Антички театри во Македонија

На територијата на Република Македонија од хеленистичкиот и од римскиот период, познати под заедничкото име - класичен период, до нас успеале да допрат само четири театри сместени во големите урбани градски целини : Скупи, Стоби, Хераклеја и Лихнид. Македонија има театарска традиција долга 2000 години[1]. За ова сведочат четирите досега откриени антички театри во наоѓалиштата:

Театарот во Скупи

уреди
  • Период: Хадријан (II век од н.е)
  • Градители: Според фрагментите и остатоците на квалитетната архитектонска мермерна пластика откриенa во урнатините на театарот, се претпоставува дека сценската зграда ја украсиле врвни уметници од градот Рим.
  • Сместивост: за 8-10 илјади посетители
  • Место: Археолошко наоѓалиште „Скупи“, Зајчев Рид – Скопје[2]
 
Панорама на Скопје од Скупи

Местоположба

уреди

Во подножјето на Зајчев Рид, од левата страна на реката Вардар, во непосредна близина на населба Злокуќани, пронајден е уште еден од многубројните археолошки наоѓалишта во Македонија, античкиот град Скупи, древниот предок на Скопје.[3] Во наоѓалиштето Скупи (SCVPI ), може да се видат остатоците од некогашниот римски театар. Изграден во 2 век, за време на владеењето на царот Хадријан со неговата масивност и доминантност лежи на југозападната страна на Зајчев рид, надвишувајќи го поголемиот дел од античкиот град. Единствено сведоштво за оваа камена архитектура се блоковите кои денес може да се видат на скопското Кале, а биле секундарно вградени при создавањето на дел од неговиот фортификационен систем. На северниот крај на градот се издига прекрасниот антички театар во кој биле изведувани драмски претстави. Бројните остатоци од декоративната архитектонска пластика укажуваат на тоа дека оваа театарска зграда била богато украсена. Неговата монументалност зборува за театарот како објект со исклучително голема важност зашто во тоа време, во него се одвивал целокупниот културно-забавен живот во градот[3].

Историјат

уреди

Според сите пронајдоци, археолозите тврдат дека театарот датира од времето на Хадријан, одосно првата половина на вториот век од нашата ера. Точната година на неговото градење се претпоставува дека е 125 година, односно годината во која римскиот цар ги посетил овие простори[2]. Неговата раскош и големина наговестува на можноста, театарот да е изграден за да се направи чест на славниот и моќен император. Функционирал сè до 4 век, поточно 330 година.

Опис на градбата

уреди

Граден е според тогашните римски архитектонски правила, поради кои припаѓа на римскиот тип театри. Според димензиите е најголем од четирите откриени на територијата на Македонија. Зафаќал 22.500m2 и во него можеле да се сместат меѓу 8-10 илјади гледачи. Театарот го сочинуваат театарска зграда, сцена или бина, оркестра и гледалиште. За градбата на гледалиштето била искористена природната падина на ридот, а за сцената и театарската зграда теренот бил нивелиран. Театарската зграда е долга 98m, широка 15m, а низ неа водат три ходници со полупречник од 15m. Надворешниот раб на гледалиштето е повисок од 16m, колку што најверојатно била и висината на театарската зграда. Бината се издигала на два метра над оркестрата и била обложена со разнобојни плочи од мермер, темнозелен и кафеав шкрилец. Пред фасадата на театарската зграда итн. скена археолозите откриле парчиња на капители, бази, архитрави, довратници, покривни венци и други елементи и украси со исклучително убава и богата орнаментика, чие уметничко и техничко ниво на изработка е на ниво на најпознатите дела од тоа време во останатите римски метрополи. Бидејќи не се откриени остатоци на бина се претпоставува дека театарските претстави се одвивале во оркестрата која е во форма на неполн круг (пречник 15 m) карактеристичен за римскиот тип на театри. Гледалиштето (кавеа) лежи на коса падина. Седиштата му се потпирале врз сложена масивна структура од концентрични полукружни sидови, кои ја следат линијата на оркестрата. Горната половина на гледалиштето е формирана од два полукружни sида, поврзани со 24 sидови носачи, поврзани со сводови. Театарската зграда и фасадата на сцената биле богато и луксузно украсени со мермерни архитектонски елементи[2]. Самиот театар служел главно за забава. Во него се играле трагедии, комедии и мимови, еден вид на пантомима. Има одредени индиректни показатели кои ни укажуваат на тоа дека можеби имало крвожедни борби на гладијатори, на животни и сл.

