Борис Стојчев (физичар)

Борис Стојчев (роден во Битола на 1 јуни 1924 г.) бил канадски универзитетски професор и афирмиран научен работник од областа на физиката, со македонско потекло.

Борис Стојчев
Роден(а)1 јуни 1924
Битола, Македонија
Починал(а)15 април 2010
Торонто, Канада
ЖивеалиштеТоронто
ДржавјанствоКанада
Полињафизика
Познат поспектроскопија, молекуларни структури, теорија на ласери
Поважни наградиOfficer of the Order of Canada[1]

Животопис уреди

На седумгодишна возраст се преселил кај своите родители во Канада и станал натурализиран Канаѓанец. Во 1947 г. на Универзитетот во Торонто дипломирал инженерска физика, 1948 г. магистрирал, а 1950 г. докторирал на истиот факултет. По повеќегодишни специјализации на разни универзитети во Канада и САД, 1964 г. бил избран за доцент по физика, а 1977 г. за редовен професор на Универзитетот во Торонто. Учествувал во работата на многу високошколски институции во Канада, во својство на член на канадски и интернационални комитети.

Научна кариера уреди

Широкиот спектар на проучувања во спектроскопијата и теоријата на ласерите се области од физиката во кои се афирмирал проф. д-р Борис Стојчев во Канада и надвор од неа. Бројните резултати, печатени во над 100 научни трудови, му донесуваат повеќе меѓународни признанија. Неговите резултати од овие области се цитирани во трудовите на многу познати научници и користени за добивање на нови научни резултати.

Признат на универзитетот на којшто работи, како и надвор од Канада, по своите резултати и научни достигања во областите: светлина, спектроскопија, молекуларни структури, ласери и нивната примена во физиката, му биле доверувани научноистражувачки групи за раководење. Организирал и раководел со интернационални конференции за ласерска спектроскопија и бил уредник или член на редакцијата на познати светски списанија од областа на физиката, како што се: Canadian Journal of Physics ( 1974 - 1980 ), Nuovo Cimento - Италија ( 1974 ), Raman Spectroscopy - Велика Британија ( 1977 - 1980 ), Laser Focus - САД ( 1975 ).

Награди и признанија уреди

Проф. д-р Борис Стојчев, Македонец и иселеник во прва генерација, успеал со големи напори и труд да се афирмира во новата средина и да добие бројни научни признанија во Канада и надвор од неа. Како виден граѓанин на својата нова татковина, тој бил активно присутен во средината на македонското иселеништво и градот Торонто и пошироко во Канада.

За својата научна работа и постигнатите резултати бил одликуван со повеќе канадски и странски одликувања и почесни звања. Во 1982 година бил назначен за Officer of the Order of Canada.[1] Професор Стојчев соработувал и со Артур Шолоу (Arthur Leonard Schawlow), американски добитник на Нобелова награда во 1981 г., при што заедно работеле во областа на ласерската технологија. Борис Стојчев работел и со НАСА на вселенскиот проект Аполо.

За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран во ноември 1981 г.

Проф. д-р Борис Стојчев почина на 15 април 2010 година[2] во Торонто, Канада.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Борис Стојчев 1924 - 2010, научник, Утрински весник, број 3261, понеделник, 19 април 2010 Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „order“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  2. Почина академик Борис Стојчев[мртва врска], Дневник, 19.04.2010, број 40412