Аксл Роуз

(Пренасочено од Аксел Роуз)

Аксел Роуз (Вилијам Брус Роуз, а подоцна Вилијам Брус Бејли, роден на 6 февруари 1962 година), е американски пејач, текстописец и музичар. Тој е главниот вокал и единствениот останат член од првичниот состав на хард-рок бендот Ганс енд роузес,[1] со кои доживеал огромен успех и признание во доцните 1980-ти и раните 1990-ти, пред да исчезне од јавноста на неколку години. Во 2001 година тој повторно се појавил со нова постава во бендот на третиот фестивал Рок во Рио (Rock in Rio 3), и потоа одржале периодични концертни турнеи, пред да го објават долго одложуваниот албум Chinese Democracy (Кинеска демократија) во 2008 година. Од многу медиуми, дури и од Ролинг Стоун и НМЕ бил наречен еден од најголемите пејачи на сите времиња.[2][3]

Аксел Роуз
Rose performing with Guns N' Roses in 2010
Животописни податоци
Родено имеВилијам Брус Роуз
Познат(а) и какоВ. Аксел Роуз, Вилијам Брус Баилеј
Роден(а)6 февруари 1962
Лафајете, Индијана, САД
ПотеклоЛос Анџелес, Калифорнија, САД
ЖанровиХард рок, хеви метал
ЗанимањаТекстописец, музичар
Инструментивокал, пијано, клавир, синтисајзер, гитара
Период на активност1983–сè до денес
ИздавачиGeffen, UZI Suicide
СоработнициGuns N' Roses
Hollywood Rose
L.A. Guns
Rapidfire
Аксел Роуз во 2006 година.

Младост

уреди

Вилијам Брус Роуз јуниор е роден во Лафајет, Индијана како најстаро дете на шестнаесетгодишната Шарон Е. и дваесетгодишниот Вилијам Брус Роуз.[4][5] Кога Роуз имал две години, неговиот татко го напуштил семејството.[6] Неговата мајка се премажила за Стефан Л. Бејли и неговото име било променето во Вилијам Брус Бејли.[5][7] Има помала сестра Ејми и полубрат Стјуарт.[8][9] До 17 годишна возраст Роуз мислел дека Бејли е неговиот вистински татко.[6] Никогаш не го запознал неговиот биолошки татко, бидејќи Вилијам Роуз Постариот бил најден убиен во Илиноис во 1984 година.[10]

Неговото семејство било многу религиозно. Ја посетувале пентекосталната црква каде што Роуз бил принуден да посетува служба 3 до 8 пати неделно и дури одел во неделно училиште.[11] Подоцна го опишал неговото одгледување како тиранско, изјавувајќи „Една недела ќе имавме телевизори, а потоа мојот очув ќе ги фрлеше бидејќи биле ѓаволски. Не ми беше дозволено да слушам музика. Жените беа злобни. Сè беше злобно“.[11] Во 1992 година, по извршената терапија за враќање во претходниот живот, Роуз тврдел дека му се вратиле сеќавања дека бил сексуално злоставуван од страна на неговиот биолошки татко кога имал две години.[5][6][12] Тој исто така изјавил, дека неговиот очув физички ги злоупотребувал него и неговиот брат, а неговата сестра била не само физички, туку и сексуално злоупотребувана.[5][6] Роуз нашол утеха во музиката уште од рана возраст. Пеел во црковниот хор уште од 5 години и со неговите брат и сестра настапувале на служби под името Триото Бејли.[13] Во средното училиште Џеферсон учествувал во училишниот хор и учел да свири пијано.[14] Како втор баритон,[15] Роуз започнал да произведува различни гласови за време на пробите со хорот за да го збуни наставникот.[13][15][16] Најпосле формирал бенд со неговите пријатели, меѓу кои и Џеф Избел, подоцна познат како Изи Страдлин (Izzy Stradlin).[17]

На 17 годишна возраст, додека разгледувал документи во нивниот дом, Роуз дознал за постоењето на неговиот биолошки татко и неофицијално повторно си го презел неговото презиме од раѓање.[6][7] Сепак, тој го користел В. Роуз бидејќи не сакал да го дели истото име со неговиот биолошки татко.[6][7] Станал премногу окупиран со еден од неговите бендови, Аксел (Axl), па неговите пријатели предложиле да се вика/нарече Аксел Роуз (Axl Rose).[7] (Неколку години подоцна, пред да го потпише договорот со издавачката куќа Гефен (Geffen Records) во март 1986 година, законски го променил своето име во В. Аксел Роуз.[15][18][19]) По откривањето на неговото вистинско потекло, станал локален малолетен деликвент во Лафајет. Бил уапсуван повеќе од 20 пати за јавна интоксикација и нанесување на телесни повреди, и бил три месеци во затвор.[7][19] Психијатар, кој го забележал високиот коефициент на интелегенција на Аксел, заклучил дека неговото однесување е доказ за постоење на психоза.[7] Откако властите во Лафајет се заканиле дека ќе го обвинат како обичен криминалец,[14] во декември 1982 година се преселил во Лос Анџелес, Калифорнија.[19]

