Добриот, лошиот и грдиот
Добриот, лошиот и грдиот (на италијански Il buono, il brutto, il cattivo) е шпагети вестерн филм од 1966 година, режиран од Серџо Леоне. Главните улоги ги играат: Клинт Иствуд (Добриот), Ли Ван Клиф (Лошиот) и Илај Волак (Грдиот).
„Добриот, лошиот и грдиот Il buono, Il brutto, Il cattivo“ | |
---|---|
Плакат на англиски јазик | |
Режисер | Серџо Леоне |
Продуцент | Алберто Грималди |
Сценарист | Приказна: Серџо Леоне Лучано Винченцони Сценарио: Аџе и Скрапели |
Главни улоги | Клинт Иствуд Илај Волак Ли Ван Клиф Марио Брега Ал Малок |
Музика | Енио Мориконе |
Кинематографија | Тонино Дели Коли |
Монтажа | Оригинал: Еугенио Алабисо Нино Бараљи Поправена верзија: Џо Д’Агустине |
Дистрибутер | United Artists |
Премиера | 23 декември, 1966 29 декември, 1967 |
Времетраење | 179 мин. (161 мин. кино верзија) |
Земја | Италија |
Јазик | италијански; англиски |
Буџет | 1.300.000 долари |
Претходен | За неколку долари повеќе |
За филмот
уредиФилмот се одвива во 1862 година, за време на Американската граѓанска војна и раскажува за три мажи што бараат закопано воено злато. Филмот е особено познат по музиката на Енио Мориконе, како и по клучната сцена на пресметката на гробиштата меѓу трите главни ликови. Она што луѓето често го игнорираат е алегориската природа на филмот, којашто повлекува линија меѓу трите лика и Христос, Сатаната и Човештвото. Филмот е сниман во Технископ од страна на Тонино Дели Коли. Тој често се наоѓа на списоците на најдобрите филмови на сите времиња.
„Добриот, лошиот и грдиот“ е убедливо најамбициозниот и највлијателниот вестерн на сите времиња, кој содржи акција каква што претходно никогаш не е видена и ги урива сите воспоставени стандарди во овој жанр. Филмот се одликува со одлична работа на камерата која прикажува прекрасни панорами, смели крупни планови и тврдокорни ликови.[1]
Филмот содржи многу белези на Леоне како што се: сув дијалог, долги сцени што постепено се надградуваат до климакс (за овој филм, во форма на мексиканска престрелка) и контраст меѓу долги опфатни кадри и екстремно тесен фокус на очи и прсти. Првите 10 минути од филмот немаат дијалог. Филмот е дел од трилогијата која, покрај овој, ги опфаќа филмовите За грст долари и За неколку долари повеќе. Иствуд е главниот лик во сите три филма, со истата наметка и истите манири, така што неговиот лик е популарно наречен „Човекот без име“ (всушност, ликот е трипати наречен „Џо“ во првиот филм, еднаш е наречен „Манко“ во вториот филм, а во третиот филм го нарекуваат „Блонди“ т.е. „Русокосиот“). Добриот, лошиот и грдиот се смета за хронолошки претходник на првите два филм бидејќи во овој филм ликот кој го игра Иствуд се стекнува со наметката која ја носи во другите филмови, иако самиот филм е многу поепски во својот спектар.
Дејство
уредиФилмот говори за тројца мажи кои бараат, често на сметка на оној другиот, информации за локацијата каде се закопани парите на војската на Конфедерација за време на Американската граѓанска војна. Првиот лик со кој се запознаваме е Туко, т.е. „Грдиот“, за кого е распишана потерница со награда заради разни злосторства. Туко е ортак на Блонди („Добриот”), кој во една прилика го предава на шерифот, ја зема наградата и го спасува Туко, а потоа двајцата ја делат наградата. Во меѓувреме, третиот човек, Ангелски очи, т.е. „Лошиот“, дознава за скриеното злато кое е во рацете на војникот од војската на Конфедерацијата, Бил Карсон.
