредиЕпиктет е еден од најзначајните римски стоички филозофи. Тој не напишал, зашто своето учење го изложувал усно, а неговите етички погледи се изложени во делата на неговиот ученик Флавиј Аријан, кој по смртта на Епиктет ги објавил делата: „Разговорите Епиктетови“ (Diatribai) во осум книги (сочувани се само првите четири), „Прирачникот Епиктетов“ и „Хомилии“ во 12 книги (кои не се сочуивани).[3]
Својата филозофија, Епиктет ја дели на три дела: етика, физика и логика. Сите три дела за крајна цел ја имаат човечката среќа, па затоа се темелат на етиката. Првиот и најважен дел на филозофијата е нејзината примена во животот; на пример, да се живее без лаги во зборовите и делата. Вториот дел ги содржи доказите; на пример, зошто човекот не треба да лажи. Третиот дел им служи на првите два и се состои во образложување и испитување на тие докази; на пример, од што се гледа дека тоа е доказ, што е тоа доказ.[4] Тој ѝ дава предност на етиката, како практична цел која ги води луѓето кон живеење на подобар живот. Целта на животот, според него е слободата. Суштински стремеж во човечкиот живот е човекот да живее онака како што сака и само тој човек е слободен.
Исто така, особено битен момент во филозофијата на Епиктет е разликувањето на она што е од она што не е во наша моќ. Според него: Во наша моќ е единствено она што е наше дело; во оваа класа се нашите мисли, импулси, желби и аверзии. Она што, спротивно, не е во наша моќ, тоа се нашите тела, имоти, слава и моќ. Секоја заблуда околу ова води кон најголеми грешки, несреќи и неволји, и до ропство на душата.[5] Она што е во наша власт, по природа е слободно, не може да се спречи. А она што не е во наша власт е немоќно, ропско и под влијание на другите.
Епиктет бил песимист во однос на можноста да се има пријатели и тврдел дека во светот има само толку добри луѓе колку што Нил има утоки.[6] Во една прилика, кога бил болен, еден млад човек му понудил да го однесе во куќата на некој пријател за да му да се лечи. Тогаш, Епиктет одговорил: „А, каде би пронашле пријател на философот?“ Тој верувал дека само сличните духови може да се спријателат, а нашиот пријател треба да биде нашето второ „јас“; меѓутоа, тешко е да се најде второто „јас“ на философот. Според него, луѓето се променливи и нестабилни во сè, па и во пријателството; дури и таткото и синот често се судираат поради имотот или поради некоја жена, зашто кај луѓето, на прво место е личниот интерес. Ставете сè на вага, вели Епиктет, па ќе видите како ќе претежне личниот интерес. Ниту пријателството не е ништо друго, туку израз на егоизмот. Сепак, човекот е составен од душа и од тело и секогаш во прв план го става она што е повисоко според есенцијата, а тоа е душата. Затоа, интересите на душата се вистинските човекови интереси, а тие се мирот и апатијата (вечната ведрина).[7]
Епиктет се залага за стоичкото учење за екуменска заедница. Секој поединец е поврзан со остатокот од светот. Една од најголемите доблести е љубовта кон сите. Слободата и независноста, кои, по неговото сфаќање, се услов за среќа, тој ги сведува на слободата на мислата и на волјата, бидејќи немал сила да ги сведе на принципот на социјалната правда, која не е ништо друго освен хармонија на единките со општеството.[8]
Наводи
уреди- ↑ Митевски, В., Античка филозофија - Хеленизам и Рим. Скопје, 2007.
- ↑ Miloš N. Đurić, „Stoička škola i Marko Aurelije“, во: Marko Aurelij, Samom sebi. Beograd: Dereta, 2004, стр. 21-22.
- ↑ Miloš N. Đurić, „Stoička škola i Marko Aurelije“, во: Marko Aurelij, Samom sebi. Beograd: Dereta, 2004, стр. 22 и 41.
- ↑ D. Grlić, Leksikon filozofa. Zagreb, 1982.
- ↑ Heinrich Ritter, Alexander James William Morrison, (1846), The History of Ancient Philosophy, Volume 4.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 178.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 207-208.
- ↑ M. Đurić, Istorija helenske etike. Beograd, 1976.