Кариера

уреди

1983-1986: Почетоци

уреди

Кратко по неговото пристигнување во Лос Анџелес, тој се придружил на бендот Репидфајр (Rapidfire) со кои во мај 1983 снимил демо со четири песни.[20] По растурањето на групата, се придружил на првата постава од бендот Л.А. Ганс (L.A. Guns)[21] пред да го формира бендот Холивуд Роуз (Hollywood Rose) заедно со неговиот другар од детството Изи Страдлин,[22] кој се преселил во Лос Анџелес во 1980 година.[17] Во јануари 1984 година бендот снимил демо со пет песни вклучувајќи ги „Anything Goes“, „Rocker“, „Shadow of Your Love“ и „Reckless Life“, кои биле објавени во 2004 година како дел од компилацијата Корените на Ганс енд Роузес ( The Roots of Guns N’ Roses ).[23] Додека се борел да опстане на холивудската музичка сцена, Роуз имал многу работни места, вклучувајќи ја позицијата на ноќен стражар на Таувер рекордс сместен на Сансет Булевар. Роуз и Страдлин дури и пушеле цигари за научно истражување на УКЛА за пријавените плати од 8 долари на саат.[18]

Во март 1985 година, Роу и Трејси Ганс (Тracii Guns), негов колега од поранешниот бенд, го формирале Ганс енд роузес со спојување на нивните бендови Холивуд Роуз и Л.А. Ганс.[24] После неколку промени во составот, бендот се состоел од Роуз, соло гитара - Слеш (Slash), ритам гитара - Изи Страдлин (Izzy Stradlin), бас гитара - Даф Меккаган (Duff McKagan) и тапанар Стивен Адлер (Steven Adler). Поставата дебитирала во ноќниот клуб Трубадур (The Troubadour) во Холивуд и продолжила да свири по клубовите во Л.А, привлекувајќи сè повеќе обожаватели.[24] Бендот привлекол внимание и кај неколку големи издавачки куќи,[24] пред да потпишат со издавачката куќа Гефен во март 1986 година.[14] Следниот декември го објавиле Live ?!*@ Like a Suicide, издаден од нивната музичка куќа UZI Suicide, кој содржел четири песни.[5]

1987-1993: Меѓународен успех

уреди

Во јули 1987 година го објавиле својот деби албум Апетит за уништување (Appetite for Destruction). Иако добил позитивна критика, имал бавен комерцијален почеток, со продадени само 500.000 копии во првата година.[25] Сепак, поради незапирливите турнеи на бендот и од успехот на песната „Sweet Child o' Mine“, која Роуз ја напишал во чест на неговата тогашна девојка Ерин Еверли, во август 1988 година и повторно во февруари 1989 година, албумот се искачил на првата позиција на Американската табела. До денес, албумот Appetite for Destruction е продадени во повеќе од 28 милиони копии ширум светот,[26] од кои 18 милиони само во САД, правејќи го најпродаваниот деби албум на сите времиња во САД.[27]

Во август 1988 година, за време на настапот на фестивалот Monsters of Rock во замокот Донингтон во Англија, двајца од обожавателите биле прегазени до смрт кога публиката од 107.000 луѓе започнала шутка на песната „It's So Easy“. Роуз неколкупати го прекинувал настапот за да ја смири публиката.[7] Оттогаш, станал познат по личното обраќање до немирните обожавателите и давање инструкции на обезбедувањето од сцената, на моменти прекинувајќи ги концертите за решавање на проблемите во публиката. Во 1992 изјавил „Повеќето изведувачи ќе му кажат на обезбедувањето и сè ќе се заврши мирно, без никој да знае. Јас се соочувам со личностите, ја запирам песната „Погодете што: Залудно си ги потрошивте парите, морате да го напуштите концертот“.[6] Поради загинатите на Monsters of Rock, наредната година фестивалот бил откажан.[28]

