Деветтојулски настани во Гостивар и Тетово

Деветтојулските настани во Гостивар и Тетово — инциденти кои се случиле на 9 јули 1997 година во Гостивар и Тетово. Тие се претходница на воениот конфликт во Република Македонија од 2001 преку кој се потпиша Охридскиот рамковен договор.

Деветтојулски настани во Гостивар и Тетово
Датум 9 јули 1997
Место Гостивар и Тетово
Завојувани страни
Македонска полиција Албанија Локални Албанци
Команданти и водачи
Македонија Киро Глигоров
Македонија Бранко Црвенковски
Македонија Томислав Чокревски
Арбен Џафери
Руфи Османи
Алајдин Демири
Вклучени единици
МВР непознато
Сила
непознато непознато
Жртви и загуби
3 повредени 4 мртви
70 повредени
312 приведени
4 мртви

Причини за полициската акција и нередите во Гостивар и Тетово

уреди

Во Република Македонија во 1996 година со новиот закон за територијална организација се организираат локални избори. На локалните избори во неколку општини во Западна Македонија победуват кандидатите за градоначалници на ДПА (Демократска партија на Албанците).

Тогашните градоначалници на ГостиварРуфи Османи и на Тетово – Алајдин Демири и покрај тоа што со уставот на Република Македонија е забрането истакнување на знамиња на туѓи држави на територијата на Република Македонија го истакнуваат државното знаме на Република Албанија пред општинските згради. Во тие моменти на Косово започнуваше војната, а во македонската јавност се разви голема полемика за тоа дека власта треба да интервенира и да ги симне знамињата на туѓата држава од пред општинските згради во Гостивар и Тетово. Во градовите владееше вжештена атмосфера на најавата на членови на македонските партии дека тие ќе го симнат албанското знаме, доколку не го стори тоа полицијата, а постоеше голема опасност да избијат големи меѓуетнички вооружени судири.

Премиерот Бранко Црвенковски под притисок на јавноста се решава да спроведе полициска акција за отстранување на знамињата.

Почеток и тек на полициската акција

уреди

Полициските рации во Гостивар започнаа уште доцна вечерта на 8 јули 1997 кога најпрвин беше исклучена струјата, а потоа полицијата изврши упад во неколку ноќни барови.

На 9 јули 1997 на околу пладне на гостиварскиот плоштад неколку илјадна толпа луѓе излегоа на мирни протести веејќи албански и турски знамиња, а можеа да се забележат и некои исламски и саудиски знамиња. Пред насобраната толпа говореше Руфи Османи, а толпата скандираше разни навредливи слогани и „Албанија, Албанија“. Причината за овој протест беше одлуката на Уставниот суд против користење на албанското знаме на јавните места во Македонија. Во јуни и јули имаше постојани парламентарни дебати околу користењето на албанското знаме, додека некои пратеници поддржуваа одлука тоа да биде дозволено знамето да биде истакнато на државните празници и други свечености. Но, изгледаше дека нема да има компромис околу ова прашање.

Истиот ден околу 15 часот во Гостивар пристигнаа специјалните единици на Македонската полиција од разни краишта (Прилеп, Битола, Скопје, Штип) и започна акцијата за отстранување на знамињата. Меѓутоа протестите ескалираа кога низ градот се расчуја рафали од автоматско огнено оружје. На ова полицијата била приморана да возврати при што загинаа 4 цивили Албанци и да почне со масовни апсења. Во тие моменти низ градот се случуваше тотална бркотница и хаос.

По апсењата и упадите во неколку куќи, кон крајот на денот пред општините се развеа државното македонско знаме (албанското беше симнато), а градоначалниците на Гостивар и Тетово беа уапсени. Тие неколку денови во градовите беше во сила и полицискиот час.

На 10 јули повторно имаше насилни демонстрации околу употребата на албанското знаме, со пукање од двете страни во Гостивар, кое резултираше биланс од 70 повредени лица вклучувајќи и три полицајци. Во јули, двете главни албански партии, ПДП и НДП одржаа заеднички конгрес во Тетово, за да го засилат албанското барање. Заедничкиот конгрес тогаш одлучи да формира своја парамилитарна полиција со црни униформи, кои потсетуваа на албанските сили на оската во Втората светска војна.

Епилог на случувањата

уреди

Градоначалниците Руфи Османи и Алајдин Демири под кривично дело кршење на Уставот и законите на Република Македонија беа осудени на по 13 години затвор, а подоцна беа помилувани (од коалиционата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА). Руфи Османи поднесе тужба против Македонија во Судот за човекови права во Стразбур, која беше отфрлена.

Македонците ова го протолкуваа како функционирање на правната држава, а Албанците случувањата ги искористија како аргумент пред светската јавност дека власта ги крши нивните човекови права и дека се обесправени и дискриминирани.