Весна Дунимаглоска

Весна Дунимаглоска (Битола, 1976) — македонска скијачка и сликарка. Била учесник на ЗОИ 1992 и државен шампион на Македонија во повеќебој.[1]

Животопис

уреди

Дунимаглоска е родена на 1976 година во Битола. Основното и средното образование го завршила во Битола. Во 1999 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Во 2005 магистрирала на Универзитетот на уметностите во Белград и се стекнала со звањето Магистер во областа на мултимедијалната уметност.

Скијање

Од 1982 до 1994 година била член на скијачкиот клуб „Пелистер“, Битола. Била апсолутен шампион на Македонија во слалом и велеслалом во своите категории. Во 1986 година го освоила второто место во слалом на Балканското првенство во Бурса, Турција, а во 1990 година третото место на Државното првенство на Бугарија. Во 1990 година била државен шампион на Македонија во повеќебој, гимнастика. Во 1992 учествувала на Југословенското првенство на Бјелашница, Босна и го освоила првото место во слалом и второто место во велеслалом. Истата година учествувала на ЗОИ Албертвил во Југословенската алпска скијачка репрезентација. Била двократен спортист на годината на Битола, двократен спортист на годината од списанието „Скок“ и била во 10-те најуспешни спортисти на Македонија од СОФКА.

Уметност

Дунимаглоска освен високите спортски успеси, таа има исто така и успеси на полето на уметноста. Дунимаглоска најчесто работи инсталации и перформанси и се занимава со социјалната политика, со трансформацијата и моќта на уметноста во секојдневниот живот. Појдовна точка на нејзиното видео е вистинска животна ситуација низ која ги истражува улогата и функцијата на уметноста во поширокиот современ социјален контекст.[2] Освен излагањата низ Македонија, таа имала и свои изложувања низ Европа и Америка.

Наводи

уреди
  1. Андоновска, Ленче; Благој Николов, Трајко Огненовски, Гордана Пешевска, Анета Стефановска, Светлана Талеска (2007). Науме Ѓорѓиески (уред.). Значајни личности за Битола. Битола: Национална установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. стр. 73. ISBN 978-9989-2783-0-3.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. „ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА УМЕТНОСТ Наши уметници изложуваат во Њујорк“. Време. 10 декември 2004. Посетено на 2010-09-19.[мртва врска]