Баба Ванѓа

(Пренасочено од Baba Vanga)

Андромаха Евангелија[1] Сурчева,[2] попозната како Баба Ванѓа[3] (Струмица, 3 октомври 1911[4]Софија, 11 август 1996) — позната македонска јасновитка и мистик.[5][6][7] По нејзиниот брак, таа го добила презимето Гуштерова. Најголем дел од нејзиниот живот го поминала во регионот Рупите, во Пиринска Македонија, Бугарија. Верниците во неа ѝ припишуват дека имала можност за предвидување, претскажување, разговарање со цвеќиња и мислено да посети различни места на земјава. Инаку, многу ја сметале и за лажна. Денес, голем број информации, од кои и повеќето се спорни, можат да се најдат во книгата посветена за неа, а напишана од нејзината внука.

Баба Ванѓа
Родена 3 октомври 1911
Струмица, Солунски Вилает, Отоманско Царство
Починала 11 август 1996 (возр. 84)
Софија, Бугарија
Занимање јасновитка

Таа ја знаела точната дата на својата смрт, и пред да почине, рекла дека дарба како нејзината наследило 10-годишно слепо девојче што живее во Франција и за кое наскоро ќе слушнеме. Рекла, исто така, дека била ќерка на последната македонска кралица — фараонката Клеопатра.[3]

Животопис

Заднина

Андромаха Евангелија Сурчева е родена на 3 октомври 1911 година во Струмица, тогашно Отоманско Царство, денес Македонија. Родители ѝ биле Македонците Панде (Пандо) Сурчев (член на ВМОРО) и Параскева Сурчева.[8] Таа се родила седмаче (два месеци предвреме) и страдала од здравствени усложнувања. Во 1911 година, Струмица сè уште била дел од Отоманското Царство. Градот бил економски, административен и културен центар на овој дел од веќе расклатената османска држава. На една година пред почетокот на Првата балканската војна, таа била центар и на друга, пострашна војна...

Струмица тогаш броела 23.000 жители и била поделена на две боишта. Иако тие не наликувале на фронт, сепак имало вистински жртви. Првото боиште била црквата Свети Димитрија, која се наоѓала на денешното училиште Маршал Тито, и наспроти неа, црквата Свети Кирил и Методиј. Таа војна земала големи размери, што и двајцата метрополити — патријаршискиот Арсениј и егзархискиот Герасим — на местото каде што се наоѓал Градскиот плоштад, воделе војна за секое новородено дете што требало да се крсти. Таков бил случајот и со Баба Ванѓа.

Тогаш струмичани, за разлика од другите православни христијани, ги крштевале своите деца веднаш откако ќе наполнеле четириесет дена. Евангелија Сурчева всушност не се родила како Евангелија, туку со нејзиното прводадено име Андромаха, кое во тоа време било нормално име за женско дете што припаѓа на семејство, и е дел на Грчката црква. Ова значи дека малата и болникава Андромаха, е родена на времето кога тогаш се наоѓала грчката црква Свети Димитрија. Во патријаршиската црква, службен јазик за општење и богослужење бил грчкиот јазик. Оттаму, сите нејзини членови биле запишувани како Грци. Ако се следи раната традиција за крштевање на деца, заради смртноста на новороденчињата, со тоа се знае дека детето на Панде и Параскева — Андромаха Сурчева — била покрстена и пред да наполни четириесет дена.

Летото 1913 година, откако станало јасно дека фронтот помеѓу непријателските грчки и бугарски војски ќе се протега јужно, на четириесет километри од градот Струмица, Грците морале да заминат. На заминување, за да не го остават градот на Бугарите, го запалиле и изгореле речиси до темел. Во тој бес и немоќ, настрадале 1.900 струмички установи, скоро сите лични куќи, дуќани, бањи, трите патријаршиски цркви и една синагога, заедно со околните тогашни гркомански (под Грција) села како Вељуса, и патријаршискиот познат манастир Елеуса. Иако бабиците ја прежалиле Андромаха, сепак за чудо, упорноста на мајка ѝ Параскева се исплатила. Една мартовска ноќ, бебето престанало да плаче — спокојството во сон ѝ го донело заздравувањето. Тоа за семејството Сурчеви била првата радосна вест. И спротивно на сите и световни, и христијански норми и начела, донеле решение детето веќе крстено Андромаха (грчки: Ἀνδρομάχη — маж што се бори; машка борба), да го прекрстат во Евангелија, што значи „во добра вест“ за нив, а и за светот. Така, Ванѓа го добила своето второ име, односно своето второ преродување (самоличност).[9]

Исцелителски способности

Баба Ванѓа лекувала со природни лекови од растенија и цвеќиња, затоа што сметала дека премногу апчиња не дозволуваат организмот сам да се избори против болеста. Исто така препорачувала луѓето кои применуваат природни лекови, да користат растенија и билки од средината и земјата каде живеат.

