Дејвид Летерман (англиски: David Letterman) е познат американски телевизиски водител и продуцент.

Дејвид Летерман
Роден 12 април 1947
Индијанаполис (Индијана), Соединети Американски Држави

Почетокот на кариерата

уреди

Летерман дебитирал во 1982 година со својата шоу-програма "Доцна навечер со Дејвид Летерман", која се прикажувала на телевизискиот канал "Ен-би-си" (NBC). Шоуто било продуцирано од продукциската куќа на Џони Карсон, кој во тоа време го водел своето "Вечерно шоу". Во почетокот, главната цел на програмата на Летерман било младото машко население, но постепено, шоуто станувало сè погледано. Откако Карсон заминал во пензија, Летерман конкурирал за неговото место во "Вечерното шоу", но каналот "Ен-би-си" одлучил шоуто да му го даде на Џеј Лено. Поради тоа, Летерман ја прифатил понудата на конкурентската телевизија "Си-би-ес" (CBC), така што во 1993 година го напуштил каналот "Ен-би-си". Неговото шоу "Доцна навечер" го презел Конан О'Брајан, а во 2009 година, шоуто започнал да го води Џими Фалон.[1]

Преселбата во „Си-би-ес“

уреди
 
Летерман со наградата „Еми“ во 1987 година.

Преселувајќи се во "Си-би-ес", Летерман преселил и голем дел од концептот на своето претходно шоу. Притоа, новото шоу започнало да се прикажува на 30 август 1993 година под насловот "Доцно шоу со Дејвид Летерман", продуцирано од неговата продукциска куќа "Ворлдвајд пентс инкорпорејтед". Во новото шоу, Летерман го задржал својот стил и остриот хумор, како и истата придружна група, на чело со Пол Шафер (но, со ново име - "Си-би-ес оркестра"), но направил и некои промени, заменувајќи ги стариот блејзер и белите патики со скапи чевли и рачно изработени костуми. Одвреме-навреме, во шоуто гостувале познати музичари и групи, како: "Мамфорд анд санс", Тејлор Свифт, "Саундгарден", "Кис", Готје, "Килерс", "Бенд оф хорсис" итн.[2]

Во октомври 2012 година, дури ни ураганот "Сенди", кој пустошел во Њујорк и околината, не го спречил Летерман да го продолжи со своето шоу. Така, на 29 октомври 2012 година, тој го емитувал "Доцното шоу на Дејвид Летерман" од празниот њујоршки театар "Ед Саливан", без присуство на публика. Вообичаено, неговото шоу се емитува со присуство на публика, но овојпат продуцентите сметале дека било ризично да ги повикаат луѓето да излегуваат од дома за да бидат дел од снимањето. Сепак, во емисијата дошле дел од планираните гости, меѓу кои бил глумецот Дензел Вашингтон.[3]

Со текот на годините, „Доцното шоу со Дејвид Летерман“ се здобило со почит и пофалби од критичарите, за што сведочат и добиените шест награди "Еми". Освен Летерман, во шоуто повремено се појавувале и гости-водители, како: Елвис Костело, Адам Сендлер и Бони Хант. Во 2003 година, во траење од еден месец, Летерман ги ангажирал Том Грин, Том Арнолд, Кејси Гремер и Џими Фалон да го заменуваат како домаќини на шоуто. Сепак, поради намалената гледаност на емисијата, овој експеримент бил прекинат по истекот на месецот. Во април 2012 година, неговата продукциска куќа склучила договор со "Си-би-ес" за прикажување на шоуто до 2014 година.[4]

 
Летерман пред коалициските војници во Багдад.

Продуцентската работа

уреди

Освен како водител, Летерман се занимавал и со телевизиска и филмска продукција. Така неговата продукциска куќа "Ворлдвајд пентс" ја продуцира емсијата "Доцното доцно шоу со Крег Фергусон", како и неколку хумористични серии, од кои најголем успех имала серијата "Сите го сакаат Рејмонд".[5]

Наводи

уреди
  1. "Омилен контроверзен владетел на доцните тв-часови", Антена, број 750, 9.11.2012, стр. 28.
  2. "Омилен контроверзен владетел на доцните тв-часови", Антена, број 750, 9.11.2012, стр. 28.
  3. „Омилен контроверзен владетел на доцните тв-часови“, Антена, број 750, 9.11.2012, стр. 28.
  4. "Омилен контроверзен владетел на доцните тв-часови", Антена, број 750, 9.11.2012, стр. 28.
  5. "Омилен контроверзен владетел на доцните тв-часови", Антена, број 750, 9.11.2012, стр. 28.