Археолошки истражувања

уреди

Археолошките истражувања на театарот во Скупи започнале во август 2013 година, а завршија во јули 2015 година. Околу 200 луѓе беа ангажирани во ископувањата, а од нив 35 беа од стручни екипи. Учествуваа врвни професори, доктори, археолози, архитекти и студенти. Од управата за заштита на културно наследство нè информираат и уверуваат дека ги содржат сите потребни елементи за достојна реконструкција на театарот[2].[4]

Театарот во Стоби

уреди
  • Период: 2 или раниот 3 век
  • Градители: Тоа е еден претставителен објект од римскиот период каде гледалиштето е составено од два дела и е изградено од бел мермер што бил донесен од Плетвар кај Прилеп специјално за оваа намена.
  • Сместивост: за 7.634 посетители
  • Место: Археолошко наоѓалиште „Стоби“

Местоположба

уреди
 
Театарот во Стоби

Театарот во Стоби е еден од најимпресивните објекти што некогаш биле изградени во овој град. Се наоѓа на јужната периферија од градот и за разлика од другите антички театри во Р Македонија е изграден на блага падина или пак на рамна подлога. Седиштата се поставени врз претходно изградена конструкција од радијални и циркуларни ѕидови.[5] Изграден во 2 или раниот 3 век, театарот во Стоби сличен е на постарите театри кои биле градени во Грција. Во некои од седиштата се наоѓаат дури и впишани имиња на некои племиња. Потоа бил преправен во арена за борби со гладијатори, сè до времето на царот Константин Велики кои ваквиот тип на забави го укинал. Подоцна бил комплетно руиниран со што мермерните седишта биле употребени како градежен материјал за други градби од профан и сакрален карактер.

 Историјат

уреди

Театарот има 3 фази на градење односно функционирање. Првата фаза е недовршена, поточно кон крајот на I век од н.е. била поставена платформа за една поинаква сценска зграда која никогаш не била завршена. Концептот за градење бил сменет, а оваа платформа засипана со земја. Во средината на II век бил комплетно изграден театарот со гледалиштето и прекрасната сценска зграда. Неговиот репертоар го сочинувале гладијаторски и венаторски борби, мимички претстави и хорски изведби. Кон крајот на третиот век, театарот бил оштетен од силен земјотрес, по што следеле поправки. Во оваа трета фаза мрежата на гледалиштето била заменета со заштитен ѕид, а оркестрата добила порти со заградувањето на пародосите. Пред сцената бил подигнат висок ѕид, a централната просторија во сценската зграда била преадаптирана во храм на Немеза. На крајот од IV век театарот излегол од употреба и служел како извор за градежен материјал. Најголем дел од мермерните седишта биле употребени во новиот градски бедем како и во подоцнежните христијански базилики. Просторот на театарот бил место каде што се исфрлала земја од градежни активности така што во VI век на површината постоело ритче на кое биле изградени куќи[5].  

Опис на градбата

уреди

Публиката влегувала во објектот преку влезовите од надворешната страна кои воделе во ходниците под гледалиштето од каде се стигнувало до мермерните седишта. Седиштата биле поставени во 33 – 35 реда поделени на два дела со централна патека (средна дијазома). Денес комплетно недостасува горната половина од гледалиштето, а единствено се забележуваат потпорните ѕидови. Капацитетот на театарот бил околу 7 600 гледачи. Интересно е тоа што на седиштата има врежани семејни и поединечни имиња така што реномираните граѓани на Стоби секогаш имале резервирани места. Гледачите од најниските редови до оркестрата биле заштитени со мрежа така што и денес се забележуваат дупките во седиштата за носачите на мрежата. Сценската зграда била висока околу 13 метри и имала фасада украсена со розеникави мермерни столбови поставени на два спрата[5].

Археолошки истражувања

уреди

Театарот останал во заборав сè до првите истражувања во периодот од 1924 до 1934 година. Потоа, кон крајот на 60 – тите, со механизација била расчистена оркестрата, а во периодот помеѓу 1970 и 1980 година биле преземени нови истражувања со што се корегирани претходните заклучоци. Од 2009 година се отпочнати систематски ископувања со цел комплетно истражување на театарот, негова конзервација и делумна реконструкција[6].

