Далновод[1][2] — енергетски надземен вод (слободен вод, воздушен вод) на наизменична или еднонасочна струја со висок електричен напон кој се користи за пренос на електрична енергија, на големи моќности, или на голема оддалеченост, или и двете. Електричната енергија се пренесува со неизолирани спроводници кои поради опасност од висок напон за околината се поставени високо над земјата. Како спроводнички материјали најчесто се користи алуминиум или алуминиумски легури. Електричните спроводници се прават во форма на јаже со усукување на поединечни жици, а најчестиот дизајн е комбинирано јаже усучено од два различни материјали, од кои едниот (алуминиум) служи за спроведување струја, а другиот (челик) ги презема механичките напрегања (т.н. алучелен спроводник) . За напони повисоки од 300 kV, се составуваат спроводници на поединечни фази од две, три или повеќе јажиња на меѓусебно растојание од 30 до 60 сантиметри (снопови спроводници), со цел да се избегне штетна празнење (корона) на спроводниците. Носачи на спроводниците се далноводни столбови наменети за носење и затегнување, кои најчесто се изработуваат како решеткасти конструкции од аголен профилиран поцинкуван челик. Меѓу столбот и спроводникот се поставуваат висечки електрични изолатори составени од низа изолаторски делови изработени од електропорцелан, калено стакло или синтетички материјали механички зајакнати со стаклени влакна.[3]

Далноводни столбови наменети за носење и затегнување на далноводи.
Пример на алучелен спроводник кој покажува во средината пакет од 7 челични жици опкружени со 4 кружни слоеви алуминиумски спроводници.

Електричната енергија со далноводите се пренесува од големите електрани до трансформаторските станици за намалување на електричниот напон во граничните подрачја на концентрирана потрошувачка на електрична енергија (градови, големи индустриски постројки и така натаму). Електричните моќности што се пренесуваат со поедини далноводи изнесуваат од неколку десетици до неколку илјади MW, во зависност од висината на напонот. Преносни напони се сметаат за меѓуфазните напони, и тоа од 50 kV до денес највисоките наизменични напони од 1200 kV и највисоките еднонасочни напони од 1500 kV (помеѓу половите). Во Македонија се користат номинални напони за наизменичен пренос од 110 kV, и 400 kV, а вкупната должина на далноводната мрежа изнесува 2200 км.[1] Денес, должината на поединечните далноводи достигнува неколку илјади километри.

Систем за заземјување на далноводите

уреди

Систем за заземјување на далекуводот е заштитен систем кој се состои од заземјувачи закопани во земја, понекогаш и од доземниот спроводник. Целта на заземјувањето е да се заштитат луѓето кои се наоѓаат во близина на столбовите кога ќе дојде до спој на земја на спроводникот на далноводот (пробој на телото на електричниот изолатор или прескок низ воздухот долж изолаторот), но и да се зголеми доверливоста со ограничување на повратните прескоци при удар на гром во столб или во заштитното јаже.

Заштитно јаже

уреди

Заштитното јаже е спроводник кој се поставува над електричните спроводници и директно се поврзува со столбовите, а неговата задача е да спречи директни удари на гром во електричните спроводници. Линијата е опремена и со додатоци, кои главно се состојат од разни помали делови за електрично и механичко поврзување на поединечни делови на далноводот, за заштита на изолаторите од електрични лакови и за придушување на механичките вибрации на спроводниците предизвикани од протокот на воздух.

Наводи

уреди