Прнар

вид дрво
(Пренасочено од Даб прнар)

Прнар (латински: Quercus coccifera) – вид даб што расте како шумјак, наменет за кастрење за добиточна храна.[2] Прнарот е зимзелено ниско дрво од родот дабови, по потекло од Средоземјето.

Прнар
Научна класификација [ у ]
Царство: Растенија
клад: Скриеносеменици
клад: Евдикоти
клад: Розиди
Ред: Буковидни
Семејство: Буки
Род: Даб
Вид: Прнар
Научен назив
Quercus coccifera
Л.
Распространетост
Синоними[1]
Даб прнар во природно живеалиште во Турција.
Прнар во природни живеалишта (француско крајбрежје).

Распространетост

уреди

Прнарот како самоник расте во јужна Европа, Мала Азија, северозападна Африка,[3] Сирија и Палестина. Неговиот ареал во Европа се простира долж целото Средоземје, најмногу на Пиринејскиот Полуостров, а потоа на југ на Балканскиот Полуостров. На Апенинскиот Полуостров го има во Апулија, а мал ареал се простира и во атлантското приморје. Извесна континенталност се гледа во продирањето во Шпанија и Македонија. Во Хрватска и Црна Гора се јавува долж брегот на Јадранското Море.[4][5]

Во Македонија се простира до надморска висина од 670 метри, во Бугарија на јужните Родопи до 800 метри, а во Грција до 1.100 метри.[5]

Опис

уреди

Прнарот е ниско, зимзелено дрво. Ретко достига висина од 10 м, со граден пречник на стеблото од 10 до 50 см. Кората на стеблото е густо и плитко испукана. Крошната е густа. Младите гранчиња се покриени со ѕвездести влакненца, а изданоците се ситни, скоро голи.[4] Кореновиот систем се одликува со јако развиен централен корен со бројни странични жили.[6]

Листовите се ситни, долги 2 до 5, а некогаш и само 1 см, долгунесто јајчести. Кожести се, крути, со јака кутикула и голи, освен по нервите каде се видливи ситни влакненца. На лице се сјајни, зелени, на наличје бледо зелени. По ободот се брановити, трнливо назабени и повиен надолу. Петелката е долга 3 до 4 мм. Листовите на гранките остануваат 3−4 години.[4]

Цветовите се еднодомни и еднополни, собрани во соцветија. Машките цветови се во висечки реси, а женските седечки, на кратки дршки. Цвета од март до мај.[3] Плодот е кус и дебел желад, долг до 3 см и широк до 1,5 см, со купула која е скоро седечка (без петелка). Купулата е прекриена со лушпи (стипули) кои се тврди, зашилени, оддалечени од основата. Желадот е една третина, или повеќе, во купулата. Созрева во август−септември втората година.[4]

Живеалиште

уреди

Прнарот е топлољубив вид, кој најдобро расте на присојни места. Поднесува и полусенка.[3] Му одговараат сиромашни, најчесто варовнички земјишта, но се јавува и на силикатни. Со другите средоземни видови гради макии и гариги[5] Гради шумјаци со црн јасен на јадранскиот брег и со Coccifero-Carpinetum orientalis во јужна Македонија.[4]

Има силна и трајна моќ за потерувања од пенушки и корени, па почесто се наоѓа на пенушки и корени, додека поединечни стебла добиени од семе, се многу ретки и може да се најдат главно во декоративни зелени површини.[5]

Употреба

уреди

Во време на немаштија и глад и желадите од прнарите, како и желадите од многу други видови дабови, се користеле како храна.

 
Крмузни (темноцрвени) чемери на лисјето на даб прнар

Свежите лисја не би требало да се користата бидејќи танинот во нив делува на другите растенија како инхибитор на растот.[7]

Во рамките на природниот ареал, прнарот може да се користи за формирање високи живи огради.[4]

Занимливости

уреди
  • На дабјето често се јавуваат гали, израстоци предизвикани од активности на ларви на разни инсекти. Инсектите живеат во овие гали и од нив црпат хранливи материи. Во галите на прнарот живеат штитести вошки од родот кермес (Kermes vermilio). Од телата на мртвите женки на овие инсекти се добива крмуз боја (темноцрвена).[3] Името на видот coccifera потекнува од латинскиот збор coccum (алово црвено).[8] Од кората и семето, богати со танини, исто така се добива црна боја.[7]
  • Дабот прнар е заштитен вид на сите природни живеалишта во Хрватска од 9 мај 1969 година.[5]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. ThePlantList kew-172199 Quercus coccifera L.
  2. „прнар“Дигитален речник на македонскиот јазик
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 „Quercus coccifera“. Missouri Botanical Garden. Посетено на 12 декември 2016.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Vukićević 1993, стр. 282−283
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Najvirt, Željko; Miličević, Ante; Meštrović, Šime (јун 2008). „Areal hrasta oštrike (Quercus coccifera l.) u zapadnom dijelu poluotoka Pelješca“. Šumarski list. 132 (5–6): 253–258. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  6. „QUERCUS COCCIFERA L“. Moja bašta. Архивирано од изворникот на 3 март 2017.
  7. 7,0 7,1 „Quercus coccifera - L“. Plants For A Future. Посетено на 12 декември 2016.
  8. „Oštrika“. Priroda i biljke.

Литература

уреди

Надворешни врски

уреди