Димо Димовски
Димо Димовски ( 1913 во Ваташа — 1978 во Кавадарци) — учесник во НОБ на Македонија, наставник по физичка култура, основач на многу спортски друштва во Тиквешијата. Носител е на голем број награди и признанија.[1]
Животопис
уредиПотекнувал од ситно трговска фамилија. Завршил основно училиште во Ваташа и нижа гимназија во Кавадарци. Бидејќи имал голема дарба за уметност во 1929 година направил обид да се запише на уметничкото училиште во Загреб, но набргу бил повлечен од таму за да може да им помага на родителите во нивната работа. Во Кавадарци се зачленил во Соколското друштво и набргу се истакнал како врвен гимнастичар, по што се здобил со звањето Предњак.[1] Тој бил еден од основачите на Соколското друштво во Кавадарци и еден од неговите најуспешни спортисти.[2] Бил врвен спортист, а играл мошне добро и фудбал во фудбалските екипи на ФК Победа и ФК Тиквеш.[1]
Ангажман во издигнувањето на спортот
уредиУчествувал во НОВ, а по ослободувањето од Министерството за народна просвета добива задолжение да се заложи за издигнување на физичката култура во Кавадарци.[1] Во учебната 1945/1946 година тој бил наставник во гимназијата „Добри Даскалов” во Кавадарци. Бил еден од организаторите на фискултурниот слет одржан на Градското фудбалско игралиште (1947-1949). Уште во 1951-1952 година тој заедно со Лазар Лалков, работеле со гимназијалците за оформување ракометна екипа, со која првите успеси ги забележале следната 1953 година.[3] Во Кавадарци првпат почнало да се игра кошарка во далечната 1959 година, кога по иницијатива на наставникот Димо Димовски бил формиран кошаркарскиот клуб „Партизан“.[4] Истата година тој работи со спортското друштво Гимназијалец, кое во 1953 година освоило трето место во гимнастички вишебој.[3] Во неговата долгогодишна учителска кариера работел и во Битола, а во 1960 година присуствува на Олимписките игри во Рим со стручни наставници и ветерани на физичката култура од Југославија.[1]
Со неговото име се поврзани појавата и развојот на многу спортови во Кавадарци како: гимнастиката, ракометот, кошарката, одбојката и други. Носител е на голем број награди и признанија, а во 1970 година ја добил и наградата 7 Септември. Починал во Кавадарци во 1978 година.[1]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 412–413. ISBN 978-608-4621-04-1.
- ↑ Уневски (31 јануари 2013). „85 години од формирањето на соколското друштво во Кавадарци“. kavadar4e.com.
- ↑ 3,0 3,1 Ставров, Добре; Јосифова, Ристенка (2012). „Монографија - СОУ Гимназија „Добри Даскалов" 1945-2010“. issuu.com. Кавадарци. стр. 19; 45-46; 59; 60.
- ↑ „Одбележување 46 години од формирањето на првиот кошаркарски клуб во Кавадарци“. А1он (англиски). 2016-01-11. Посетено на 2024-06-21.