Во ноември 1988, Ганс енд роузес го издале албумот G N' R Lies, кој бил продаден во повеќе од 5 милиони копии само низ САД.[27] Бендот, особено Роуз, биле обвинети за промовирање на расистички и хомофобични ставови во песната „One in a Million“,[29] во која Роуз ги предупредува „niggas“ да му се тргнат од патот и се жали поради „педерите“ кои шират болести. За време на контроверзијата, Роуз се бранел за својата употреба на расна клевета тврдејќи дека „тоа е збор за да опишеш некој кој ти прави проблеми во твојот живот. Тој збор не мора да означува црнец.“[14] Сепак, во 1992 признал дека го употребил зборот како навреда за црнците изјавувајќи: „Бев изнервиран поради некои црнци кои се обидоа да ме ограбат. Сакав да ги навредам само тие црнци. Не сакав да го поддржам расизмот.“[6] А како одговор на наводите на хомофобија изјавил дека се смета себеси за „про-хетеросексуалец“ и за овој став го обвинува лошото искуство со педери, спомнувајќи го притоа обидот за силување во неговите тинејџерски години и наводното злоставување од страна на неговиот биолошки татко.[6][12][14] Поради оваа контроверзија, Ганс енд роузес биле исклучени од листата за настапи од шоуто за помош на AIDS во Њујорк, организирано од геј организација.[14][18]

После успехот на Appetite for Destruction и G N' R Lies, Роуз бил пофален како еден од најистакнатите фронтмени во рок-музиката. Во август 1989 година се појавил и сам на насловна страница на Ролинг Стоун, и поради неговиот карактер влијателниот музички магазин се согласил со неговите барања, интервјуто и фотографиите да бидат обезбедени од двајца негови другари, писателот Дел Џејмс и фотографот Роберт Џон.[30] Водителот на МТВ го опишал Роуз како „можеби најдобриот рок пејач моментално на сцената и секако најхаризматичниот“.[31]

Во раните 1990-ти, Ганс енд роузес се вратиле во студио за да започнат со снимање на целосниот албум следбеник на Appetite for Destruction. Студиските сесии се покажале непродуктивни поради зависноста од дрога на Стивен Адлер, поради што не бил во состојба да снима и поради што сесиите биле одложувани понекогаш и на повеќе денови.[24] Адлер бил отпуштен во јули и на негово место дошол Мет Сорум (Matt Sorum) од Култ (The Cult).[24] По инсистирање на Роуз, на бендот се придружил и клавијатуристот Дејзи Рид (Dizzy Reed).[24] Сорум и Рид за првпат настапиле со Ганс енд роузес во јануари 1991 година на вториот фестивал Рок во Рио (Rock in Rio 2 ). Во мај истата година, групата го отпуштила и нивниот долгогодишен менаџер Алан Нивен. Наводно Роуз ги принудил членовите да го отпуштат менаџерот наспроти нивните желби, со тоа што одбивал да го заврши новиот албум сè додека Нивен не си замине.[32] На негово место дошол Даг Голдстајн, кој бил опишан од страна на Изи Страдлин како „човекот кој оди во 6 наутро кај Аксел, откако тој од прозорец го уништил своето концертно пијано вредно 60.000 долари“.[33]

Во мај 1991 година, сè уште без албум за промовирање, тие ја започнале две и пол годишната турнеја Use Your Illusion, која станала позната по финансискиот успех, но и по многуте контроверзни инциденти кои се случиле, вклучувајќи го доцнењето, декламирањето на сцена, па дури и побуни. Роуз бил критикуван поради доцнењето на концертите, понекогаш доаѓајќи часови подоцна од закажаното време за почеток.[6] Во јули 1991 година, по 90 минути од концертот во амфитеатарот Риверпорт близу Сент Луис, Роуз скокнал во публиката за да конфискува забранета видеокамера. Откако бил вратен на сцената изјавил „благодарност до неодговорното обезбедување, си одам дома!“ и заминал, поради што околу 2500 обожаватели започнале да се бунат, што довело до штета од 200.000 долари.[34]

Во септември 1991 година, со доволно материјал за два албуми, биле издадени Use Your Illusion I и Use Your Illusion II, кои дебитирале на место број 2 и место број 1 соодветно, на Америкаснката табела, успех кој не го достигнала ниту една друга група.[18] Сепак, до објавувањето на албумите, односите меѓу членовите станувале сè повеќе затегнати. Неговиот пријател од детството Изи Страдлин во ноември 1991 година, ненадејно ја напуштил групата, и бил заменет со Гилби Кларк од Кил фор трилс (Kill For Thrills).[12][24] За причините за заминувањето Страдлинг кажал „Не ми се допаѓаа компликациите кои станаа дел од секојдневието на Ганс енд роузес“, земајќи ги за пример побуните и доцнењето на Роуз.[35] citing the riot and Rose's chronic lateness as examples.[35][36] За време на остатокот од турнејата, Роуз побарал и добил од Слеш и Даф Меккеган, единствено право над името Ганс енд роузес. Наводно тој поставил ултиматум, со кој тие требало да потпишат дека му ги предаваат правата над името или тој немало да настапува.[8]

