Банкарот анархист
„Банкарот анархист“ (португалски: O banquero anarquista) — расказ на португалскиот писател Фернандо Песоа, напишан во јануари 1922 година. Расказот бил објавен во првиот број на списанието „Контемпоранеа“, а требало да биде дел од збирката раскази „Антитези“.[1]
Содржина
уредиРасказот има едноставна структура - двајца добри пријатели, откако вечерале во еден ресторан, започнуваат разговор. Притоа, едниот од нив, богат банкар, започнува да раскажува како станал анархист. Неговиот соговорник не може да поверува како може човек истовремено да биде банкар и анархист, а тогаш банкарот подробно ги објаснува своите ставови. Тој потекнува од сиромашно, работничко семејство, а во младоста започнал да ги посетува синдикалните, работнички револуционерни кругови. Со група млади луѓе, тој формира анархистичко движење, чиј идеал е да се обезбеди ослободување од сите општествени стеги и норми. Меѓутоа, парадоксално, тој забележува дека дури и во таа мала група од чесни, револуционерни луѓе, постепено се формира одредена хиерархија и доаѓа до потиснување на слободата на човекот. Затоа, тој одлучува да дејствува сам. Притоа, свесен дека не може да го промени општеството, зашто за тоа е потребна светска револуција, тој заклучува дека ќе биде најдобро да се избори за својата лична слобода. Тоа го остварува така што заработува многу пари, со што се ослободува од зависноста од нив. На тој начин, банкарот го убедува својот пријател дека вистинскиот анархизам значи да се дејствува поединечно, со цел секој човек да се избори за својата слобода.[1]
Изданија на македонски јазик
уредиВо 2015 година, расказот бил објавен на македонски јазик, во издание на „Бегемот“, во рамки на едицијата „Ars magna“, а во тираж од 500 примероци. Преводот од португалски јазик го направил Ненад Трповски; ликовното уредување на книгата е дело на Бојан Димитриевиќ; а лектурата ја направил Филип Димевски. Книгата била преведена со финансиска помош на Генералната дирекција за книги, архиви и библиотеки, во рамки на Државниот секретаријат за култура на Португалија, а била испечатена во „Печатницата Наумовски“ од Скопје. Книгата, со димензии од 18 сантиметри и со обем од 73 страници, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4718-24-6.[1]