Господинот претседател
„Господинот претседател“ (шпански: El señor presidente) — роман на гватемалскиот писател Мигел Анхел Астуријас Росалес од 1946 година.
Содржина
уредиПрв дел: 22, 23 и 24 април (1-11 глава)
уредиКај божјата порта, во близината на главниот плоштад, се собираат просјаците. Еден од нив е малоумен и секогаш реагира кога некој ќе му подвикне: „Мајко!“. Додека спие, еден полковник го задева и просјакот неочекувано го убива. Утредента, полицијата ги апси сите просјаци, кои ја кажуваат вистината за убиството, но полицијата ги присилува да кажат дека полковникот Паралес Сонриенте го убиле генералот Каналес и адвокатот Карвахал. Во меѓувреме, убиецот бега надвор од градот и заспива на едно буниште, каде го напаѓа јато мршојадци. Тој успева да побегне, но притоа ја крши ногата, а двајца случајни минувачи, еден дрвар и Мигел Ангелоликиот, му помагаат и го враќаат во градот. Ангелоликиот оди кај претседателот, кој му дава задача да го спаси генералот Каналес кого утредента треба да го уапси војската како божемен убиец на полковникот Сонриенте. Вечерта, кај портата стражарат агентите на тајната полиција при што еден од нив, Лусио Васкес, го убива малоумниот просјак кој во меѓувреме се враќа таму. Ангелоликиот, пак, го убедува генералот Каналес да побегне.[1]
Втор дел: 24, 25, 26 и 27 април (12-27 глава)
уредиНоќта, според договорот, Мигел и Лусио (кој случајно се запознава со Мигел) ја грабаат Камила, ќерката на генералот. За време на акцијата, полицајците влегуваат во куќата на генералот и ја ограбуваат, а генералот го користи метежот и успева да побегне. Утредента, војската доаѓа да го уапси генералот и дури тогаш го открива неговото бегство. Притоа, војниците ја апсат Федина Родас, млада жена која случајно влегува во куќата на генералот, а потоа го апсат и адвокатот Карвахал. Федина ја мачат во затворот, а таа ја кажува вистината по што ги апсат и нејзиниот сопруг, како и Лусио. За време на измачувањето, во затворот умира бебето на Федина. Мигел и Камила одат кај нејзините стриковци (браќата на нејзиниот татко), но тие одбиваат да ја примат кај себе. Воениот судија поднесува тужба против Федина, нејзиниот сопруг, Лусио и Мигел, но претседателот му наредува да ја поништи тужбата. Во меѓувреме, за време на испитувањето, сопругот на Федина раскажува за убиството на просјакот, а Лусио признава дека го извршил делото по наредба на претседателот. Очајна поради немилосрдниот однос на стриковците, Камила се разболува, а судијата ја продава Федина во една јавна куќа. Таму, проститутките го откриваат нејзиното мртво бебе кое таа цело време го држи во прегратката. Исцрпена од полициското измачување и од смртта на бебето, Федина се разболува и ја префрлаат на болница. Состојбата на Камила се влошува и таа повикува свештеник за да се исповеда. Мигел оди во јавната куќа, каде дознава за судбината на Федина, а потоа го предупредува мајорот Фарфан дека животот му е во опасност. Во меѓувреме, придружува од еден Индијанец, генералот Каналес пристига во едно село во близина на границата, каде му помагаат три сестри, а потоа, со помош на еден шверцер, тајно ја преминува границата.[2]
Трет дел: Седмици, месеци, години... (28-41 глава и епилог)
уредиАдвокатот Карвахал набрзина е осуден на смртна казна. Дознавајќи за тоа, неговата очајна сопруга веднаш заминува во резиденцијата на претседателот за да го моли за милост, но стражарите не ја пуштаат да се сретне со него. Додека лежи на претсмртната постела, Камила и Мигел тајно се венчаваат. Набргу, Мигел е повикан кај претседателот кој дознал за венчавката и веста ја објавил во весниците, лажно наведувајќи дека токму тој им бил главен сведок на младенците. Сопругата на адвокатот Карвахал добива анонимни писма со почит кон нејзиниот сопруг, иако сите нејзини познаници ја избегнуваат поради стравот од власта. Таа бара од воениот судија да ѝ каже каде е закопан адвокатот, но без успех. Истовремено, воениот судија го ослободува сопругот на Федина, давајќи му задача да го следи Мигел. По венчавката, Камила се преселува во куќата на Мигел, каде постепено закрепнува, опкружена со љубов и внимание од сопругот. По некое време, тие се поканети на свечен прием кај претседателот. Во меѓувреме, генералот Каналес започнува вооружено востание против власта, но еден ден ненадејно умира, кога во весникот ја чита веста за свршувачката на Камила. Мигел дознава за гласините што се шират низ градот дека претседателот го смета за непријател. Затоа, тој бара заштита од него, а претседателот го испраќа во САД за да му обезбеди поддршка за претстојните избори. Меѓутоа, кога Мигел пристига на пристаништето, него го апси мајорот Фарфан, а на бродот за САД се качува еден човек кој личи на Мигел. По налог на претседателот, Фарфан сурово го измачува Мигел. Неколку месеци, Камила чека писмо од Мигел, а потоа безуспешно се обидува да добие прием кај претседателот. Откако насекаде бара вести за својот сопруг, таа заминува во едно село, каде го раѓа синот Мигел и останува да живее таму. Во меѓувреме, Мигел лежи в затвор, постојано мислејќи на Камила, сè додека власта не му испрати лажен затвореник, кој му кажува дека Камила се омажила за претседателот. Потресен од веста, Мигел умира. Романот завршува со цената кога на улица се среќаваат свештеникот и студентот кои своевремено лежеле во истата затворска ќелија, обвинето дека се непријатели на претседателот. Во меѓувреме, власта ја урнала портата со цел да ги избрише сите спомени на убиството на полковникот и на просјакот.[3]
За романот
уредиАстуријас започнал да го пишува романот во родната Гватемала, во декември 1925 година, а еден дел од него е напишан во Париз, во ноември 1925 година, а бил завршен во Париз, на 8 декември 1932 година.