За време на заедничкиот концерт со Металика (Metallica) во август 1992 година на Олимпискиот стадион во Монтреал, започнала уште една побуна. Настапот на Металика бил прекинат откако пејачот и гитарист Џејмс Хетфилд, добил изгореници од втор степен во несреќа со пиротехнички средства. Како и да е, Ганс енд роузес не можеле да започнат порано, бидејќи Роуз повторно доцнел. После 55 минути од нивниот настап, Роуз се пожалил на проблеми со гласот, и ѝ рекол на публиката „Ви благодарам, парите ќе ви бидат вратени“ и слегол од сцената, по што избувнала побуна, која донела штета од 400.000 долари.[24][37][38] Во ноември истата година, за побуните во Риверпорт, Роуз бил обвинет за штета на имот и напад. Бил казнет со 50.000 долари паричен надомест и две години условна казна.[33][39] Покрај тоа, Ганс енд роузес биле забранети во Сент Луис засекогаш.

Ганс енд роузес го имале последниот настап од турнејата на 17 јули 1993 година на стадионот Ривер Плата во Буенос Аирес,[40] кој бил и последен настап во живо на Роуз со бендот пред седум и пол годишната пауза.[41] Во август, Роуз сведочел на суд против Стивен Адлер, кој поднесол тужба тврдејќи дека незаконски бил отпуштен. Кога судијата пресудил против Роуз, тој се согласил на спогодба надвор од судот на 2.500.000 долари и 15% од приходите за авторски права за сè што Адлер имал снимено пред неговото заминување.[9][33] Во ноември истата година, го објавиле „The Spaghetti Incident?“, албум со преработени панк песни, кој бил помалку успешен од неговите претходници. Без да знаат останатите членови, скриената песна „Look at Your Game, Girl“ напишана од осудениот убиец Чарлс Менсон (Charles Manson), Роуз ја додал на албумот како лична порака за неговата поранешна девојка Стефани Симор (Stephanie Seymour).[9][33] По следнователните контроверзии, бендот ветил дека парите од авторски права ќе ги донира на синот на еден од жртвите на Менсон.[9]

1996-денес: Пауза, турнеи и Chinese Democracy

уреди

Без објаснување или договор со своите колеги, во јуни 1994 година Роуз го отпуштил Гилби Кларк.[9] Тензиите помеѓу Роуз и Слеш го достигнале врвот, кога се открило дека Роуз на своја рака го повикал својот другар од детството Пол Тобиас како замена за Кларк.[9] Во октомври 1996 година Слеш го напуштил бендот, а во јуни 1997 бил отпуштен и Мет Сорум. Даф Меккеган го напуштил бендот во август истата година, оставајќи ги Роуз и Дејзи Рид како единствени останати членови на бендот од времето на Use Your Illusion.[8]

Бидејќи стабилноста на Ганс енд роузес се урнала, Роуз се повлекол од јавноста. Бендот никогаш официјално не се распаднал, но не одел на турнеи, не настапувал и немало нов материјал неколку години. Роуз продолжил да собира нови музичари за замена на членовите кои си заминале или биле отпуштени. До доцните 1990-ти се сметал за осаменик, ретко појавувајќи се во јавност и поминувајќи го најголемиот дел од времето сокриен во својата палата во Малибу. Во неколку медиумски извештаи бил наречен „Хауард Хјуџ во рокот“ или „најголемиот рок осаменик“.[24][42] Било кажано дека тој го поминува времето во вежбање и компонирање со различни нови состави на Ганс енд роузес, работејќи на следниот албум Chinese Democracy.[8]

Во јануари 2001 година, Роуз повторно се појавил на третиот фестивал Рок во Рио (Rock In Rio 3) со нов состав на Ганс енд роузес, соло гитара Бакетхед (Buckethead) и Робин Финк (Robin Finck), ритам гитара Пол Тобијас, басист Томи Стинсон (Tommy Stinson), тапанарот Брајан Мантија (Bryan "Brain" Mantia) и клавијатуристите Дејзи Rид и Крис Питман. Следната година бендот, со Ричард Фортус на местото од Тобијас, и започнале турнеја низ Европа, Азија и Северна Америка и направиле остро критикувано, изненадно појавување на ЕМ-ТИ-ВИ наградите.[41] Во ноември избиле побуни во спортската арена Џенерал Моторс во Ванкувер, кога Роуз не се појавил на закажаниот концерт. Кога вработените го објавиле откажувањето на концертот, избила побуна, која завршила со штета од 100.000 долари.[43]

