Проект „Вардарска Долина“

(Пренасочено од Вардарска Долина)

Проектот „Вардарска Долина“ е стратегиски проект на Македонија во енергетскиот сектор. Со овој проект се опфаќа рационално и интегрално користење на водните ресурси, што би требало да доведе до зголемување на водниот и економскиот потенцијал на земјата. Со овој мега проект може да се овозможи до Велес да пловат вистински бродови.

Реката Вардар има уедначен пад на своето корито скоро на целата должина, па затоа е нерационално користењето на водата со помош на деривација. Освен во рамниците, во целото стеснето корито реката ја следи железничката линија Скопје - Гевгелија. Поради тоа, за секој дел на вардарското корито, кој е поволен за изградба на брана, мора претходно да се мисли на изместување на постојната линија. Досега се откриени и проучувани две делници, кои даваат поволни хидрогеолошки и економски услови за изградба на брани: Башино Село кај Велес и Градец кај Удово.... Според тоа, нивото на заезерената вода би се протегало до ЖС „Зелениково“.

Идеја за проектот

уреди

Идејата за искористување на водниот потенцијал на реката Вардар, е стара повеќе децении. Кралството Југославија уште во 1932 година побарало од меѓународната заедница да го финансира проектот за изградба на каналот Морава – Вардар – Егејско Море. Со овој проект се предвидува содавање на нов пловен пат кој би бил долг 700 km и преку Дунав на север би бил поврзан со Рајна и со Северното Море, потоа со подунавските земји и Црното Море, како и со сите држави кои излегуваат на Средоземјето, вклучувајќи го тука и Суецкиот Канал, преку кој би се сообраќало практично со целиот Исток. Овој проект не бил прифатен од тогашната Лига на народите во Женева. Според извештаиите на Иво Андриќ, кој бил отправник на работите на Кралството, Комитетот не можел да го усвои проектот затоа што неговата евентуална градба не изгледала ни технички ни економски оправдана.

Разработка на проектот

уреди

По Втората светска војна, уште со првиот петогодишен план Македонија била живо заинтересирана за спроведување на проектот „Вардарска долина“.[1]

За проучување и изработување на проектен елаборат за изместувањето на линијата на релацијата Зелениково - Титов Велес, Електростопанската заедница на СР Македонија склучила договор на 25 септември 1963 г. со Заводот за студии, проектирање и надзор на градење на железници на ЈЖ - Белград.

Според планот за реконструкции на железнички лании од I ред на територијата на ЈЖ во кој спаѓа и линијата Скопје - Гевгелија, проектантот морал да проектира линија за брзина од 100 км/ч. Држејќи се на спогодбените и техничките услови, проектантот на фотограметриска ситуација во размер од 1:10000 повлекол на десниот и левиот брег на реката по една основна варијанта и подваријанти со намера да го изнајде најекономичното решение. На првиот дел од станицата Зелениково до влезот во тунелот Пчиња, се повлечени над котата на заезерената вода обете варијанти заедно. Оттука левобрежната варијанта свртува повеќе лево и со тунел долг 1955 m минува низ пчињскиот падиноски брег, а потоа со мост преку заезерената вода на Вардар, преоѓа на левата страна и влегува во новопроектираната станица „Пчиња". Понатаму трасата оди по левиот брег на Вардар преку селото Сопот, па над селото Новачани, потоа покрај Башино Село се развива и се враќа на десниот брег на Вардар нешто јужно од браната и се приклучува на постојната оска на линијата Скопје – Велес. На трасата најголеми објекти се: 13 тунели со вкупна должина од 8.600 m меѓу кои најголем е Новачани со должина од 2.080 m. Покрај голем број пропусти и помали мостови, преку Вардар се предвидени два премина со два големи мостови. Левобрежната варијанта е долга околу 26 km. Нејзината вредност изнесува 12.584.582.000 тогашни динари.

Деснобрежната варијанта, оди по истата траса како и левобрежната до влезот во тунелот Пчиња, каде што свртува нешто десно и низ тунел од 2095 m се пробива низ брегот „Пчиња", потоа продолжува по десниот брег на реката Вардар сè до железничката станица Велес. Вкупната должина на оваа варијанта изнесува 22,735 km. Во меѓупросторот Зелениково - Велес има две станици. Во вештачките работи и на оваа варијанта имаат доминанто место тунелите со вкупна должина од 7.900 m, меѓу кои тунелот Орлов Камен во должина од 4.145 m е најголем објект на линијата. Вкупната вредност на деснобрежната варијанта изнесува 9.960.600.000 динари.

Проектот бил ревидиран на 27 мај 1964 г. кога е прифатена деснобрежната варијанта со извесни забелешки.

За другото избрано место на реката Вардар за подигање брана „Градец" Електростопанската заедница на СР Македонија склучила во 1966 година договор за изработување на инвестиционо-техничка документација со Погонот за студии, проектирање и извршување на инвестиции при ЖТП - Скопје.

Во елаборатот биле изработени две варијанти, обете на десниот брег на реката, скоро паралелно. При проектирањето е водено сметка дека се работи за меѓународна главна линија од I ред. Кај изместената линија се предвидени истите крајни станици Д. Капија и Миравци, а разминувачките Клисура и Јаворица се нешто дислоцирани во зависност од топографскихе измени. Кај сите станици се внесени измени во согласност со рангот на линијата и новите прописи.

На изместените траси се предвидува следниов број поважни вештачки објекти.

а) кај црвената варијанта: Вкупно пропусти има 50, мостови и вијадукти има 5, со вкупен отвор 272 m и тунели 3, со вкупна должина од 1.514 m и
б) кај зелената варијанта: Вкупно пропусти има 52, мостви и вијадукти има 3, со вкустен отвор 144 m и тунели 8, со вкупна должина од 2.214 m.

