Ваденско Море

море
(Пренасочено од Ваденското Море)

Ваденското Море (холандски: Waddenzee, германски: Wattenmeer, долногермански: Wattensee/Waddenzee, дански: Vadehavet, западнофризиски: Waadsee) е крајбрежен појас во југоисточниот дел на Северното Море. Сместено е помеѓу брегот на северозападна континентална Европа и Фризиските Острови, образувајќи плитка водна површина со плитаци и мочуришта. Целото подрачје се одликува со голема биолошка разновидност. Во 2009, холандскиот и германскиот дел на морето биле прогласени за светско наследство на УНЕСКО.[1]

Ваденско Море
светско наследство на УНЕСКО
Критериумприродно: viii, ix, x
Навод1314
Запис2009 (XXXIII заседание)

Според стручњаците, Ваденското Море има еден од највидоизменетите брегови во светот како последица на човечките активности,[2] што може да се забележи од системите од бразди и насипи на копното и ниските крајбрежни острови. Ваденското Море се протега од Ден Хелдер во Холандија на југозапад, ги одминува големите речни устија на Германија и завршува кај северната граница на Скалинген, северно од Есбјерг во Данска. Овој потег има вкупна должина од 500 км и површина од околу 10.000 км2. Во рамките на Холандија, морето се граничи со Ајселското Езеро крај насипот Афслејтдејк.

Островите во морето се нарекуваат Ваденскоморски Острови или Фризиски Острови, кои го добиле името од месното население — Фризите. Меѓутоа, фризискиот јазик не се говори во најзападниот дански остров Тексел веќе со векови. Данските Ваденскоморски Острови никогаш немале фризиско население. Оддалечениот германски остров Хелголанд етнички е фризиски, но не се наоѓа во Ваденското Море.

Природа

уреди
 
Солено мочуриште и плитаци кај Вестерхевер, Германија

Зборот wad е холандски поим за „плитак“ (долногермански и германски: Watt, дански: Vade). Подрачјето се одликува со пространи плитаци од тиња, подлабоки приливни брази (приливни потоци), а островите во оваа област постојано се потопуваат и излегуваат на површина. Пејзажот во голема мера е создаден од бурни приливи во периодот од X до XIV век, преплавувајќи и носејќи ги тресетните површини зад крајбрежните песочни дини. Денешните острови се остатоци од некогашните дини.

Островите имаат со дини и широки песокливи плажи кон Северното Море и низок приливен брег кон Ваденското Море. Брановите и струите постојано однесуваат наноси, постепено менувајќи го обликот на островите. На пример, островите Влиланд и Амеланд низ вековите се поместени источно, губејќи го копното на една страна и добивајќи ново на друга.

Ваденското Море е значајно по богатата флора и фауна, особено птиците. Местото е зимувалиште за стотици илјади крајбрежни птици, патки и гуски, богато живеалиште за галеби и рибарки.[3]

 
Фоки на островот Терсхелинг, Холандија

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Место на светско наследство Ваденско Море пров. 29 април 2010 (англиски)
  2. C. Michael Hogan. 2011. Wadden Sea. eds. P. Saundry & C. Cleveland. Encyclopedia of Earth. National Council for Science and the Environment. Washington DC
  3. Couzens, Dominic (2008). Top 100 Birding Sites of the World. University of California Press. стр. 27–29. ISBN 978-0-520-25932-4.

Надворешни врски

уреди


53°32′N 6°53′E / 53.533° СГШ; 6.883° ИГД / 53.533; 6.883