Борче Грозданов (21 ноември 1969, Скопје) — пензиониран македонски новинар и театарски критичар од дневниот весник „Вечер“. Тој е син на македонскиот актер Мите Грозданов.

Борче Грозданов
Роден(а)21 ноември 1969
Скопје, Македонија
НационалностМакедонија Македонец
НародностМакедонец
Занимањеновинар, театарски критичар
СопружникКатерина Грозданова
РодниниМите Грозданов (татко)
НаградиДржавно признание за публицистика „Мито Хаџи Василев - Јасмин“

Творештво уреди

Во 1999 се јавува како соавтор на монографијата „Чекори по ѕвездените штици“, посветена на 50-годишнината на НТ „Антон Панов“ од Струмица, а е автор-приредувач и на монографијата „Мите – сцена – живот“, посветена на актерот Мите Грозданов, издадена во 2010 година.

Неговата прва збирка поезија „Пориви“ е издадена во 2002 година, а потоа следуваат „Грст стихови“ (2008), „Четириесет воздивнувања“ (2009), „Сништа и соништа“ (2015), „Љубов – Патешествие” (2016) — две книги во едно, пишувани со неговата сопруга Катерина Грозданова, при што „Патешествие“ е сонетен венец, напишан за и посветен на неговата љубена Катерина.

Неговото долгогодишно проследување на театарот резултира со околу 400 рецензии. Како резултат на тоа, во 2004 година во дигитална форма е издадена неговата збирка театарски рецензии насловена „На(д) сцената“, а во 2014 година од печат излегува книгата “На(д) сцената 2”, избор од рецензии, објавени во весникот „Вечер“ од 2004 до 2014 година.

Зад него се и проектите „Незавршена приказна“ – монодрама на Емилија Андреева, работена по негови стихови, „Човекот од собата 7“ – монодрама со Сашо Тасевски во режија на Ристе Алексовски, што по „Бели ноќи“ од Достоевски ја адаптира Грозданов, а на 2 ноември 2015 година премиерно е одиграна монодрамата „Црв“ со актерот Мите Грозданов, адаптирана од романот „Вистина, љубов (Рашомонијада)” од Дејан Трајкоски. Во 2016 година излегува неговата последна книга „Монодрами“ (адаптација), од кои три веќе се играле.

Пиесата „Чие е” (2013) е негово драмско првенче, а книгата „Патникот“ (2015) е прв обид како раскажувач, движејќи се низ патешествијата со неговиот другар, прерано починатиот актер, Васил Шишков. Во 2017 година излегува монографијата за актерот Васил Шишков под наслов „Шиле“. Во 2018 година излегува книгата „Во четири очи“ (доајени), а во 2019 година „Во четири очи“ (млади). Во 2021 година излегува неговата фрагментирана автобиографија „Тажно-среќен човек“,[1] а во 2022 година излегува книгата „За навек и преку векот до небесното царство“, произлезена од болката поради прераното и ненадејно заминување во вечноста на неговата сопруга – поетесата Катерина Грозданова.[2]

Награди и признанија уреди

Во 2014 година го добива високото државно признание – наградата „Мито Хаџи Василев - Јасмин“ за публицистика, врачена во Собранието на Македонија.[3]

Наводи уреди

  1. „Нова книга на Борче Грозданов: Тажно-среќниот човек го распосла својот живот пред читателите“. vecer.press. Посетено на 5 June 2023. (македонски)
  2. „Промоција на најновата книга на Борче Грозданов: „За навек и преку векот до небесното царство" – поема за болката и радоста на постоењето“. vecer.press. Посетено на 5 June 2023. (македонски)
  3. „Борче Грозданов од ВЕЧЕР добитник на наградата за публицистика "Мито Хаџивасилев-Јасмин". vecer.mk. Архивирано од изворникот на 2023-06-05. Посетено на 5 June 2023. (македонски)