Шервуд Андерсон
Шервуд Андерсон (англиски: Sherwood Anderson, 1876-1941) — американски писател.
Животопис
уредиАндерсон е роден во местото Клајд, во Камден, во сојузната држава Охајо. Не успеал да го доврши своето образование, зашто бил принуден да работи за да го издржува семејството. Некое време бил успешен менаџер во една фабрика за бои, но во 1912 година наеднаш ги напуштил работата и семејството (тој бил татко на три деца) и се преселил во Чикаго со цел да се посвети на пишувањето.[1] Во 1918 година, Андерсон си дал отказ од работата така што напишал писмо до директорот на агенцијата за маркетинг, Тејлор Кричфилд (Taylor Critchfield Co.) во кој за себе нашишал: „Но, Андерсон, всушност, не е продуктивен. Како што реков, не е со целото срце во оваа работа. Мислам дека би тебало да го отпуштите, а ако вие не сакате да се занимавате со тоа, би сакал да ми дадете дозвола јас да го отпуштам. Затоа, предлагам да го замолиме Андерсон да ја раскине својата врска со друштвото уште од првиот ден на следната седмица. Тој е симпатичен тип. Ќе го пуштиме низ вода нежно, но сепак ќе се ослободиме до него.“[2]
Творештво
уредиАндерсон е дел од познатата „изгубена генерација“. Не толку со својот книжевен стил, колку со ставовите и со начинот на живеење, односно со бунтот против стандардизацијата на животот во индустриската цивилизација, тој извршил значајно влијание врз неколку американски писатели, вклучувајќи ги Ернест Хемингвеј и Вилијам Фокнер. Неговото најпознато дело е „Вајнсбург, Охајо“, но покрај него, Андерсон напишал и повеќе романи, како што се: „Синот на Винди Мекферсон“ (1916), „Луѓе во марш“ (1917), „Сиромашниот белец“ (1920), „Многу бракови“ (1923), „Мрачниот свет“ (1925) итн.[3]
Осврт кон творештвото на Андерсон
уредиПроцесот на индустријализација и масовното производство оставиле големо влијание врз творештвото на Андерсон, кој сметал дека брзиот технолошки напредок создава мутација на карактерот и психата, зашто го оддалечува човекот од неговото вистинско, природно битие. Така, во својата книга со мемоарска проза „Приказната на раскажувачот“ (A Story Teller's Story) од 1924 година, Андерсон пишуав дека војната е само „побеснет индустријализам“ кој води кон „стандардизација на луѓето“, каде „сè мора да биде направено како од машина и што е можно повеќе обезличено“, а резултатот е поразителен — луѓето се претвораат во гротески.[4]
Голем број модернисти искажувале восхит кон делото на Андерсон и со почит го признавале неговото влијание. На пример, Ернест Хемингвеј, во еден текст од 1935 година, книгата „Вајнсбург, Охајо“ ја ставил на списокот книги, заедно со делата на Достоевски, Ман, Флобер, Толстој, Твен итн., кои „попрво би ги читал повторно за првпат... отколку да имам сигурен приход од милион долари годишно.“ Во 1936 година, Скот Фицџералд, по обидот за самоубиство, на медицинската сестра ѝ дал список од 22 книги како „неопходно четиво“, меѓу кои се наоѓало и делото „Вајснбург, Охајо“. Во една од работните верзија на својот говор по повод добивањето на Нобеловата награда, Вилијам Фокнер напишал дека Хемингвеј, Дос Пасос, Томас Вулф и себеси дека се „деца на Шервуд Андерсон“. Едноставноста, непосредноста и вернакуларноста на стилот на Андерсон претставувале голем книжевен исчекор во моменот кога се појавил тој. Неговото слободно и отворено занимавање со темите на сексуалноста, лицемерието, порочноста и религиозниот фанатизам довело до поцелосна, посодржајна и изнијансирана книжевна разработка на човековата состојба. Секој негов јунак е т.н. „мал човек“, кој не може да влијае врз историските процеси, туку само да ги трпи нивните последици.Неговиот книжевен јунак толку лесно може да се препознае и денес: отуѓувањето, недоразбирањето, неможноста да се држи чекор со техничкиот прогрес ги поврзува житлеите на Андерсоновиот Вајнсбург и жителите на денешниот свет.[5]
Наводи
уреди- ↑ Šervud Anderson, Vajnsburg u Ohaju. Beograd: Kontrast, 2022.
- ↑ Danilo Lučić, „Kako su ljudi postale groteske“, во: Šervud Anderson, Vajnsburg u Ohaju. Beograd: Kontrast, 2022, стр. 191.
- ↑ Šervud Anderson, Vajnsburg u Ohaju. Beograd: Kontrast, 2022.
- ↑ Danilo Lučić, „Kako su ljudi postale groteske“, во: Šervud Anderson, Vajnsburg u Ohaju. Beograd: Kontrast, 2022, стр. 193.
- ↑ Danilo Lučić, „Kako su ljudi postale groteske“, во: Šervud Anderson, Vajnsburg u Ohaju. Beograd: Kontrast, 2022, стр. 210-211.