Тао те кинг

кинески класични списи
(Пренасочено од Даодеѓинг)

Дао де ѓинг или Тао те чинг (кин. 道德經, Dàodéjīng = даодеѓинг) првобитно познат како Лао-цекласичен кинески спис. Името му доаѓа од првите зборови на неговите два дела: тао „пат“, дел 1, и те „доблест,“ дел 38, плус чинг „пример“. Традицијата вели дека текстот е напишан околу 6 век п.н.е. од страна на таоистичкиот мудрец Лао-це (или „Стариот Учител“), чуварот на записите на судот на династијата Зоу, и текстот во Кина е познат по неговото име. За вистинското авторство и времето на настанување на оваа книга сè уште се дебатира.[1]

„Тао Те чинг“ е основата на таоистичката школа на кинеската филозофија, а текстот извршил силно влијание и врз други школи, како на пример неоконфуцијанството. Оваа древна книга е исто така централна за кинеската религија, не само за таоизмот, туку и за кинескиот будизам. Бројни кинески уметници, поети, сликари, калиграфи, па дури и градинари го користат „Тао Те чинг“ како инспирација. Влијанието на оваа книга е проширено и надвор од Источна Азија, и веќе постојат илјадници преводи на разни јазици.

Насловот

уреди

Портал:Таоизам

 

 

Постојат повеќе можни преводи на насловот на оваа книга:

  • Тао буквално значи „пат“, „улица“, „начин“ или „правец“, но исто така и „патот пред тебе“, „метод“, „принцип“, „доктрина“. Овој израз се користи од страна на кинеските филозофи со специјално значење, и го означува суштинскиот процес на универзумот.
  • Те во основа значи „доблест“ како човечка одлика, „внатрешна сила“ или „интегритет“, но конфуцијанците го користат и со значење „морал“.
  • „Чинг“ на почеток било со значење „правило“, „план“, „основа“, но неговото значење семантички се проширува во „свето писмо“, „канон“, „голема книга“ или „класика“. Според тоа, „Тао Те Чинг“ може да се преведе како „Света /канонска книга за патот/начинот и моќта/доблеста“.

Внатрешната структура

уреди

„Тао Те Чинг“ е краток текст со околу 5.000 кинески знаци поделени во 81 оддел. Постојат сомневања дека поделбата на секции е подоцна извршена, заради полесно коментирање или памтење на текстот, и дека оригиналниот текст бил пофлуидно организиран. Стилот на пишување е лаконски, често двосмислен, повремено се појавува рима, а идеите кои се тешки за сфаќање се дадени поетски.

Историска автентичност

уреди

„Тао Те Чинг“ му се припишува на Лао-це, чие пак историско постоење е предмет на научна дебата. Неговото име, со значење „Стариот учител“ дава дополнителна контроверза во целата работа.

 
Лао-це

Лингвистичките проучувања на користениот вокабулар во текстот, како и на шемата на користените рими, ја датира книгата околу доцниот 4 век п.н.е. и почетокот на 3 век п.н.е. Некои западни научници, кои го оспоруваат историското постоење на Лао-це, тврдат дека книгата „Тао Те Чинг“ е всушност збирка од различни автори. Спротивно на нив, кинеските научници го прифаќаат постоењето на Лао-це како историска фигура, но сметаат дека легендите поврзани со него се претерани.

Во едно сите се согласуваат - „Тао Те Чинг“ има долга и сложена историја.

Главните верзии

уреди

Постојат многу преводи на „Тао Те Чинг“, но неколку се сметаат за главни. Тоа се: верзијата на Јан Зун (80 п.н.е. – 10 н.е.), од времето на династијата Хан; верзијата на Хешанг Гонг (202-157 п.н.е.) за кого се смета дека живеел во време на Императорот Вен од Хан; верзијата на Ванг Би, познатиот филозоф од времето на „трите кралства“, (226 – 249 наша ера).

Во 1973 година археолозите откриле копии на стари кинески книги во гроб датиран од 168 г. п.н.е. Во нив се содржани речиси комплетни копии на книгата на Лао-це, со тоа што двете главни секции се подредени обратно. Научниците врз основа на калиографијата веруваат дека овие копии може да се датираат околу првата и третата декада од 2 век п.н.е.[2]

Во 1993 година, најстарата позната верзија на текстот, пишувана на бамбусови таблички, е пронајдена во гроб блиску до Гуодиан во Јингмен, и се смета дека потекнува од пред 300 години п.н.е. Оваа верзија е испишана на 800 парчиња бамбус, со вкупно повеќе од 13.000 карактери, од кои 2.000 соодветствуваат со „Тао Те Чинг“, а вклучуваат и 14 претходно непознати стихови.

