Блог-записи
Блог-записи претставува книжевно издание од 14 книги на независни автори - блогери на издавачката куќа „Аквариус пет“.[1] Авторите се некои од најпопуларните блогери кои ја користат македонската блог платформа „Блогерај“. Во книгите именувани според некои интересни фрази на авторите, се поместени најатрактивните текстови кои ги објавиле блогерите на интернет.[2]
Издадени книги
уредиСите 14 книги се во Б6 формат, а нивната содржина се простира на 60-120 страници.[1]
- Археолошки дневник од Arwena
- Мртвите херои на нашата иднина од Струмјан
- No friends no family од Бездомна
- Авгански дневници од Ана Пејчинова
- Последниот македонски хакер од С.Ц.
- Патот на душите од Виолетова
- Светлата страна на готиката од Crystal Castle
- Мисли на празно срце од Оги Синко
- Пуфлините коцкички од Крофна
- Не е сѐ како што изгледа од Кими
- Од CABARET до OZ од Рибаро
- Анти-блог за Филип Петровски од Филип Петровски
- Мајмунска стапица од Џаман
- Кога нема ништо од Бунка
Промоција
уредиПромоцијата на изданието е одржано на 28 март 2008 во просториите на библиотеката „Браќа Миладиновци“.[2] Настанот го отворил директорот на библиотеката Филип Петровски, додека свое видување за случувањето дале уредникот на „Блогерај“, Сашо Мацановски-Трендо и Дарко Булдиоски од Центарот за нови медиуми. Глумицата Јелена Мијатовиќ прочитала избрани постови од сите 14 блогери, за публиката да се запознае со стилот кој го негува секој од нив. Постовите на блогерите се во форма на раскази, лични видувања на разни теми, патописи и прозни дела.[1]
Посетеноста на настанот била голема; биле изложени повеќе копии од книгите на блогерите, кои оттука можеле да се купат по цена од 100 денари.[1]
Критика
уредиИздавањето на печатените изданија на македонските блогери ја отворила кај медиумските проследувачи дамнешната дилема за доволноста на блогот сам по себе како начин на комуникација наспроти потребата од традиционално книшко издание како валоризација, сметајќи дека последното е апсурдно.[3]
„Не е новина да се објавува паралелно и на Интернет и на хартија, веројатно поради поголемата достапност. Потребата да се објават блог-записите во печатена форма е, мислам, само резултат на желбата за поголема достапност на тоа што го пишуваат блогерите. Интернетот, во принцип, нуди поголема достапност, но во Македонија, сепак, 70 отсто од населението не користи интернет од различни причини“ – вели Филип Стојановски од „Метаморфозис“, фондацијата за унапредување на информатичкото општество. Според него, дури и блиски пријатели и роднини на блогерите не можат да видат што пишуваат тие, бидејќи корисниците во основа претпочитаат хартија наместо компјутерски екран.[3]
Според Сашо Мацановски – Трендо, главен уредник на блог-платформата „Блогерај“, „Ова не е пораз ниту на блогот, ниту на хартијата. Мене ми се допадна идејата бидејќи сакам вакви богохулни мешања на работите. Убаво ќе биде да се види како функционираат овие текстови на хартија“.[2] Тој исто така додава: „Природата на блоговите е поинаква од онаа на книгите, тука постои можност за вмрежување на коментари, а силата на блоговите е токму во непосредноста на интеракцијата со публиката, со читателите. Вака, во печатена форма, тие се закостени, еднаш за секогаш дадени.“ [2]
Дневниот весник Нова Македонија во случајот согледува и предности и недостатоци. Предноста на е-издаваштвото е што текстот може да биде пребаруван, зазема малку простор, може да се чита на слабо светло, па и во тотален марк, брзо се копира, ниска е цената на дистрибуција, економски и еколошки е прифатливо бидејќи се смалува потрошувачката на хартија и мастило, а и не се троши со текот на времето. Главен недостаток е што многу корисници претпочитаат хартија наместо компјутерски екран. Предноста на печатената книга, пак, е што може да се чита на различни места, робусна е и издржлива, не бара извор на струја, има поголема колекционерска вредност (на пример први изданија, потпишани книги).[3]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Метаморфозис, фондација за одржливи информатички решенија - 14 македонски блогера промовираа печатени книги, 28 март 2008. [Страницата е посетена на 17 јули 2008]
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Кирилица - Блогот се запиша на хартија Архивирано на 2 април 2008 г. - Интересните текстови кои досега можевте да ги читате на интернет сега се отпечатени на хартија, 28 март 2008. [Страницата е посетена на 17 јули 2008]
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Интернет издание на Нова Македонија[мртва врска] - У(р)ааа за блог литература!, 14 мај 2008. [Страницата е посетена на 17 јули 2008]