Песнопојни

подред птици
(Пренасочено од Passeri)
Песнопојни

Песнопојни или песнопојки (научPasseri) — подред птици од редот на врапчевидните (Passeriformes) со преку 5.000 вида[1][2] распространети низ целиот свет, чиј гласилен орган е способен да произведува разновидни и сложени огласувања или „песни“.

Песнопојни
Период: ипрес - денес
Обичен трскар
(Acrocephalus arundinaceus)
Песна на обичната врапчешка стрнарка (Spizella passerina)
Научна класификација [ у ]
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Подред: Песнопојни
Linnaeus, 1758
Семејства

многу (во текстот)

Синоними

во текстот

Преселничкиот дрозд е типичен член на своето семејство по својата сложена и постојана песна, составена од одделни единици кои ги повторува со прекини.
Песна на славејче. Славејчињата пејат и дење и ноќе. Се смета дека дневната песна е додворлива, а квечерната е територијална.

Овие птици сочинуваат една од двата големи соја на врапчевидните птици, од кои другиот го чинат пискалките (Tyranni), кои се најразновидни во неотропите, но отсутни во многу краишта на светот. Пискалките имаат поедноставна гласилна мускулатура; иако нивното огласување е подеднакво сложено и изразено, истото има помеханички звук. Третиот помал сој го претставуваат новозеландските палчиња (Acanthisitti), од кои денес преостануваат само два вида.[3] Постојат наоди дека песнопојните птици се појавиле пред 50 милиони години во оној дел на суперконтинентот Гондвана од кој подоцна се одвоиле Индија, Шри Ланка, Австралија, Нов Зеланд, Нова Гвинеја и Антарктикот, за потоа да се рашират низ целиот свет.[4]

Опис

уреди

Песната на овој клад е во основа територијална. Со неа птицата разгласува која е и каде се наоѓа, но и ја приопштува намерата за размножување. Половата селекција меѓу песнопојните во голема мера се заснова на способноста за подражавање. Најпривлечни се оние мажјаци со најголем репертоар на песни.[5] Ваквите огласувања се поинакви од повиците за тревога или воспоставување гласовни врски, кои се од особена важност за птиците што се хранат во јата и вршат заеднички преселби. Иако речиси сите постоечки птици имаат некакво огласување, добро развиените пејачки можности се присутни само кај песнопојките и уште некои соеви вон нив.

Другите птици (особено неврапчевидните) неретко се огласуваат за да ја зачуваат својата територија и да привлечат женки, но овие нивни песни се прости и повторливи, за разлика од разновидноста на песнопојките. Ваков пример е монотоното повторување на кукавицата или малата барска кокошка споредено со појот на славејчето или блатниот трскар. Сепак, тоа не значи дека сите песнопојни птици имаат милозвучен пој. На пример, враните (Corvidae) општат со гракање и врескање, кое е непријатно за човечкото уво. Некои пак, како лироопашките и потсмевалките имаат извонредна способност да ги повторуваат огласувањата на сите птици, па дури и на неприродните звуци од околината.[6][7]

Семејства

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. IOC World Bird List 5.1. doi:10.14344/IOC.ML.5.1.
  2. Edwards, Scott V. and John Harshman. 2013. Passeriformes. Perching Birds, Passerine Birds. верз. 6 февруари 2013. http://tolweb.org/Passeriformes/15868/2013.02.06 in The Tree of Life Web Project, посет. 11 декември 2017 г.
  3. Barker, F. K; Cibois, A; Schikler, P; Feinstein, J; Cracraft, J (2004). „Phylogeny and diversification of the largest avian radiation“. Proceedings of the National Academy of Sciences. 101 (30): 11040–5. Bibcode:2004PNAS..10111040B. doi:10.1073/pnas.0401892101. JSTOR 3372849. PMC 503738. PMID 15263073.
  4. Low, T. (2014). Where Song Began: Australia's Birds and How They Changed the World. Tyre: Penguin Australia.
  5. Byers, Bruce E; Kroodsma, Donald E (2009). „Female mate choice and songbird song repertoires“. Animal Behaviour. 77 (1): 13–22. doi:10.1016/j.anbehav.2008.10.003.
  6. Tapper, James. „The nation's favourite Attenborough moment“. Daily Mail Online. Associated Newspapers Ltd. Посетено на 18 јуни 2018.
  7. Fleming, Kaitlin. „The Northern Mockingbird: Nature's Copycat“. FSU ornithology: the bird blogs. Посетено на 18 јуни 2018.

Надворешни врски

уреди