Интерпретација на темите

уреди

Во зависност од тоа како се толкува „Тао Те Чинг“, некои двосмислени делови имаат пвоеќеслојно значење – од совети за владетелот, до практична мудрост за обичниот човек. Сепак, централна тема е Тао.

Тао што може да се искаже не е вечниот Тао.
Името што може да се именува, не е вечното име.
Безименото е почеток на Небото и Земјата.
Именуваното е мајка на сè што постои. (дел 1)

Овие познати први стихови од „Тао Те Чинг“ тврдат дека Тао е неопислив, т.е. безимен, дека е зад сè, и го надминува говорот (именувањето). Преку изразот Тао се опишува состојбата на постоење пред времето и просторот, односно апстрактната космогонија.

Враќањето е движењето на Тао.
Давањето е патот на Тао.
Сите нешта на светот ги создало постоењето.
Само постоењето е создадено од непостоењето. (дел 40)

Вечното враќање кон изворот на сè е една од темите на книгата.

 
Насловна корица на „Тао Те Чинг“ од 1770 година

„Тао Те Чинг“ се фокусира и врз почетоците на општеството, опишувајќи ги златните времиња од минатото кои можат да се споредат со идеите на Жан Жак Русо. Проблемите на човекот се појавуваат после „изумот“ на културата и цивилизацијата. Описот на среќните времиња го среќаваме во делот 80:

Нивната храна е едноставна и добра;
Нивните облеки се убави но едноставни;
Нивните домови се сигурни;
Тие се среќни на свој начин.

Филозофската „празнина“ е вообичаена тема меѓу азиските мудри традиции, вклучувајќи ги таоизмот, будизмот и некои аспекти на конфуцијанството. Така и во „Тао Те Чинг“ се споменува моќта на празнината:

Триесет спици се дел од средиштето на тркалото;
Средишната дупка го прави тркалото корисно.
Од глина направи сад;
Празната внатрешност го прави употреблив.
Остави простор за врати и прозорци кога правиш соба;
Тоа се дупките од кои зависи употребливоста на собата.
Според тоа, корисноста произлегува од она што е таму, а употребливоста од она што не е таму. (дел 11)

Голем дел во „Тао Те Чинг“ е посветен на уредување на државата, како и совети за мудрецот кој треба да го советува владетелот („Зошто луѓето гладуваат? Затоа што водачите ги јадат парите од данокот, затоа луѓето гладуваат“ /дел 75) . Потоа себеспознанието како највисока мудрост, како и смирувањето на умот и ослободувањето од желбите („Испразни се од сè. Дозволи умот да се смири. Умот на оној што ја знае постојаноста е отворен. Тој што има отворен ум, тој е искрен“ /дел16).

Мудри изреки

уреди
 
Насловната корица од македонското издание

Еве некои од вечните мудрости на „Тао Те Чинг“:

  • Тој што другите ги познава, мудар е.
Тој што себеси се знае, просветлен е. (дел 33)
  • Тој што на прсти стои, не е стабилен.
Тој што оди со крупни чекори, не може да го одржи чекорот. (дел 24)
  • Не постои поголем грев од посакувањето.
Нема поголема клетва од незадоволството.
Нема поголема несреќа од алчноста.
Според тоа, оној кој знае кога е доволно, секогаш ќе има доволно. (дел 46)
  • Добрата врата не треба да се заклучува,
па сепак никој не може да ја отвори. (дел 27)
  • Доброто оружје е алатка на стравот;
него сите го мразат.
Затоа тие што го следат Тао,
никогаш не го користат. (дел 31)

Тао Те Чинги христијанството

уреди

Христијанските мисионери биле меѓу првите луѓе од Запад кои го проучувале текстот на „Тао Те Чинг“, па не е чудно што барале поврзување меѓу таоизмот и христијанството. Извлекле многу паралели меѓи Новиот завет и „Тао Те Чинг“, како на пример „Љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат„ (Лука 6:27) и „Награди ја горчината со грижливост“ (дел 63).

