Белата Долина
„Белата Долина“ — роман на македонскиот писател Симон Дракул од 1962 година. Авторот ја пишувал книгата од 1951 до 1961 година,[1] а таа е посветена на неговиот татко.[2]
Содржина
уредиТројца мажи, наоружани со пушки, одат преку планината, газејќи низ длабок снег, откако рано наутро го напуштиле своето село. Тие се Змејко, кој ја води поворката, претседателот на задругата и бригадирот во задругата, Језекил. Вечерта, тие пристигаат во шумската пилана која се наоѓа во Белата Долина, вечераат и легнуваат да спијат. Ноќта, Змејко е вознемирен поради присуството на другите двајца и посакува да си заминат што побрзо и да го остават сам во планината. Тогаш, во близината на колибата започнуваат да вијат волци и претседателот на задругата го крши стаклото на прозорецот и од страв пука во мракот, а глутницата бега во шумата. Утредента, Змејко им вари чај на гостите и ги наговара веднаш да тргнат назад кон селото, зашто чувстува дека тие луѓе му се туѓи, а по нивното заминување, тој е задоволен затоа што останал сам во колибата. Тогаш, тој размислува за претседателот и за Језекил: во детството, заедно со претседателот заминале на печалба во еден град каде работеле како градежни работници, но претседателот набргу ја напуштил тајфата и почнал да краде по продавниците. И во следните години, тој бил често затворан поради кражба. Потоа започнала војната и тие заедно се бореле на албанската граница, но набргу ја напуштиле војската и се вратиле во селото. Претседателот започнал да се бави со шверц, а потоа им се приклучил на партизаните, каде брзо напредувал и по војната станал началник на ОЗНА во едно соседно гратче. Меѓутоа, поради злоупотреба на својата служба, тој бил сменет и поставен за претседател на задругата во неговото село. И Змејко бил партизан, а потоа со полет и со голема надеж се приклучил во задругата, но еден ден открил дека претседателот ја краде задругата и разочаран ја напуштил работата. Језекил, пак, бил градежен работник кој постојано сонувал за добар живот, но отсекогаш бил сиромашен. Наеднаш, него го фатило страв од височината, а откако погинал еден работник, тој ја напуштил ѕидарската работа и се вратил во селото, а по заминувањето на Змејко станал бригадир во задругата при што и тој правел нечесни работи.[3]
Поради замрзнатиот поток, пиланата не работи и Змејко мора да чека да престане снегот и да се стопли времето. Бидејќи нема никаква работа, тој се сеќава на детството, кога со тајфата на татко му работел во Грција. Во тајфата работел и големиот и силен ѕидар Ристан кој наскоро бил отпуштен од работата поради љубовната врска со жената на главниот инженер, а потоа, некое време се врткал околу градилиштето сè додека една ноќ не си заминал. Една ноќ, бегајќи од волците, до колибата доаѓа срнче и Змејко го пушта да влезе внатре. Исто така, Змејко мисли на старецот Дуко, со кого долго време работеле заедно во пиланата, но поради староста овојпат не можел да дојде со него. Едно утро, во близината на пиланата, Змејко наоѓа свежа трага од огромен вепар и заминува во потрага по него. Најпосле, го пристига вепарот длабоко во шумата и го ранува, а потоа продолжува да ја следи крвавата трага. Кога повторно го наоѓа, вепарот тргнува кон него, а Змејко во последен миг успева да се скрие зад едно стебло. Меѓутоа, иако ранет, вепарот успева да избега, а Змејко, уморен и скршен од неуспехот, се враќа во пиланата. Бидејќи храната му се намалува, тој повторно заминува на лов и на врвот од планината убива јаре од дива коза. Меѓутоа, тогаш една мечка му го зема пленот, а Змејко пука во неа. Иако ранета со неколку куршуми, мечката го напаѓа и Земјко е принуден да побегне, а потоа, гладен, исплашен и изнемоштен, со последните сили доаѓа до пиланата.[4]
Змејко е душевно скршен по неуспешниот лов, Змејко се сеќава на приказната за предедо му кој спасил мечка, фатена во стапица. Тогаш, тој сфаќа дека не треба да бега од луѓето, туку треба да живее со нив. Исто така, тој се сеќава на својто дамнешен другар кого го викал Брат: Во 1937 година, Змејко имал кафеана во еден град, каде запознал млад студент со кој набргу се спријателил. Еден ден, по штрајкот во блиската фабрика, другар му бил затворен. Дури по завршувањето на војната, тој пристигнал во селото на Змејко, како државен раководител со задача да ги убеди селаните да влезат во задругата. По неколку дена, во планината почнува да дува јужниот ветар кој го топи мразот. Тогаш, иако изгладнет и уморен, Змејко брза да го искористи топлото време и веднаш почнува да прави штици. Токму кога речиси завршува со работата, времето повторно се менува и тој е принуден да заврши со сечењето на трупците. Една ноќ, волците пак доаѓаат до пиланата, а Змејко убива еден од нив. Истата ноќ, тој убива и зајак, но пленот му го граба рис и така по третпат му пропаѓа ловот. Оттука, со завршена работа, но гладен и само со два куршума, тој сфаќа дека мора да се врати во селото. Притиснат од гладот, во еден миг на слабост, тој помислува да го убие срнчето, но во последен миг сфаќа дека нема сила да го стори тоа. Затоа, откако на срнчето му остава сено и вода, тој ја напушта пиланата. Додека со напот се искачува по планината, него го следи еден стар, ранет волк. Вечерта, со последните сили успева да се качи на една бука и притиснат од сонот се врзува за гранките за да не падне, а стариот волк упорно го чека под буката. За да се згрее, пали оган, но тој се проширува и зафаќа дел од буката. Најпосле, со последните сили, го убива стариот волк кого набргу го распарчува глутницата волци. За тоа време, тој убива уште еден волк и глутницата се повлекува во шумата. Додека се разденува, Змејко, веќе во полусвесна состојба, слуша пукотници во далечината и сфаќа дека му се приближуваат луѓе. Кога ги отвора очите, најпрвин го здогледува синото небо над себе, а потоа ги забележува и четворицата мажи кои го носат на носилка кон селото. Тогаш, чувствувајќи голема љубов кон луѓето, Змејко почнува да плаче, а кога луѓето застануваат да се одморат, тој им дава знак дека му е подобро.[5]
Изданија
уредиПрвото издание на романот се појавило во 1962 година, од издавачката куќа „Кочо Рацин“, а во рамките на библиотеката „Современа македонска проза“. Книгата е испечатена во Графичкиот завод „Гоце Делчев“ во Скопје, во април 1962 година, во тираж од 1 500 примероци. Автор на корицата е Младен Туниќ, а коректурата ја направила Љупка Лазарова. Книгата не е каталогизирана и ја нема меѓународната ознака ISBN.[6]
Наводи
уреди- ↑ Симон Дракул, Белата Долина. Скопје: „Кочо Рацин“, 1962, стр. 253.
- ↑ Симон Дракул, Белата Долина. Скопје: „Кочо Рацин“, 1962, стр. 5.
- ↑ Симон Дракул, Белата Долина. Скопје: „Кочо Рацин“, 1962, стр. 7-89.
- ↑ Симон Дракул, Белата Долина. Скопје: „Кочо Рацин“, 1962, стр. 90-168.
- ↑ Симон Дракул, Белата Долина. Скопје: „Кочо Рацин“, 1962, стр. 169-253.
- ↑ Симон Дракул, Белата Долина. Скопје: „Кочо Рацин“, 1962, стр. 255.