Амброзија (растение)
Амброзија | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Растенија |
Нерангирано: | Скриеносеменици |
Ред: | Ѕвездовидни |
Семејство: | Главоцветни |
Род: | Амброзија |
Вид: | Пелинолисна амброзија |
Научен назив | |
Ambrosia artemisiifolia L. | |
Синоними | |
|
Амброзија, поточно: пелинолисна амброзија (науч. Ambrosia artemisiifolia) — вид инвазивни плевели, едно од најпознатите и најопасните алергени растенија во светот.
Изглед
уредиАмброзијата е едногодишно растение со височина од 20 cm до 2 m. Коренот ѝ е вретенест, стеблото исправено, разгрането, листовите имаат јајцевиден облик, посеани со влакненца, силно разгранети, со кратки всекувања.
Пресекот на стеблото е коцкест или тркалезен.
Машките цветови се бледожолти, цевчести, собрани во полутопчести, висечки, густи цветови во облик на класје, a женските се формираат во пазувите на горните цветови, под машките, во вид на поединечни цветови.
Плодот на амброзијата претставува семе со кое таа се размножува, а семето се шири со посредство на човекот и ветерот.
Штетност
уредиПоленот на амброзијата предизвикува алергија кај 10% од луѓето. Од сите поленски алергии, поленот на амброзијата е предизвикувач во 50 до 60% од случаите. Кај најчувствителните лица, 8-20 поленови зрна во 1 m3 воздух, можат да предизвикаат силни реакции, а само еднo растение амброзија произведува 1-8 милијарди поленови зрна.
Во поленот на амброзијата се констатирани 52 соединенија кои се алергогени, од кои 6 се посебно опасни. Алергиската реакција првенствено се појавува на горните дишни патишта. Отежнатото дишење и засилената секреција се основни облици на алергијата која може во некои ситуации да премине и во астматични напади. Се почесто во светот се бележат смртни случаи предизвикани од претерана алергиска реакција на амброзија.
Амброзијата не предизвикува реакција само кај луѓето, туку и кај животните.
Штетноста на амброзијата во земјоделството е голема бидејќи таа, благодарејќи на исклучително силниот коренов систем и бујната вегетативна маса, од земјиштето троши големи количини хранливи материи, предизвикувајќи негово осиромашување.
Историја
уредиАмброзијата не е европско растение. Донесена е од Америка на некој од прекоокеанските бродови кон крајот на 19. век и од тогаш полека и незадржливо се шири низ Европа. Во моментот ја има повеќе во Европа, отколку во Америка. Зрното на поленот ја задржува ртливоста и до 40 години.
Растителност
уредиАмброзијата првенствено расте на неуредено и запуштено земјиште. Никнува од средината на април, а цвета во доцно лето и есен, од средината на јули до првите есенски мразеви. Најефикасен начин за уништување е корнењето од корен, но и негувањето ниски растенија влијае на запирањето на нејзиното распространување. Во случај на поголеми површини под амброзија, се применува и редовно косење до 5 cm над земјата, а само понекогаш и третман со тотални хербициди.[1] Ако не се коси ниско, израснува повторно во рок од 20 дена. Во природата не ја јаде ниту еден животински вид поради горчливиот вкус.
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди- Пелинолисна амброзија на Викивидовите ?
- Опширен напис за амброзијата и нејзината алергеност Архивирано на 20 август 2014 г. во „Вечер“ од Валентина Марјановиќ
- „Амброзија“ — Енциклопедија на живиот свет
„Амброзија (растение)“ на Ризницата ? |