Бавно враќање дома

Бавно враќање дома (германски: Langsame Heimkehr) - роман на австрискиот писател Петер Хандке од 1979 година.

Содржина

уреди

Романот се состои од три дела:

  • Претходни форми: Валентин Зоргер е геолог кој работи во Алјаска, во близината на Северниот Поларник. Таму, тој престојува во една скромна куќа, заедно со колегата Лауфер, а деновите ги поминува во истражување на релјефот и во играњето со мачката што живее во базата. Зоргер е воодушевен од мирниот крај, од реката што тече во близината и од мирниот, едноставен живот на Индијанците. Понекогаш, тој оди во блиското село каде има љубовница - Индијанка. Вечерта пред да го напушти местото, тој, Лауфер и Индијанката играат карти, а утредента заминува со авион, но е принуден да се врати назад поради снежната бура. Кога пристигнува во својата база, тој е нападнат од пијан човек, но успева да се одбрани, а утредента го напушта местото.[1]
  • Забранет простор: Зоргер се враќа во својот дом, во еден град на западниот брег на САД. Тој живее осамен живот во својата куќа покрај океанот и се дружи само со соседите. Еднаш, кога се враќа дома од универзитетот, нему му се случува духовен пресврт и тој одлучува да се врати во Европа. Потоа, повторно ги посетува соседите, ја продава куќата и се качува во авион.[2]
  • Закон: Најпрвин, Зоргер оди во едно мало место во Карпестите Планини, со намера да го посети својот другар, но таму дознава дека тој штотуку починал. Зоргер оди во мртовечницата, а потоа се качува на планината, каде почнува да плаче. Оттаму, тој заминува во Њујорк, а на аеродромот се запознава со непознат човек (со име Еш) со кого договара средба во градот. Зоргер и Еш се среќаваат во ресторан при што Еш ги исповеда своите животни проблеми, а потоа двајцата шетаат низ градот. Кога се враќа во хотелот, Зоргер ги сонува своите најблиски роднини. Пред да го напушти градот, тој шета низ паркот, оди во црква и посетува еден музеј.[3]

Осврт кон делото

уреди

Хандке го опишал пишувањето на ова дело како еден од најзначајните настани во животот. Според неговото признание, во тоа време, тој повеќе не знаел како може да се пишува и со секоја реченица морал да ги бара јазикот, приказната, раскажувањето и премините од една во друга реченица.[4]

Во рецензијата на книгата „Бавно враќање дома“, Дринка Гојковиќ ја оценува како една од најдобро напишаните книги на Хандке, велејќи дека таа се одликува со извонредна стилска зрелост и стилско совршенство кое ретко се среќава во модерната книжевност. Иако станува збор за прозен текст, тој е напишан според правилата на поезијата, а секоја реченица претставува мелодина единка која прави совршена рамнотежа и единство со претходната. На тој начин, прозата добива впечатлив, сугестивен лирски ритам кој ја создава атмосферата и го определува пулсирањето на дејството.[5]

Наводи

уреди
  1. Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 7-65.
  2. Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 67-107.
  3. Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 109-145.
  4. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 160-161.
  5. Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990.