Роуз тогаш по вторпат се повлекол од јавноста. Во 2004 година им се придружил на неговите поранешни колеги Слеш и Даф Меккеган во тужба против издавачката куќа Гефен во неуспешен обид да го запрат објавувањето на компилацијата Најголеми хитови.[44]

Во интервју во јануари 2006 Роуз изјавил дека „луѓето ќе слушнат музика оваа година“.[45] Со Рон Тал (Ron "Bumblefoot" Thal) и Френк Ферер (Frank Ferrer) на местата од Бакетхед и Брајан Мантија, Ганс енд роузес направиле турнеја низ Европа и Северна Америка во 2006 година. Поранешниот член на бендот Изи Страдлин се појавил неколкупати како гостин на турнејата. Во декември истата година, Роуз објавил отворено писмо до своите обожаватели, во кое кажувал меѓу другото и за причините зошто албумот Chinese Democracy сè уште не бил издаден, и го назначил 6 март 2007 година како датум на издавање.[46] Сепак, албумот повторно не бил завршен. Во 2007 година, имале летна турнеја во Мексико, Австралија, Нов Зеланд и Јапонија. Роуз соработувал со неговиот долгогодишен пријател Себастијан Бах за неговиот албум Angel Down. Тој пеел во дует со Бах на преработката на песната „Back in the Saddle“ од Аеросмит и ги испеал следечките вокали на „(Love is) a Bitchslap“ и „Stuck Inside“, за кои има и заслуга како ко-писател.[47]

На 23 ноември 2008 година, 15 години по излегувањето на последниот албум, Ганс енд роузес ексклузивно го издале Chinese Democracy преку електронскиот препродавач Бест бај (Best Buy).[48] Роуз не придонел во промоцијата на албумот. До декември, наводно бил исчезнат два месеци и не одговарал на телефонските повици или други барања од неговата издавачка куќа.[49] На 11 декември, конечно го прекинал молкот со одговарање на прашања на две онлајн панели за дискусија на Ганс енд роузес.[50] Во подоцнежно интервју изјавил дека не ја добил потребната поддршка од издавачката куќа Интерскоуп во поглед на издавањето на албумот.[51]

Во декември 2009 година, Ганс енд роузес , со ди џеј Ашба на местото од Робин Финк, одржале турнеја во Азија. Потоа, во 2010 одржале турнеи низ Америка, Европа и Австралија.Поранешниот член Даф Меккеган изненадно се појавил на настапот во О2 Арената во Лондон во октомври 2010.[52] Во октомври 2011 настапиле на четвртиот фестивал Рок во Рио (Rock in Rio4), пред да ја започнат нивнта турнеја низ Америка, вклучувајќи ја нивната прва турнеја низ САД во последните 5 години.[53]

Приватен живот

уреди

Љубовен живот

уреди

Во средината на 1982 година започнал врска со другарка од Лафајет, Џина Силер, со која во декември истата година се преселиле во Лос Анџелес, Калифорнија. Според Силер, тие биле верени Ќоколу девет патиЌ пред да се разделат кон крајот на 1985 година. Во 1991 година, Силер ја опишала нивната поранешна врска како непостојана, а годините кои живееле заедно ги споредила „како да ставиш јадрена боева глава во својата дневна соба, да ја удираш со чекан и само да чекаш“.[19]

Во почетокот на 1986 година Роуз започнал врска со моделот Ерин Еверли, ќерка на пејачот Дон Еверли од Еверли брадерс (Everly Brothers). Тој за неа ја напишал песната „Sweet Child o' Mine“, а таа се појавила во спотот за истата. Роуз и Еверли се венчале на 28 април 1990 година во Лас Вегас. Според Еверли, Роуз се појавил во нејзиниот дом претходниот ден со пиштол во неговиот автомобил и рекол дека ќе се убие ако таа не се омажи за него.[54] После помалку од еден месец, Роуз прв поднел барање за развод.[24] Подоцна двојката се смирила, и во тој период Еверли останала бремена. Во октомври 1990 година доживеала спонтан абортус, што многу го погодило Роуз, кој сакал да основа семејство. Во ноември Еверли го оставила Роуз, а бракот бил поништен во јануари 1991 година.[24][54] По раскинувањето Роуз наводно, година дена се обидувал да стапи во контакт со Еверли, испраќајќи и цвеќиња, писма, па дури и птици во кафез.[54]