Таа не се плашела од смртта и велела дека не постои смрт. „После смртта телото се распаѓа, како и сè што е живо, но делот од телото, душата или како да го наречам, не се распаѓа. Зборувате за повторно раѓање? Не знам што е тоа. Она што останува од човекот, тоа е душата, која продолжува да се развива во повисоки нивоа и тоа е нејзината вечност“, вели таа во разговор со еден човек од театарот.[се бара извор]

Баба Ванѓа сметала дека човекот се раѓа за да прави добри дела. Според неа ниедна лоша работа која ја направил човекот, не останува неказнета. Секогаш следува казна, ако не на оној кој сторил лошо, се одразува на неговите деца.[се бара извор]

Претскажувачки способности

Нејзините способности за предвидување се појавиле откако останала слепа како мало девојче и оттогаш многу луѓе ја барале нејзината помош.

Нејзината дарба како јасновитка и претскажувачка била посебна.[10] Таа видела многу работи и покрај тоа што била слепа, можела да зборува со цвеќињата и да посетува различни места на земјата. Баба Ванѓа ги објаснила своите исклучителни способности, со присуство на невидливи суштества на кои не им го знаела потеклото. Тие ѝ ги давале информациите за луѓето, и нивниот живот ѝ бил како филм пред неа од нивното раѓање па сè до смртта..

Таа зборувала за иднината иако не сакала. Според нејзините кажувања, за 200 години човекот ќе оствари контакт со браќа по умот од други светови. Дури велела и дека многу вонземјани живеат на Земјата со години и дека се од планетата која на нивен јазик се нарекува WAMFIM и тоа е трета планета од Земјата.

Наводи

  1. Се среќаваат и облиците — Еванѓелија, Вангелија, Ванѓелија.
  2. Се среќава и како Евангелија Пандева Сурчева (Пандева доаѓа од татковото име). Сурчева е од презимето на нејзините родители (се води од таткото). Откако се омажила, го променила презимето и се викала Евангелија (Вангелија) Пандева Гуштерова. Андромаха ѝ било првото дадено име, но не ја нарекувале така, туку како Ванѓа — скратен облик — а по тоа име е и позната.
  3. 3,0 3,1 „Баба Ванѓа: Последниот македонски пророк“. Канал 5. 29 ноември 2014. Архивирано од изворникот 2022-05-09. Посетено на 2022-05-08.
  4. Во некои наводи е наведено 31 јануари 1911 како нејзино раѓање, но во нејзиниот пасош пишува 3 октомври 1911.
  5. „Вистината за Баба Ванѓа: Официјален документ потврдува дека е Македонка (ФОТО)“. Архивирано од изворникот на 2022-01-07. Посетено на 2022-01-07.
  6. Стојановска, Христина (2020-11-21). „Баба Ванѓа е Македонка“. Граѓански збор. Архивирано од изворникот 2022-05-11. Посетено на 2022-05-11.
  7. „Промовирани две книги за Баба Ванѓа од Фимка Гогова Михајлова“. strumicanet.com. Архивирано од изворникот 2022-05-08. Посетено на 2022-05-08.
  8. „Таткото на Баба Ванѓа бил Комита, а партизанот Васил Сурчев ѝ бил брат“. Република. 2021-09-19. Архивирано од изворникот 2022-05-08. Посетено на 2022-05-08.
  9. Баба Ванѓа: Последниот македонски пророк 1. дел на YouTube
  10. „Ванѓа бие претседателот Медведев за ТВ-рејтинг во Русија“. Архивирано од изворникот на 2011-09-07. Посетено на 2011-08-27.

Галериjа

Надворешни врски