Театарот во Хераклеја

уреди
 
Поглед[мртва врска] на дел од античкиот театар
  • Период: 2 век (Хадријан)
  • Сместивост: за 2.400 посетители
  • Место: Археолошко наоѓалиште „Хераклеја Линкестис“, Битола

Изградбата на театарот во Хераклеја Линкестис се смета дека започнала во времето на императотот Хадријан, а бил пуштен во употреба за време на Антонин Пиј. Изграден по примерот на грчките театри, на природна падина во самиот центар на градот, имал мермерни седишта и можел да собере до 2 400 гледачи[1] Следејќи ја конфигурацијата на теренот, се забележуваат дванаесет реда седишта, почесна ложа и сцена. По пронајдените ,,кафези”, се смета дека служел и за венаторски игри. Од употреба излегол во текот на 4 век, кога почнал да се разградува. Денеска по археолошката техничка документација, изведена е неговата целосна реконструкција и во театарот се одржуваат многубројни современи концерти и претстави бидејќи е идеален простор за одржување на културни манифестации[7].

Театарот во Лихнидос

уреди
 
Античкиот театар во Охрид
  • Период: 2 век п.н.е
  • Сместивост: непозната
  • Место: Археолошко наоѓалиште „Лихнидос“, Охрид

Сместен во стариот дел од Охрид театарот функционирал во хеленистичкиот и во римскиот период. Вкопан во падината од еден рид, максимално разградуван во доцноантичкото време, од некогашните 30 реда на мермерни седишта, оригинално се зачувани само 7-8 реда. Денеска театарот е комплетно реновиран, претставувајќи своевидна археолошка атракција и место каде се одвиваат настани од културниот живот на Охрид и Македонија.

Античкиот театар на грчкиот антички театар Охрид од хеленистичкиот период, кој се наоѓа во Охрид, Република Македонија.

Не е познато што е капацитетот на овој театар (места), бидејќи денес е сочувана само долниот дел на театарот.

Историја

уреди

Театарот бил изграден околу 200 година п.н.е. на совршена локација, меѓу два рида кои го опкружуваат и се чуваат заштитени од ветрови, кои може да се меша со акустиката во текот на настапи. Со него прекрасен поглед на Охридското Езеро и планината Галичица. По римските освојувања на градот, театарот бил претворен во арена за гладијаторски борби. Понатамошната судбина не ни е познато, веројатно напуштен по забраната за гладијаторски игри за царот Константин Велики 325 години.

Археолошки истражувања

уреди

Првата претпоставка за постоењето на античкиот театар претставил рускиот историчар на уметноста Кондаков 1900 година, особено кога ги видел релјефите на Дионис и музите, во пописот на охридската црква Света Богородица. Но театарот е всушност откриен случајно во 1935 година од страна на српскиот археолог Никола Вулиќ во централниот дел на Охрид -. Варош. Понатаму археолошки истражувања и ископувања во 1959-1960 под водство  на охридскиот археолог Васил Лахти, биле изнесени на виделина делови на хеленскиот театар. Античкиот театар конечно бил откриен за време на археолошко ископување во 1999 – 2001 година. Еден од најважните неодамнешните откритија во овој театар се имињата на посетители, врежани на седиштата – веројатно оние гости кои имале сезонски билети за настапи во театарот. Денес овој простор се користи за разни традиционалните меѓународни културни настани.

Литература

уреди
  • Археолошка карта на Република Македонија, Том 2, 1996, Скопје.
  • ЦД-РОМ ,,Македонски Древности”, 1999, Скопје.
  • Јованова Л., Скупи-Западна некропола, МАА 13, 1993, Скопје, 191-201.
  • Koraćević, Dušanka (2002) Scupi. Skopje: Museum of the city of Skopje

Надворешни врски

уреди

Интернационален театарски фестивал Скупи Архивирано на 18 октомври 2017 г.

Музеј Битола Архивирано на 23 октомври 2017 г.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Четирите антички театри се доказ за долгата театарска традиција во Македонија“ (англиски). 2016-10-20. Архивирано од изворникот на 2020-10-25. Посетено на 2017-10-17.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Грујовски, Антонио (22 ноември 2016). „МАРХ |Театарот во Скупи / II век“. marh.mk. Посетено на 2017-10-17.
  3. 3,0 3,1 „Скупи“. www.macedonium.org. Посетено на 2017-10-17.
  4. „Скупи со римскиот театар е грандиозен музеј на отворено“. Вечер. Архивирано од изворникот на 2015-04-24. Посетено на 2017-10-17.
  5. 5,0 5,1 5,2 „Театар - Национална установа Стоби“. www.stobi.mk. Посетено на 2017-10-17.
  6. „Римскиот театарот во Стоби реконструиран“. Ти Реков Ми Рече (англиски). Посетено на 2017-10-17.
  7. „Хераклеја Линкестис - Tourguide.mk“ (англиски). Архивирано од изворникот на 2017-12-27. Посетено на 2017-10-17.