Во средината на 1991 година влегол во врска која го привлекувала вниманието на медиумите со супермоделот Стефани Симор. За време на нивната врска, Симор се појавила во музичките спотови за „Don't Cry“ и „November Rain“. Роуз многу се поврзал со младиот син на Симор, Дилан, и се обидел да му биде добар пример за татко, бидејќи тој немал во својот живот.[24][33] Симор и Роуз се вериле во февруари 1993 година, но се разделиле три недели подоцна.[54]

Случаи на домашна злоупотреба

уреди

Во август 1993 година, Роуз поднел тужба против Симор, тврдејќи дека го Ќж„избркала и ограбила“ за време на божиќна забава во нивниот дом во Малибу и дека одбила да врати накит што тој и го подарил, вреден повеќе од 100.000 долари.[54] Симор во октомври поднела против-тужба, тврдејќи дека Роуз, лут бидејќи таа ја направила забавата иако тој сакал да ја откаже, ја удрил и ја турнал по скалите. Таа признала дека го фатила за неговите тестиси како дефанзивна мерка.[54]

Откако добила судска покана да сведочи во случајот на Симор, Еверли и самата поднела тужба во март 1994, обвинувајќи го Роуз за физичко и емотивно злоупотребување.[9][54] Еверли сведочела дека за време на нивната четири и пол годишна врска, таа редовно се соочувала со тепање и често завршувала во болница.[54] Во нејзиното сведочење под заклетва, изјавила дека Роуз, кој бил приврзаник на терапијата за враќање на минатиот живот, верувал дека таа и Симор биле сестри во минатиот живот и сега се обидуваат да го убијат.[9] Наводно Роуз исто така и кажал, дека тој и таа биле домородци во некој друг претходен живот, и дека таа ги убила нивните деца, па затоа тој сега се однесувал лошо спрема неа.[9]

За време на случаите, во јавноста се појавила и Силер со тврдења за злоупотреба, опишувајќи го Роуз како наизменично „љубезен и полн со љубов“ и „насилен и ирационален“.[54] Роуз им наложил на своите адвокати да го решат случајот со Еверли надвор од судот, наводно согласувајќи се на спогодба од 1.000.000 долари.[9] Случајот на Симор траел подолго. Во еден период Роуз побарал забрана за приближување на Симор, наведувајќи дека земала кокаин во неговата куќа во присуство на нејзиниот двегодишен син.[9] На крајот случајот бил решен надвор од судот, и Роуз се согласил да и плати 400.000 долари.[9]

Здравствени проблеми

уреди

На возраст од 26 години му било дијагностицирано биполарно растројство, состојба која предизвикува кај луѓето импулсивни, несовесни и аргументативни, па сè до кататонични и самоубиствени периоди.[7] Иако му бил препишан литиум за справување со растројството, тој изјавил дека бил некорисен и тврдел дека има контрола над своето расположение.[7] Во подоцнежно интервју Роуз изјавувил „Отидов на клиника, мислејќи дека тоа ќе ми помогне во моето расположение. Единствената работа што ја направив беше еден тест од 500 прашања, знаете пополнување на мали црни точки. Одеднаш сум дијагностициран како манично-депресивен. Ајде да го ставиме на лекување. Сепак, лекувањето не ми помогна да се справам со стресот. Единствено што направи е што ги тргна луѓето кои ме вознемируваа, знаејќи дека сум на лекарства“.[55]

Спротивно на неморалноста што ги отсликувала Ганс енд роузес, откако бендот станал успешен, Роуз престанал да употребува дрога од био каков вид.[33] Сепак не се откажал сосема од употребата на нелегални супстанции, изјавувајќи „Јас имам различна физичка градба и различно мислење за дрогата од сите што ги познавам во Холивуд, бидејќи јас не апстинирам од земање дрога, но нема да си дозволам да си створам навика. Нема да го дозволам тоа.“[55] Во раните 1990-ти, Роуз започнал силно да верува во хомеопатска медицина и започнал редовно да оди на терапија за враќање во минатиот живот.[8] Ги споделил своите откриени сеќавања дека бил сексуално злоставуван од неговиот биолошки татко, што смета дека го сопрело неговиот емоционален развој уште на две години, велејќи „кога зборуваат за Аксел Роуз како двегодишник кој вреска, во право се“.[6]

