Вечери во селцето крај Диканка
Вечери во селцето крај Диканка (руски: Вечера на хуторѣ близъ Диканьки) — збирка раскази на рускиот писател Николај Гогољ. Првиот дел од збирката е објавен во септември 1831, а вториот дел во април 1832 година.
Содржина
уредиЗбирката ги содржи следниве раскази:[1]
Осврт кон делото
уредиОваа збирка го означува првиот книжевен успех на Гогољ. Таа претставувала новост во руската книжевност како според тематиката така и по нејзините уметнички одлики. Истовремено, книгата доживеала успех и кај публиката која била освоена со живиот опис на украинската природа и народниот живот, како и со свежината, фантастиката, лиризмот и хуморот во раскажувањето. На пример, во едно писмо, Пушкин се изразува многу пофално за збирката, пишувајќи дека го воодушевила поради тоа што била весела, искрена, без афектација и без извештаченост. Во писмото, Пушкин ја оценува книгата како необична појава во руската книжевност и раскажува дека дури и работниците во печатницата умирале од смеа за време на нејзиното печатење.[2][3]
Основната вредност на првата збирка на Гогољ се состои во тоа што таа е искрена книга за народниот живот. Во 1820-тите се појавиле неколку книги за Украина и за Украинците, така што Гогољ бил под влијание на таа струја во културниот живот. Притоа, во текот на работата на збирката тој собирал етнографски материјали и неколкупати им пишувал на мајка си и на сестра си да му испратат народни песни и приказни, како и податоци за народните носии, верувања и обичаи. Меѓутоа, неговите раскази се разликуваат од дотогашните книги, зашто во нив нема претеран етнографизам, ниту пак стремеж за егзотика. Во книгата, главен лик е народот, обичните луѓе, а фолклорните елементи се само едно средство за нивно прикажување. Исто така, неговиот став кон народот е сосема различен во споредба со дотогашните писатели, кои со симпатија гледале на „простиот народ“, но задржувајќи го покровителскиот тон. Наспроти тоа, во збирката на Гогољ нема ни трага од господскиот тон и тој се идентификува со народните сфаќања и интереси.[4]
Критичарите го подвлекуваат романтизмот во „Вечерите во селцето крај Диканка“ каде народниот живот е поетски прикажан, а тоа е особено изразено во описот на некои ликови во книгата во кои се претставени највисоките особини на народот. Како последица на тоа, во книгата се забележува едностраност во прикажувањето на стварноста, т.е. Гогољ воопшто не зборува за кметството. Иако Гогољ не го прикажува сестрано и аналитички општествениот живот, сепак неговите раскази не ја искривуваат стварноста. Напротив, покрај фантастичниот свет на народните легенди, во книгата има бројни реалистични елементи, авторот заема хумористичен и ироничен став кон легендарните и фантастичните елементи. На пример, натприродните појави Гогољ ги објаснува сосема реално, како што е случајот со ѓаволите и вештерките кои често добиваат човечки особини. Фантастичните елементи му служат на писателот како средство за сликање на народната психологија, а не како основа на уметничкото создавање. На тој начин, иако во голема мера инспирирана од романтичната поезија, оваа збирка е значајна во трасирањето на патот на Гогољ кон реализмот.[5]
Решителниот исчекор на Гогољ кон реализмот особено се забележува во претпоследниот расказ во збирката, „Иван Фјодорович Шпонка и неговата тетка“ кој многу се разликува од другите раскази застапени во неа, затоа што во неа е силно изразено она што во другите раскази само се насетува како тенденција. За разлика од другите раскази, овде се прикажани благородниците а не селаните и затоа реалистичниот и критички момент е особено нагласен. Навистина, Гогољ не зборува за спротивностите меѓу кметовите и спахиите, но јасно ги прикажува повластената положба и паразитизмот на главниот јунак во расказот. Притоа, со извонреден хумор, Гогољ ги слика сиромашните чувства, ограничените видици и бедниот интелектуален живот на Иван Шпонка и на другите ликови (неговата тетка Василиса Кашпоровна и спахијата Григориј Сторченко).[6]
Книжевно влијание
уредиКнигата „Вечери во селцето крај Диканка“ се споменува во романот „Браќата Карамазови“ на Достоевски, каде во една сцена, Фјодор Павлович Карамазов му ја препорачува книгата на слугата Смердјаков кој, откако ја чита, ниту еднаш не се насмевнува, велејќи дека сè е напишано невистинито.[7]
Наводи
уреди- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXII-XXIII.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XX.
- ↑ Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 6.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XX-XXI.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXI-XXII.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXIII.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 131.