Блонди го остава Туко во пустината без вода, поради неговото постојано жалење. Туко преживува и одлучува да му се одмазди на бившиот партнер, а за таа цел, тој му прави заседа на Блонди и го носи низ пустината во Ново Мексико. Тие наидуваат на кочија полна со мртви војници на Конфедерацијата. Бил Карсон, човекот кој знае каде е скриено богатството, умирајќи, му вели на Туко дека ќе му ја открие локацијата ако му донесе вода. Додека Туко оди по вода, Карсон пред смртта му го открива на Блонди името на гробот каде што е закопано богатството. Облечени во униформа на мртви јужни војници, Туко и Блонди одат во блискиот католички манастир, каде е закалуѓерен братот на Туко. Додека Блонди оздравува, Туко и неговиот брат Пабло се караат околу животните грешки на Туко. Напуштајќи го манастирот, двајцата мажи, сѐ уште облечени во војнички униформи, набрзо се уапсени од војниците на Унијата и одведени во заробенички логор. Во меѓувреме, Лошиот ги следел трагите на Бил Карсон и се претставил во логорот како наредник на Унијата.
Лошиот и неговиот колега Валас го претепуваат и го мачат Туко сè додека тој не го открива името на гробиштата каде што е скриено богатството. Кога Лошиот сфаќа дека единствено Блонди знае во кој гроб се наоѓа богатството, ја менува тактиката. Му нуди партнерство на Блонди, и заедно со пет или шест други убијци, тргнува во потрага за богатството. Валас го преместува Туко во друг логор, но Туко бега од возот и го убива Валас. Во најблискиот град, Туко наидува на ловец на уцени, кој го ранил на почетокот од филмот, а кој бара одмазда. Кога Туко го убива ловецот, Блонди, кој се наоѓа во истиот град со Лошиот, го препознава звукот на пиштолот на Туко, го пронаоѓа, па и двајцата го обновуваат старото партнерство. Заедно, тие ја убиваат бандата на Лошиот, кој успева да побегне.
Туко и Блонди наидуваат на битка помеѓу војската на Унијата и Конфедерацијата во близината на еден мост. Бидејќи гробот кој го бараат е на другата страна на мостот, одлучуваат да го уништат мостот и да ги натераат војниците да се борат некаде на друго место. Додека поставуваат динамит, Туко открива дека гробиштата кој ги бараат се вика Тажен Рид, а Блонди дека името кое го бараат е Арч Стантон. Од другата страна на реката, Туко го напушта Блонди и конечно наидува на блиските гробишта. Туко започнува да го бара гробот на Арч Стантон. Конечно го пронаоѓа, но кога почнува да копа, доаѓа Блонди и му се заканува со пиштол, а потоа доаѓа и Лошиот, кој на двајцата им се заканува со пиштол. Меѓутоа, Блонди открива дека во гробот на Арч Стантон има само костур и ги одведува до средината на гробиштота, става камен на средината и ги повикува на двобој.
Во конечната пресметка, Блонди пука во Лошиот, а Туко сфаќа дека пиштолот му е празен, бидејќи Блонди го испразнил минатата ноќ. Блонди тогаш открива дека на вистинскиот гроб каде што се наоѓа богатството пишува Непознато, веднаш до гробот на Арч Стантон. Туко почнува да го копа гробот и го ископува богатството, радувајќи се на него. Ама неговата среќа не трае долго, кога здогледува јаже кое виси на дрво, а Блонди му наредува да се качи на гробот и да си го стави јажето околу вратот, по што му врзува и рацете. Туко стои нестабилно на гробот, а Блонди зема половина од богатството и си заминува со коњот, додека Туко го преколнува за помош. Во драматичниот крај, Блонди се врти и пука над главата на Туко, а со тоа го ослободува од јажето. Туко гневно и гласно го навредува Блонди, додека тој си заминува со коњот.
Улоги
уреди- Клинт Иствуд како Русокосиот (Добриот)
- Ли Ван Клиф како Ангелски очи (Лошиот)
- Илај Волак како Туко Бенедикто Пацифико Хуан Марија Рамирес (Грдиот, познат уште како Стаорецот)
- Алдо Џофре како Капетан Клинтон
- Марио Брега како Каплар Валас
- Лујџи Пистили како Отец Пабло Рамирес
- Ал Мулок како Елам
- Антонио Касас како Стивенс
- Антонио Казале како Бил Карсон/Џексон
- Антонио Молино Рохо како Капетан Харпер
- Рада Расимов како Марија
- Енцо Петито како сопственик на продавница
- Чело Алонзо како сопругата на Стивенс