Наводи

уреди
  1. „Guns 'N' Roses Are Officially Coming To Singapore: Super Epic Reactions From The Internet“. Popspoken. October 13, 2016. Архивирано од изворникот на April 12, 2017. Посетено на May 12, 2017.
  2. Lethem, Jonathan (2008-11-27). „100 Greatest Singers of All Time“. Rolling Stone. Посетено на 2011-06-03.
  3. „Michael Jackson tops NME's Greatest Singers poll“. NME. 2011-06-21. Посетено на 2011-07-10.
  4. Reitwiesner, William Addams. „Ancestry of Axl Rose“. William Addams Reitwiesner Genealogical Services. Посетено на 2011-06-06.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 „Axl Rose: Biography“. Rolling Stone. Архивирано од изворникот на 2017-12-06. Посетено на 2011-06-06.
  6. 6,00 6,01 6,02 6,03 6,04 6,05 6,06 6,07 6,08 6,09 6,10 Neely, Kim (1992-04-02). „Axl Rose: The Rolling Stone Interview“. Rolling Stone. Посетено на 2011-06-03.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 7,6 7,7 7,8 Tannenbaum, Rob (1988-11-17). „The Hard Truth About Guns N' Roses“. Rolling Stone.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 „What Happened to Axl Rose: The Inside Story of Rock's Most Famous Recluse“. Rolling Stone. 2000-05-11. Посетено на 2011-06-05.
  9. 9,00 9,01 9,02 9,03 9,04 9,05 9,06 9,07 9,08 9,09 9,10 9,11 Wall, Mick (2007). „W. Axl Rose - Chapter Nine - You Are All Little People“. MickWall.com. Архивирано од изворникот на 2014-02-18. Посетено на 2011-06-06.
  10. Wall, Mick (1990-04-21). „Stick to Your Guns“. Kerrang. Посетено на 2011-06-06.
  11. 11,0 11,1 James, Del (ноември 1992). „I, Axl – Part III“. RIP. Архивирано од изворникот на 2002-07-19. Посетено на 2011-06-06.
  12. 12,0 12,1 12,2 Sischy, Ingrid (мај 1992). „Axl: The Rose Grows“. Interview. Архивирано од изворникот на 2011-06-05. Посетено на 2011-06-06.
  13. 13,0 13,1 MTV Rockumentary: Guns N' Roses. [Television production]. MTV. 1989. 
  14. 14,0 14,1 14,2 14,3 14,4 14,5 James, Del (август 1989). „The Rolling Stone Interview with Axl Rose“. Rolling Stone. Посетено на 2011-06-06.
  15. 15,0 15,1 15,2 „The Quotable Guns N' Roses“. Superteen. 1989. Посетено на 2011-06-06.
  16. Sullivan, John Jeremiah (септември 2006). „The Final Comeback of Axl Rose“. GQ. Посетено на 2011-06-06.
  17. 17,0 17,1 „Geffen - Izzy Stradlin Biography“. Geffen. 1998. Архивирано од изворникот на 2011-10-31. Посетено на 2011-06-06.
  18. 18,0 18,1 18,2 18,3 Sugerman, Danny (1991). Appetite for Destruction: The Days of Guns N' Roses. St. Martin's Press. ISBN 0-312-07634-7.
  19. 19,0 19,1 19,2 19,3 Kuipers, Dean (септември 1991). „Guns N' Neuroses“. Spin. Посетено на 2011-06-06.
  20. „Axl Rose: Pre-GN'R Record to be Released“. Ultimate Guitar Archive. 2006-02-03. Посетено на 2011-06-03.
  21. Erlewine, Stephen Thomas. „Allmusic – L.A. Guns“. Allmusic. Посетено на 2011-06-03.
  22. Spurrier, Jeff (1986-07-06). „Guns N' Roses: Bad Boys Give It Their Best Shot“. Los Angeles Times. Tribune Company.
  23. Erlewine, Stephen Thomas. „Allmusic - The Roots of Guns N' Roses“. Allmusic. Посетено на 2011-06-03.
  24. 24,00 24,01 24,02 24,03 24,04 24,05 24,06 24,07 24,08 24,09 24,10 24,11 Spitz, Marc (јули 1999). „Just a Little Patience“. Spin. Посетено на 2011-06-03.
  25. Wiggins, Keavin (декември 2003). „Antitorial - Appetite for Destruction“. Antimusic.com. Посетено на 2011-06-05.
  26. „Guns N' Roses New Album Looms“. Sky News. 2008-10-23. Посетено на 2011-06-05.
  27. 27,0 27,1 „Top 100 Albums“. RIAA. Посетено на 2011-06-05.