Посебно, цели два дела од „Тао Те Чинг“ се земени како потврда на христијанските теми. Делот 42 се сфаќа како потврда на тројството: „Тао го зачна едното. Едното ги зачна двете. Двете ги зачнаа трите. Трите ги зачнаа десетте илјади нешта.“ Во потрагата по сличности меѓу христијанството и текстот на Лао-це е отидено дотаму што во кинеските зборови кои го сочинуваат делот 14 се бара потврда на светото име на бога – Јахве: „Гледај, но не можеш да го видиш – тој е над обликот. Слушај, но не можеш да го чуеш – тој е над звукот. Допирај, но не можеш да го фатиш – тој е недопирлив.“

Денешните истражувачи продолжуваат да пронаоѓаат сличности меѓу таоизмот и христијанското учење. Дури напишани се и книги со наслов како на пример „Тао Те Чингза христијани“ (од Пол Бренан).

Критичарите на оваа истражувачка идеја обвинуваат дека сличностите се појавуваат поради тоа што речениците кои се споредуваат се извадени од контекст, како и тоа дека се занемарува кинеската религиозна пракса. Деловите кои се неспоредливи со христијанската доктрина потполно се занемаруваат, како што е делот 5: „Небото и Земјата се непристрасни... Тие ги гледаат луѓето како да се кучиња од слама.“

Преводи

уреди

„Тао Те Чинг“ е преведен на повеќе од 250 западни јазици.[3] Тој е како „голема сложувалка која секој сака да ја намести.“[4]

Повеќето преводи се извршени од луѓе кои се интересираат за кинеската мисла и филозофија, и кои се обидуваат да ја пренесат вистинската смисла на кинескиот текст до своите читатели. Преводи кои се сметаат за непопуларни, обично содржат интерпретации на текстот од самиот преведувач. Се смета дека таквите преводи не се раководат според историјата на кинеската мисла, и според тоа многу застрануваат од оригиналниот текст,[5] или само пренесуваат некои од западните фантазии.[6]

Тешкотии при преводот

уреди

„Тао Те Чинг“ е пишуван на класичен кинески јазик, кој е тежок за разбирање дури и за добро образовани Кинези. Алузиите во текстот кои биле јасни во времето на Лао-це, денес потполно се губат, а тука е и проблемот со неодреденоста и двосмисленоста на зборовите што се користени во „Тао Те Чинг“.

Бидејќи во класичниот кинески јазик не се користат интерпункциските знаци, често е нејасно каде завршува една и започнува друга реченица. Затоа, ако започнете со реченицата неколку зборови понапред или поназад, може да добиете сосема поинакво значење

Онлајн преводи на англиски јазик

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  • Boltz, William G. "Lao tzu Tao te ching." In Early Chinese Texts: A Bibliographical Guide, edited by Michael Loewe. Berkeley: University of California, Institute of East Asian Studies. 1993. pp. 269–92.
  • Damascene, Hieromonk, Lou Shibai, and You-Shan Tang. Christ the Eternal Tao. Platina, CA: Saint Herman Press, 1999.
  • Eliade, Mircea. A History of Religious Ideas, Volume 2. Translated by Willard R. Trask. Chicago: University of Chicago Press, 1984.
  • Kaltenmark, Max. Lao Tzu and Taoism. Translated by Roger Greaves. Stanford: Stanford University Press. 1969.
  • Kohn, Livia and Michael LaFargue, eds. Lao-Tzu and the Tao-Te-Ching, Albany: State University of New York Press. 1998.
  • Welch, Holmes. Taoism: The Parting of the Way (1957). Boston: Beacon Press. 1965.

Белешки

уреди
  1. Eliade (1984), p.26
  2. (Boltz 1993:284)
  3. LaFargue, Michael and Pas, Julian. On Translating the Tao-te-ching in Kohn and LaFargue (1998), p. 277
  4. Welch (1965), p. 7
  5. http://links.jstor.org/sici?sici=0022-4189(199007)70%3A3%3C492%3ATTCANE%3E2.0.CO%3B2-7
  6. „архивски примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2005-05-26. Посетено на 2005-05-26.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
 
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема:
 
Викиизвор
Викиизворот на кинески има изворна содржина поврзана со оваа статија:
See above for external links to Online English translations of the Tao Te Ching.


 
Оваа статија содржи кинески текст. Без правилна поддршка, може да гледате прашалници, квадрати или други симболи наместо кинески знаци .