Блатен трскар

вид птица
Блатен трскар
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Трскари
Род: Acrocephalus
Вид: Блатен трскар
Научен назив
Acrocephalus palustris
(Bechstein, 1798)
Acrocephalus palustris

Блатниот трскар (научAcrocephalus palustris) е мала врапчевидна птица од семејството на трскарите (Acrocephalidae). Се размножува низ умерена Европа и западна Азија. Таа е птица преселница што зимува претежно во југоисточна Африка. Позната е по широкото присоединување на песните од другите птици во своето пеење.

Оваа птица се среќава претежно во влажни живеалишта, но во Африка зимува главно во суви области со бујна вегетација. Честа птица е во рамките на својот опсег, па дури и го проширува, но во Велика Британија е речиси изумрен вид.[2] Слична е и може да се измеша со многу видови од неговиот род, но ја разликуваме по специфичното пеење на мажјакот кој ги имитира песните на другите птици.

Опис

уреди

Блатниот трскар е среден по големина од својот род. Долг е околу 13 см, има распон на крилјата 17-21 см и тежи околу 11-14 грама. Одозгора е кафеавосивкав, а одоздола жолтеникавобел. И вратот и грлото се белкави. Клунот му е остар. По својот надворешен изглед е многу сличен на неколку други трскари, како што е на пример, трскарот рогозар кој, исто така, живее на влажни места и е распространет на истиот опсег. Но, пеењето на мажјакот е карактеристично и корисно за идентификација, зашто ниту еден друг вид од родот не ги имитира другите птици во значаен степен. Покрај тоа, оваа птица не ги фаворизира трските (рогозини) коишто се, пак, омилено живеалиште на трскарот рогозар.[3]

Видот е монотипичен и нема значајни географски варијации. Половите се исти.[3] Животниот век му е околу 9 години.

Распространетост и живеалиште

уреди

Блатниот трскар се размножува во умерениот појас на Европа и западна Азија и зафаќа области со континентална клима. Главно живее во низините, но се случува да се сретне и до 3.000 метри надморска височина во Грузија. Во последните години го рашири својот опсег до Скандинавија и северозападна Русија.[3]

Во западна Европа главно се среќава на влажни места или сезонски полавени почви со високи треви и млади џбунести врби, па и во урбани средини со слична животна средина. Во источниот дел, се среќава во посувите предели, на падини со грмушки и во близина на мочуришта.[3]

Оваа птица зимува главно во југоисточна Африка од покраината Кејп до Замбија и Малави, во живеалишта со бујна вегетација, од влажни места до такви со густи грмушки и рабови на шуми, на надморска височина до 2.400 м.[3]

Поведение

уреди
 
Блатно трскарче со пиле од кукавица.
 
Cuculus canorus canorus + Acrocephalus palustris

Овој вид е вообичаено моногамен. Има тенденција да избере нов партнер секоја година и не се враќа токму на истото место како претходната. На местата за размножување тие се територијални, каде може да имаат мала колонија. Во Африка живеат сами, и може до извесен степен да ја бранат територијата.[3]

Гнездото е во форма на чашка, направено претежно од ливчиња и стебленца од растенија, во густа вегетација и варира во висината. Несат 3-6 јајца, а обата родитела ги хранат младенчињата.[3] Во континентална Европа видот има кратка сезона на парење, од 52 до 55 дена.[4] Во некои области, во Бугарија, на пример, видот страда од паразитската кукавица.[5]

Пеење

уреди

Блатниот трскар е познат по своето имитирање на пеењето на другите птици од страна на мажјаците и поретко од женките. Најчесто ги имитираат другите врапчевидни птици, но и другите, а особено мочварките и гулабите. Секој мажјак вклучува имитации од околу 75 други видови во своето пеење, а многу од нив се од африканските птици. Сето учење е веднаш по испилувањето, првото лето и зимување. Повиците и песните што ќе ги чуе подоцна не ги вклучува во својот репертоар. [3] Женките имаат поедноставна песна, без имитации, и вклучува голем број повици.

Исхрана

уреди

Оваа птица се храни претежно со инсекти, како и со пајаци и поретко со полжави. Генерално, инсектите ги собира од растенијата, а понекогаш на земја или во воздух. Наесен може да јаде и бобинки, но поретко.[3]

Наводи

уреди
  1. BirdLife International (2012). Acrocephalus palustris. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. British Trust for Ornithology, BirdFacts: Marsh Warbler accessed 21 February 2010.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Birds of the Western Palearctic interactive (DVD-Rom). Oxford University Press and BirdGuides Ltd. 2006.
  4. (Leisler, B. & Wink M. (2000). „Frequences of multiple paternity in three Acrocephalus species (Aves Sylviidae) with different mating systems (A. palustris, A. arudinaceus, A. paludicola)“ (PDF). Ecology, Ethology and Evolution. 12: 237–49.
  5. Antonov, Anton; и др. (2006). „Egg rejection in Marsh Warblers (Acrocephalus palustris) heavily parasitized by Common Cuckoos (Cuculus canorus)“. The Auk. 123 (2): 1801–35.

Надворешни врски

уреди