Според предмерот и пресметката вкупната вредност на изместувањето на линијата од ст. Демир Капија до ст. Миравци изнесува;

а) По црвената варијанта (пониска) 6.689.903.900 тогашни динари.
б) По зелената варијанта (повисока) 7.161.137.600 тогашни динари.

Претпроектите се ревидирани по решението на Електростопанската заедница на СР Македонија (број 1188 од 13 април 1967 г.), кога е усвоена црвената варијанта, а оттука до ст. Миравци зелената варијанта.

За време на владата на Анте Марковиќ, на конкурс за развојни проекти во поранешна Југославија, „Вардарска долина“ добил признание како најперспективен развоен проект.

1994-1999, Француски интерес

уреди

По осамостојувањето на Македонија од Југославија, во 1991 година идеја за проектот „Вардарска Долина“ повторно станува актуелна, а во периодот од 1994 до 1999 година, беше започната нејзината реализација од страна на два конзорциума, еден македонски и еден француски.

Македонскиот конзорциум го сочинуваа 16 домашни компании и Владата како рамноправен партнер. Проект-менаџер на конзорциумот „Вардарска Долина“ беше Јордан Ставров, експерт за хидроенергија.

Во францускиот конзорциум, пак, беа вклучени државната француска енергетска компанија ЕДФ и француската фирма ЦНР, која стопанисува систем на хидроцентрали на реката Рона.

До 1999 година двата конзорциума завршиле и со ревизија на целиот проект и било решено француската страна да учествува во инвестицијата со 80 отсто од средствата, а македонската со 20 отсто од средствата.

Пред повеќе години Францускиот конзорциум формиран за изградба на „Вардарската долина“, заради неисплатливост го напуштил проектот. Откажувањето од овој проект од страна на францускиот конзорциум во некои кругови се смета дека е направено од политички причини. Една од можните пречки при реализацијата на проектот би можела да биде Грција, односно користењето на меѓународните води на реката Вардар. Со Грција веќе постои меѓународен договор од времето на поранешна Југославија кој предвидува Македонија да испушта одредено минимално количество на вода. Треба да се има предвид искуството на Бугарија со Грција за текот на реката Струма.

Со проектот предвидено е да се изградат следниве хидроцентрали:

Проектот „Вардарска Долина“ не завршува со македонската граница, туку има можност да продолжи и по текот на Вардар, до нејзиното влевање во Егејско Море, каде што би можеле да се изградат уште 4-5 хидроцентрали.

Со проектот треба да се испланираат и нови траси на делови од автопатот и железничката пруга од Скопје кон Гевгелија, кои треба да се дислоцираат бидејќи ќе бидат поплавени со водата од акумулациите. Од 150 километри железничка пруга, која се наоѓа на овој потег, треба да се дислоцираат 80 километри. Од нив, кај ХЕ „Велес“ треба да се поместат 30 километри пруга, кај ХЕ „Градец“ 20 километри, а кај 10-те мали хидроцентрали помеѓу треба вкупно да се поместат уште 30 километри железничка пруга. Според податоците од Електрани на Македонија само за дислокација на железничката пруга ќе бидат потребни 167 милиони евра. За преместување на автопатот ќе треба да се одвојат уште 50 милиони евра.

Кинескиот интерес во 2011 година

уреди

Република Македонија за реализација на проектот потпишала Меморандумот за разбирање со Кинеската меѓународна корпорација за води и електрична енергија (КВЕ) и Кинеската развојна банка (КРБ), со кој се проценува дека изградбата на „Вардарска долина“, би изнесувала околу 1,5 милијарди евра. Владата на Македонија би инвестирала 15%, додека за останатите средства во висина од 85% се планирало да биде подигнат кредит од КРБ. Предвидувањата се дека во рок од 10 до 15 години овој проект ќе биде завршен.[2]

Со проектот се предвидува по течението на Вардар, од Велес до Гевгелија, да се изградат 12 хидроцентрали, од кои две поголеми централи кај Башино село, Велес и Градец, Удово, и други десет помали брани со височина од 8 до 10 метри. Вкупната инсталирана моќ на централите ќе изнесува од 350 до 400 мегавати, додека просечното годишно производство на електрична енергија ќе изнесува меѓу 1.000 и 1.400 гигавати.

Се проценува дека изградбата на „Вардарска долина“, би изнесувала околу 1,5 милијарди евра.

Кинескиот амбасадор Цуи Џу Мин и претставникот од Кинеската корпорација за управување со води и електрична енергија, Ланг Ју, при потпишувањето на меморандумот посочиле дека проектот „Вардарска Долина“ ќе ја зајакне економската соработка меѓу Кина и Македонија и дека успешното реализирање на проектот ќе го отвори патот за други странски инвеститори.[3]

Понови активности

уреди

Во 2016 година, „Електрани на Македонија“ АД склучиле договор со швајцарската консултантска фирма „АФ Консалт“ за изработка на нацрт-студија за енергетскиот проект „Вардарска Долина“. Договорот бил вреден 88.626 евра.[4]

Наводи

уреди
  1. „Историјата на железниците на Македонија 1873 -1973“, дел „Проучување и проектирање за делумно изместување на магистралната линија Скопје – Гевгелија со цел да се искористи реката Вардар во енергетски цели“
  2. 2011.04.14 „Вардарска Долина“ на кинески начин. dnevnik.com.mk[мртва врска]
  3. 2011.04.11 Аирлија нека е, „Вардарска Долина“ доби кредит. utrinski.com.mk Архивирано на 13 април 2011 г.
  4. „Почна изработката на студија за проектот Вардарска Долина“, Економија и бизнис, година 18, број 221, ноември 2016, стр. 12.