  28. Anthony, James (2007-03-22). „Tour Commandments: Pants projectiles are no excuse for cancelling shows“. The Guardian. Guardian News and Media. Посетено на 2011-06-06.
  29. Goldstein, Patrick (1989-10-15). „Behind the Guns N' Roses Racism Furor“. Los Angeles Times. Tribune Company.
  30. Wall, Mick (2009). W.A.R. The Unauthorized Biography of William Axl Rose. St. Martin's Press. стр. 161–162. ISBN 978-0-312-54148-4.
  31. Loder, Kurt. (1990). Famous Last Words: Axl Rose. [Television production]. MTV. 
  32. Neely, Kim (1991-09-05). „Guns N' Roses: Outta Control“. Rolling Stone.
  33. 33,0 33,1 33,2 33,3 33,4 33,5 Kent, Nick (2003-01-03). „Meltdown“. The Guardian. Guardian News and Media. Посетено на 2011-06-05.
  34. Neely, Kim (1991-08-22). „Fans Riot at Guns Show“. Rolling Stone.
  35. 35,0 35,1 „Izzy Stradlin Interview with Musician“. Musician. Billboard Publications Inc. 1992. Архивирано од изворникот на 2012-03-11. Посетено на 2011-06-05.
  36. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име <ref name=.
  37. „Riots Erupts at Concert Starring Guns N' Roses“. New York Times. 1992-08-11. Посетено на 2011-06-05.
  38. „Guns 'N' Roses returns to Montreal: No riot this time“. CTV Montreal. 2010-01-28. Архивирано од изворникот на 2010-04-06. Посетено на 2011-06-18.
  39. „November 10, 1992: Axl Rose is found guilty of property damage“. ThisDayInRock.com. Посетено на 2011-06-17.
  40. Bienstock, Richard (2009-01-29). „Last Gigs: Slash with Guns N' Roses“. Guitar World. Посетено на 2011-06-05.
  41. 41,0 41,1 „Welcome to the Jungle: A Timeline of Axl's Return to the Road“. Classic Rock. февруари 2003. Посетено на 2011-06-10.
  42. Sutcliffe, Phil (мај 2001). „Didn't You Used to be Axl Rose?“. Q. Посетено на 2011-06-05.
  43. Lee, John (2002-11-11). „Singer Blames Venue for Roses Riot“. BBC. Посетено на 2011-06-10.
  44. Wiederhorn, Jon (2004-05-04). „Axl Rose Sued By Ex-Guns N' Roses Bandmates“. MTV. Архивирано од изворникот на 2011-01-20. Посетено на 2011-06-11.
  45. Bliss, Karen (2006-01-18). „Axl Rose Breaks His Silence on 'Chinese Democracy'. Rolling Stone. Посетено на 2011-06-10.
  46. Kaufman, Gil (2006-12-15). „Axl Rose Sets 'Chinese Democracy' Release Date, Apologizes for Delay“. MTV. Архивирано од изворникот на 2012-11-07. Посетено на 2011-06-10.
  47. „Angel Down Review“. Ultimate Guitar Archive. 2007-11-20. Посетено на 2011-06-10.
  48. Michaels, Sean (2008-10-10). „Guns N' Roses' Chinese Democracy Release Date Set“. The Guardian. Guardian News and Media. Посетено на 2011-06-05.
  49. Bingham, John (2008-12-02). „Axl Rose absence blamed for failure of Chinese Democracy to hit top spot“. Daily Telegraph. Посетено на 2011-06-10.
  50. „Axl Speaks!“. Classic Rock. 2008-12-12. Посетено на 2011-06-10.
  51. Cohen, Jonathan (2009-02-06). „Axl Rose Speaks“. Billboard. Посетено на 2011-06-10.
  52. „Duff McKagan Joins Guns N' Roses on Stage in London!“. Blabbermouth.net. 2010-10-14. Архивирано од изворникот на 2011-03-12. Посетено на 2011-09-28.
  53. Montgomery, James (2011-09-21). „Guns N' Roses to Launch First U.S. Tour in Five Years“. MTV.com. Архивирано од изворникот на 2011-09-24. Посетено на 2011-09-28.
  54. 54,0 54,1 54,2 54,3 54,4 54,5 54,6 54,7 54,8 Dougherty, Steve (1994-07-18). „Bye Bye Love“. People (magazine). Посетено на 2011-06-11.
  55. 55,0 55,1 James, Del (април 1989). „The World According to W. Axl Rose“. RIP. Посетено на 2011-06-11.