Карл Фридрих Шинкел

германски архитект и сликар
(Пренасочено од Шинкел)

Карл Фридрих Шинкел (германски: Karl Friedrich Schinkel; 13 март 17819 октомври 1841) — пруски архитект, урбанист, сликар, сценограф и меблист. Своевремено бил меѓу најважните архитекти во Германија, со неговите неокласични и неоготски зданија.[1]

Шинкел во 1826 г.
Стариот музеј во Берлин.
Црквата „Фридрихсвердер“.
Гробот на Шинкел во Берлин.

Животопис

уреди

Шинкел е роден во Нојрупин во Маркгрофовијата Бранденбург. На шестгодишна возраст го изгубил татка си, во катастрофалниот пожар во Нојрупин. Учел архитектура во Берлин кај Фридрих Жили (1772–1800) (станале блиски пријатели) и татко му, Давид Жили. По првата посета на Италија во 1805 г, Шинкел се вратил во Берлин и почнал да работи како сликар. Во 1816 г, работејќи како сценограф, ја изработил ѕвездестата позадина за сцената со „Кралицата на ноќта“ од Моцартовата опера „Волшебната флејта“. При посета на берлинската уметничка изложба, Шинкел ја здогледал сликата „Талкач над морето од магла“ од Каспар Давид Фридрих и заклучил дека самиот тој никогаш нема да стане таков мајстор, па конечно се насочил кон архитектурата. По поразот на Наполеон, Шинкел бил назначен на чело на Пруската градежна комисија. На оваа функција бил задолжен да го преуреди сè уште невелелепниот град Берлин и да го претвори во достојна метропола на Прусија. Работел и на поголеми задачи, водејќи крупни градежни проекти ширум проширените пруски територии од Рајнската област на запад до Кенигсберг (Калининград) на исток.

Во периодот помеѓу 1808 и 1817 г. Шинкел го обновил замокот Розенау во Кобург во неоготски стил.[2]

Во најактивниот период, Шинкеловиот стил се одликува со осврт кон старогрчката наместо римската архитектура, сакајќи да се држи што понастрана од стилот на француските окупатори. Неговите најпознати зданија се наоѓаат во и околу Берлин. Тука спаѓаат Новата стражарница (1816–1818), Концертниот дом (тогашен Драмски театар) (1819–1821) на плоштадот Жандарменмаркт, како и Стариот музеј на Музејскиот Остров (1823–1830).

Подоцна во кариерата, Шинкел сосем се оддалечил од класицизмот и почнал да работи исклучиво во неоготски стил, започнувајќи со црквата Фридрихсвердер (1824–1831). Градежната академија (1832–1836) — најиновативното Шинкелово здание, кое ги отфрла историските традиции и гравитира кон „модернистичка“ архитектура која се јавува во Германија дури на почетокот на XX век.

 
Скица за Драмскиот театар во Берлин (денес Концертен дом)

Творештво и значење

уреди

Карл Фридрих Шинкел е особено значаен по бројните теоретски трудови и нацрти, наспроти релативно малкуте објекти изведени по негова замисла. Неговите најголеми доблести се забележуваат во плановите за неостварената препобразба на атинскиот акропол во кралски дворец за новото Кралство Грција и дворецот Оријанда на Крим. Овие, и други проекти се обработуваат во неговите дела „Збирка од архитектонски нацрти“ (Sammlung architektonischer Entwürfe, 1820–1837) и „Дела на вишата градежна уметност“ (Werke der höheren Baukunst, 1840–1842; 1845–1846).

Познат е и како автор на изгледот на славниот пруски медал „Железен крст“, подоцна прифатен за цела Германија.

Се смета дека поради лошата политичка ситуација, француската окупација и зависноста на прускиот крал) и неговата релативно рана смрт, поради која тој не доживеал да го види големиот индустриски процут на Германија во втората половина на XIX век, Шинкел впрочем воопшто не го остварил својот вистински потенцијал кој е воочлив од неговите нацрти.

Поврзано

уреди

Литература

уреди
  • Karl Friedrich Schinkel 1781 - 1841: the drama of architecture, уредн. John Zukowsky. With essays by Kurt W. Forster and Wolfgang Pehnt, ISBN 0-86559-105-9.
  • Jörg Trempler: Schinkels Motive. Matthes & Seitz, Berlin 2007, ISBN 978-3-88221-866-4.
  • Christoph Werner: Schloss am Strom. Die Geschichte vom Leben und Sterben des Baumeisters Karl Friedrich Schinkel. Bertuch-Verlag, Weimar 2004, ISBN 3-937601-11-2.

Наводи

уреди
  1. Шинкел, Карл Фридрих на еncyclopedia.com (англиски)
  2. Charles Quest-Ritson, 'Coburg: Schloß Rosenau', во Gärten in Deutschland, стр. 64 (германски)

Надворешни врски

уреди

  Chisholm, Hugh, уред. (1911). „Schinkel, Karl Friedrich“ . Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press.

  • Carter, Rand. „Karl Friedrich Schinkel, The Last Great Architect“. Prefatory essay from Collection of Architectural Designs including those designs which have been executed and objects whose execution was intended by Karl Friedrich Schinkel (Chicago: Exedra Books Incorporated, 1981)